САД, Саудиска Арабија и Јапонија изненадија, изгледаат полетно, борбено, креативно. Англија, Франција, Шпанија и Бразил се моќни, застрашувачки. Велс, Полска, Хрватска и Белгија… некако бледи и здодевни. Аргентина и Германија разочараа. Другите сè уште калкулираат. Ова што се однесува до првото коло, кога вообичаено се тактизира. Ми се допаѓа новата инструкција за судиите. Секој прекин се дополнува до последна секунда. Задржувањето време станува бесмислено и тоа е добро за нас фанатиците. Жал ми е за Бензема, Жота, Мане и другите што не можат да настапат поради повреди, но и тоа е дел од животот на фудбалерите.
Русјаков, значи ќе дрочиш за фудбал и за Катар. Каде што забранија промоција на ЛГБТИкју+ заедницата, а работниците што работеа за бедни пари и во мизерни услови умираа додека ги градеа оние чудовишта од стадиони. Ќе гњавиш со фудбал, со таа глупа игра, каде што дваесет и две будали бркаат една топка, ама затоа заработуваат милиони додека светот гладува.
Да, фудбалот е виновен затоа што светот гладува!
Германците влегоа и излегоа со затворени усти. Пред натпревар, при фотографирање, ја покрија устата, симболично протестирајќи дека им е забрането да промовираат ЛГБТИкју+ права. Потоа Јапонците, кои повеќе се занимаваа со играта, отколку со промоција на политички пропаганди на западната „меѓународна“ заедница, им ја затворија устата на „панцирите“.
Се согласувам со Тадиќ. На фудбалските терени не треба да има политички агенди. Српскиот капитен мисли на постојаното промовирање на ЛГБТИкју+ заедницата и она бесмислено клечење како поддршка за движењето „Блек лајвс метер“. И јас мислам дека сето тоа е крајно лицемерно. Хомофобија и расизам има многу повеќе надвор од стадионите. Фудбалот, сам по себе, е пример за антирасизам. Е, сега, имало расистички испади на некои стадиони. А зошто веќе ги нема во Англија? Да не случајно помогна некоја дебело искеширана кампања? Не! Маргарет Тачер се закани дека ќе го забрани фудбалот ако се продолжи со нецивилизирано однесување на стадионите и сега на моменти имате чувство дека играат во театар.
Фудбалерите можат да бидат хомосексуалци. На гејови не им се забранува да влезат на стадион. И во Катар можат да одат ако сакаат. Е, не можат да мавтаат со нивните знамиња. Не можат во Катар, ама па и фудбалот не е геј-парада. И на геј-паради никој не бара од учесниците да промовираат бадмингтон. На крајот од краиштата, хомофобијата и расизмот не се најголеми проблеми на човештвото. Луѓе, најмногу деца, секојдневно умираат од глад.
Еве ви еден совет! ЛГБТИкју+ заедницата, со сите свои организации, е многу моќна и богата. Годишно за нивната активност се вртат милијарди. Отворете низ светот фудбалски академии, направете во многу држави свои клубови чии дресови ќе бидат во боите на виножитото, ставете имиња со предзнак ЛГБТИкју+ на своите Јунајтед, Реал, Динамо и скаутирајте врвни таленти меѓу децата. Па, ако може Ајакс да има свои академии и клубови на сите континенти, преку кои открива таленти и создава врвни фудбалери, ако може еден Садио Мане сам да гради болници, училишта и школи, па уште им дели месечни плати на своите сиромашни сограѓани, тогаш можете и вие. Ем ќе ја имате промоцијата за вашите права, ем ќе им помогнете на многу талентирани деца од кои сигурно ќе излезат врвни фудбалери. Не, а? Полесно е да се мавта со знамиња, а милијардите да се вртат кај невладини организации, отколку себепромоцијата да се оствари преку помош за оние најзагрозените.
Патем, само на Русите им беше забрането да стигнат до Катар. Русија започна воени операции во Украина и затоа беше исфрлена од квалификациите. Израел постојано има воени интервенции низ Палестина. Саудиска Арабија интервенира во Јемен, Турција во Сирија, Франција низ своите африкански колонии, само што медиумите не јавуваат и никој не ги исфрла од спортските терени. На минатиот Мундијал, САД воено интервенираа во Авганистан, Сирија и Либија и никому ништо. Сигурно интервенирале и во Африка, оти тоа често го прават, ама медиумите не јавуваат, затоа што црните животи за белите прогресивци не се битни, освен ако не станува збор за Афроамериканци, и тоа само кога републиканци се на власт. Америка и нејзините западни сојузници убија милион Ирачани поради хемиско оружје кое се докажа дека не постои, ама никој не им забрани на овие држави да се натпреваруваат. Значи имаме русофобија, што е вид на расизам, и никој не вреска. Лицемери!
Изгледа почесто треба да има светски првенство во фудбал. Оти само за време на мундијалите, вообичаено себичните прогресивни елитисти врескаат за работнички права и како тоа ние сега ќе гледаме фудбал кога работниците умираат градејќи стадиони. Да, да, работници гинат на работно место само кога има мундијал. Инаку живеат во благосостојба како факинг активисти, инфлуенсери и претставници на прогресивното граѓанство. По Мундијалов ќе дојде Нова година, па ќе ги видиме селфијата на загрижениве крај пирамиди, низ Версај или среде облакодерите на Менхетн. Тие зданија инаку ги граделе добро платени работници, кои работеле шест часа во денот. Да не се разбереме погрешно. Работниците и на Исток и на Запад најчесто работат во лоши услови, за минимални плати, ама тоа е секојдневен проблем што мора да се реши, а не да се вреска колку да се вреска, и тоа само за време на мундијали.
Сакам фудбал, се радувам на секое светско првенство, уживам во играта на дваесет и двајца виртуози што бркаат една топка, им се смеам цинично на оние што никогаш не гледаат фудбал, ама мрчат како фудбалерите земале милиони. Па, не гледај филмови, бе, брат! Фудбалерите, патем, меѓу сите светски ѕвезди, се најхумани, затоа што повеќето од нив доаѓаат од крајно сиромашни средини, ама не галамат многу за тоа колку и кому даваат, оти повеќето се верници и знаат дека левата рака не треба да знае што прави десната. Ама не, облекол партиски дрес, навива за политичка партија, се треска од земја по Бајден, Путин, кралицата на Британија, Индусот од Даунинг стрит на кој му го заборавив името, паѓа во несвест по Шолц, Фон дер Лејен, Борел или Сорос, ме тера да гласам за Заев, Ковачевски или Мицковски, а мене ми се смее затоа што ги сакам Меси, Роналдо, Салах, Бензема, Кејн, Мане и сите други фудбалски генијалци. Бркај работа, бе, брат, терај си животот, сестро, барај си ја својата сексуалност, драг мој неутрал џендер, остави нѐ мене глупавиот и глупавите како мене да си ја бркаме топката!