Во еден убав, дождлив пролетен ден во Амстердам, прашува новинар од првиот ред на пресот за медиумите:
– Дали таков свештеник навистина постои или е тој фикција?
Разговор со авторите по претпроекцијата на филмот е обврзен дел од фестивалската програма и убава можност за претставување и дополнување на портфолијата и простор за дообјаснување на естетските намери и цели на проектите. Прашање, кое ако се земе продлабочено, подалекосежно… е пред сѐ голем комплимент, особено за режисер на краткиот метар, следува одговор. Тоа во некоја рака е добар знак дека авторот заедно со актерите и креативниот тим успеал да ја издигне својата фикција до степен на документарна уверливост и да ја вовлече публиката во приказната. Неколку нови лица на пресот влегуваат, го насочуваат вниманието во дискусијата. Понекој блиц и понекоја прибелешка во нотесите.
Чарли Паркер е глобален мит и, знаете, тоа е една убава јадица да се продаде приказна – го започнувам својот одговор во вид на вешто интелектуално обопштување, со што при такви ситуации и нестандардни прашања се добива во време и се бара начин како да се заобиколи вистинскиот одговор.
Ако се има предвид, светот на приказните, како суверена и креативна зона, сите содржини се возможни и вистински. А дали таков необичен свештеник навистина постои и дали е можно негова фасцинација од легендарниот алт-саксофонист Чарли Паркер да е реалност…, зошто да не – одговорам неодредено. По малку збунет од неочекуваното прашање, погледнувам преку сите во прес-салата на фестивалот и за миг го фаќам погледот на мојот продуцент Горјан Тозија, кој е меѓу присутните. Од движењето на неговите усни успевам да прочитам – „постои“. Подзастанувам за миг, се чешам по увото и продолжувам. Тоа е една од конкретните последици на Големата шизма. Десет века источните христијани ја практикуваат вокалната литургија, ползувајќи ги сопствените грла и ограничените можности на сопствениот глас како инструмент. Во исто време во недрата на Западната црква, во содејство со звуците на оргулите и клавирчембала се создадени прекрасните творби на Палестрина, Бах, Хендл…
Што се однесува до конкретното прашање, дали таков духовник е возможен? – одговорот е: – Да, постои, тоа е вистински лик. Таков свештеник живее и работи во древниот Лесновски манастир, во библиска Македонија – се обидов да го искористам моментот и да поентирам. Околината на древниот манастир посветена на св. архангели Михаил и Гаврил е изградена на постари темели и живописана во 1341 година, а уметноста на џезот, е нешто како македонското фрескосликарство – сликање на фрески и композиции во црквите и манастирите врз врел малтер. За тоа се потребни големо знаење, разбирање, мајсторство… она што ќе се отсвири, наслика, претстави е неповторливо – нема враќање, повторување… неповторливиот македонски пејзаж е вистинска инспирација и почва врз која никнале и опстојуваат безброј митови.
А, еве, од оваа куса филмска фикција можете да се уверите дека и неповторливиот легендарен Чарли Паркер, лоциран и во тој митски простор, соодветствува и ѝ прилега на приказната. Мала пауза по изговореното. Во тишината го препознав ехото на сопствената патетика и чувствувајќи го нараснато внимание, вдахновено продолжив..
А што се однесува до свештеникот фан од Лесновскиот манастир, тој пред сѐ во музиката на неповторливите соло-делници на легендарниот алт-саксофонист Чарли Паркер, успева да ја препознае и да ја почувствува слободата на еден свој начин… и одлучува да се обиде преку инструментот да изрази дел од својата духовност, продолжив со несмалена жестина. Моралната чистота и етичката формална недоследност се само дел од причините поради кои одлучува да ја симне свештеничката одора, да ја положи пред велелепниот лесновски олтар, да се распопи и да ја напушти црквата. Мали придвижувања меѓу присутните, прибележувања во нотесите и понекој блиц од фотоапаратите.
А што се однесува до реалната подлога на приказната, нашата Македонска црква на која и јас духовно ѝ припаѓам, има свои епархии и на почвата на Америка, од каде што потекнува и вистинската приказна за Чарли Паркер.
Она што е интересно да се подвлече е динамичкиот карактер на глобалните митови, кои од фантазијата на синеастите изнедруваат уверливи, несекојдневни приказни. Токму за една таква перфекција станува збор и во овој белетристички документарен приказ, инспириран од случувањата на премиерната проекција на филмот „Мојата љубов Чарли Паркер“ на фестивалот ИДФА пред години.
И за крај, мала пригодна одјавна шпица на дел од екипата што не e повеќе меѓу нас, а го создаде овој краток игранo-документарен филм и што во таа дождлива пролет во Амстердам и на голем број фестивали низ светот ја раскажуваше приказната за Лесновскиот манастир и необичниот свештеник џезер. Го посветувам овој кус приказ на актерот Кирил Ристевски, лице што како да беше слезено од некоја средновековна македонска фреска, неговиот начин, уверливост, автентичен приод, леснотија и едноставност до совршенство. Извршниот продуцент Горјан Тозија, човекот што поседуваше вонвременска визија и енергија. Секоја чест на легендарниот Ѓорѓи Ѓеоргиевски-Џокер, филмски професионалец за кој не постоеше задача, обврска или желба што не може да се исполни. Длабока почит за легендарниот неуморен Д.О.П. Драги Таневски со кого направивме голем број документарни проекти. СЛАВА ИМ.