Во пресрет на четвртата годишнина од оној несреќен Преспански договор, среде прекрасната природа во Костурско појдете да ги сретнете Македонците. Во едно прекрасно село, во мала кафе-слаткарница ќе ве сретнат топло добредојде, сладок муабет и прошетка низ историјата. Навидум тоа е најневеројатното место на кое може да ги сретнете ликовите на дедо Кољо војвода, од четата на Чакаларов, партизанката Цвета, која била измачувана и егзекутирана во падините на планината, а од сите други јунаци на светот – Че Гевара! Ѕидовите се украсени со многу други стари фотографии и постери, а зад секоја од нив стои приказна. Приказната ќе ви ја раскаже сопственикот на преубав македонски јазик, а ако нема време за да ја доврши ќе ве покани на вечера за да се доприкажете. Одамна не сум доживеала таков културен шок! Доаѓам од земја во која царуваат (само)цензура и подаништво, во која да се биде прогресивен значи да не се биде Македонец и да се покажува машки задник (вистински). Доаѓам од земја чиј премиер се смее кога му кажуваат дека ќе стане Западна Бугарија, ако не е дел на (идна) голема Албанија. Доаѓам од земја во која е незамисливо она шоу што Вучиќ му го приреди на германскиот канцелар. Но овде среќавам стамен маж, Македонец, фраер со коса фатена во опавче, модерен тип со тетоважа – на левото рамо го носи ликот на Цвета. Кога го дигна ракавот, помислив: „Ете, овде нема тетоважи на Бандера!“
Колку што тој беше расположен да си поприкаже на македонски и за македонските работи, толку кај мене се менуваа чувствата. Час топлина во душата, час восхит, час посраменост… Сакав да останам подолго, но и да побегнам негде да се исплачам. Раскажува тој за семејствата, за тоа дека секое има или илинденец или партизан, или две-три генерации борци и бегалци. Секоја куќа, (не)раскажана приказна. Во некои се живее, други обраснати со бршлен и диви цветови зашто сопствениците/наследниците не смеат да се вратат. Покажува со рака на големата училишна зграда и вели: „Да, има млади, има деца, но во училиштето задолжително испраќаат грчки наставници. Но ние си ја негуваме културата, песните, игрите наспроти сѐ. Порано доаѓаше полиција, нѐ тепаше, бркаше од сретсело, но сега дигнаа раце од нас. Секој 15 август се собираме тука од сите околни села за Голема Богородица, понекогаш има и до 3.000 луѓе. Дојдете и вие, оваа година ќе биде масовно бидејќи поради ковидот две години не бевме се сретнале.“ Би сакала да го доживеам тој настан, бидејќи тие луѓе ми се чинат поживи и повистински Македонци од нас овде, зомбифицирани, апатични, кои си ги заборавиле и предците и борбата за Македонија/македонството. Преку историски славната Клисура ме дочекаа синилото и белилото на Костур. Каде да погледнеш наоколу, планините како да шепотат за некои не толку дамнешни времиња кога немало граници, а кога битката била и национална и социјална. Од дедо Кољо до Цвета, а преку нив здружено во глобалната битка за правда чиј симбол сѐ уште е Че.
Отпосле помислувам, не е ни чудо што Македонците од Егејска Македонија не сакаат нашава држава да им ги брани малцинските права. А ни оние од Пирин не дека некое фајде имаат од (Вардарска/Северна/бивша) Македонија. Нивниот отпор и желба да го зачуваат македонското/македонството никогаш и не престанале. Можеби затоа што се калеле во услови што создаваат јунаци. Единствените што го прокоцкаа и она што го имаа сме ние, „Вардарците“. Не успеваме ни во сопствената државичка да си ги одбраниме правата: ни национални (или веќе само етнички?!), ни социјални, ни политички, ни културни. Распуштени, самобендисани, улулкани во соништа и бајки, а всушност оперирани од чувство на национална гордост, ја разградивме и асномска Македонија, а историјата и идентитетот ги распродаваме на парче. За да станеме Европејци… на Св. Никогаш, а можеби ни тогаш. Кога веќе зборувам низ оваа географско-историска призма и го „делам“ народот, чесно е да кажам дека значаен број од луѓето што останаа Македонци до ден-денешен се потомци на дедо Кољо и Цвета. Тие од својата семејна историја и траума ги црпат силите и достоинството и помагаат жарот да не згасне сосема.
Конески пееше за смачканото племе, но дали нас овде нѐ имал на ум? Дали ние овде станавме бледа копија на нашите предци, кои не се плашеле и знаеле за што се борат? Дали го изневеривме и го изневеруваме нивното историско наследство? Реторички се овие прашања, особено сега во пресрет на годишнините на Преспа, Охрид и бугарскиот договор. И затоа чинот на Ламбе Алабаковски одекна толку силно.
(Впрочем, Битола воопшто не е далеку од Мокрени). А семејните истории се шепотат дома, се пренесуваат од колено на колено и тоа не благодарение на образовниот систем, туку наспроти него. Ако некритички си повторуваме дека Грција и Бугарија се недемократски држави што не ги почитуваат универзалните вредности за човековите и малцинските права, па ги сожалуваме нашинците таму, време е конечно да си кажеме дека ние живееме во самоокупација. Божем наши, а нѐ управуваат туѓи (марионети). Можевте на купче да ги видите во Охрид минатата недела како се умилкуваат пред Сорос Јуниор, а потоа се превиткуваат пред германскиот канцелар Шулц. (Патем, кога последен пат нѐ посети германски канцелар, тоа не заврши добро. Се сеќавате на Меркел во Скопје во почетокот на јуни 2018 година, пред референдумот?) Сцената во Солун не е знак за примитивен хумор на Рама, туку е слика на тоа како нѐ гледаат соседите – како случај за подбив! Рама спомена идна Западна Бугарија како шега, ама мојот колега Јан Оберг пред 20 години прогнозираше FROGA – Future Republic of Greater Albania (идна република на голема Албанија). Двајцата се во право.
Мнозина веруваат дека вака нема да може долго, трагаат по знаци на патот што навестуваат пролет. Во мене се судираат надежта и чувството на засраменост. Мерката за „храброст“ овде станала да ставиш „лајк“ кај некој политички некоректен и да те видат оние одозгора дека не си на нивната страна, или да земеш „ризик“ со тоа што ќе напишеш статус на Фејсбук или (обично анонимен) твит. Или колумна… Сцените од масовните протести од Битола (без автобуси и без илјадници евра за организација) дејствуваа како толку потребна инјекција за самопочитта кај сите нас. Да видиме колку ќе трае и дали веќе ги гледаме на дело остварени стиховите од песната „Кога падна на Пирина“: „Македонија други ќе роди. Ќе ја ослободат… Мајко Македонијо, други да раѓаш, да те ослободат!“ Мојата генерација ќе биде запомнета по самоокупација на умот и телото во 16 слики. Можеби новите генерации се стасани, време е да им се отстапи историската сцена. Додека сѐ уште се тука… Читам, уште една наша девојка станала професорка на најпрестижен универзитет („Стенфорд“), а јас веќе две ги имам испратено од дома (во Отава и во Монтреал).
Следев дебата на безбедносниот форум во Братислава меѓу западна водителка и индискиот министер за надворешни работи, брилијантниот Џаишанкар. Додека извонредно елоквентно (човекот зборува седум јазици, меѓу кои и јапонски, руски и кинески) ја стави Европа на вистинското место, укажувајќи дека треба да излезе од своето убедување дека нејзините проблеми се светски проблеми, но дека светските проблеми не се нејзини проблеми. Европа треба да сфати дека постои свет надвор од неа и дека тој свет има и свои цивилизациски вредности и интереси. Притоа, кажа нешто што ме здоболи. Одговарајќи на (неинтелигентното) прашање која страна ќе ја избере Индија (САД или Кина, US-led or China-next), тој кажа нешто што можеби открива дека сепак недоволно го познава светот: „Не постои земја на светот што не води сметка за своите интереси, која не носи одлуки балансирајќи помеѓу своите вредности и интереси.“ Ах, си реков, не само што не бил во Македонија (а и што би барал во некоја микроевропска колонија?) туку и не слушнал за нашиот национален мазохизам.
Чинот на Ламбе не смее да се доживее како кулминација или издувен вентил, па да се сведе на ултимативен херојски чин. (Правно, тоа е прекршок, а не кривично дело, но за тоа ќе оставиме адвокатите да се изборат). Чинот што одекна толку силно, бидејќи е нешто што сите го мислиме ама немаме храброст да го направиме, е само симболичка најава дека овде сепак живее народ кому му се спојуваат жичките. Дека зад неговата кроткост се собира оправдан гнев за сите предавства, грабежи, приватизации, богатења и задолжувања… и за газењето на националното достоинство, ама баш на секој чекор! А сето тоа не поради Грците или Бугарите, па ни моќните (САД, Германија или Франција), туку поради неспособните губернатори, кои најмногу работат за туѓи интереси и сопствени џебови. Ние си имаме проблем со нашите и тоа е најголемата болка: Македонец (да) гази Македонец. Не го прашав оној маж од Костурско: како гледа на нас? Дали нѐ сожалува или се потсмева на нашата верба во Св. ЕУ? Тој ја тетовирал Цвета од левата страна, а ние брусиме шахти и споменици! Каков срам сме ние за идните поколенија! Ете, има Македонци и Македонци, со ’рбет и без него.