Која е разликата помеѓу храбра личност и кукавица? Не е само стравот тој што прави некој да е кукавица, туку она што всушност го прави човекот кога доживува силен страв. Од друга страна, ако му простуваме некому за доживеаната навреда или траума што ни ја направил, дали тоа значи дека сме куражни? Или, што е тоа што ги карактеризира храбрите луѓе наспроти кукавиците? Сите овие прашања се доста актуелни и често поставувани во современото битисување. Со оглед на домашната атмосфера на заемни несогласувања и критицизми, се надевам дека овој напис можеби барем малку ќе помогне?!
Која е разликата помеѓу да се биде храбар и да се биде куражен? Куражот претставува ментална сила да се соочиш со опасноста, со стравот или со некоја тешкотија, додека храброста е квалитет што некому му дозволува да направи нешто што е опасно или застрашувачко. Или, главната разлика помеѓу овие два поима е што куражот се однесува на ментален квалитет, додека храброста имплицира акција, дека нешто е реално или дека постои вистинска физичка закана. Навистина е голема храброст кога некој учествува во спасување настрадани од некаква катастрофа (војна, земјотрес, поплава…), да се соочиш со стравот што те обзема, а сепак да дејствуваш.
Најчесто ги користиме зборовите храброст и кураж за да опишеме херојски настани. Иако зборовите изгледаат како синоними, тие имаат различни значења.
Куражот со еден збор претставува покажување на морална или ментална сила за соочување со стравот за да се надмине конкретната опасност.
Ви треба пример за храбар чин? Замислете пожарникар што влегува во куќа за да се бори со пламенот и да спасува луѓе што се заробени таму. Тој го потиснува сопствениот страв или размислување за она што би можело да му се случи. Тој е на одредена задача со која верува дека ќе донесе добро. Така, ги остава настрана стравот и грижата за себе, без разлика на физичката опасност со која би можел да се соочи. Постои силна доза на гордост што го покрива концептот на храброст.
Куражот е сличен на храброста, но, сепак, значајно се разликува. Кога сте куражен, постои можен избор и предвидливост за последиците, додека храброста е типично поинстинктивна реакција. Храброста не вклучува многу размислување и се манифестира како некаква „втора“ природа кај оние што ја поседуваат. Со оглед на тоа што куражот е повеќе доблест, делата што некој ги извршува доаѓаат од срцето. Кураж не мора да се појави од отсуството на страв. На пример, помислете на ученик што свесно брани свој другар кој е сајбер-малтретиран, сфаќајќи дека тоа може да предизвика и негово сопствено малтретирање. Во таков случај лицето го прави свесниот избор да дејствува, наместо да ја игнорира настанатата ситуација. Тој така постапува бидејќи тоа е вистинската работа што треба да се направи. Или, поинаку кажано, кураж е дејствување од самопочит за правење вистинска работа. Кога не би се постапувало така како што е правилно, тоа би претставувало вистинско убиство на душата. Ако не е верен на себеси и на другите, човекот е со намалена вредност и на некој начин помалку човек.
Куражот повлекува љубов, страст, емпатија и грижа за другите. Куражот произлегува од внимателноста/насоченоста на умот (mindfulness), за која веќе пишував во минатиот текст, и е нечија одлука да турка напред кон непознатото и покрај сопствените стравови.
Кои би биле атрибутите на луѓето што имаат кураж?
Ако повнимателно ја испитаме суштината на овој поим, ќе откриеме дека три особини — самосовладување, верување и намера — би биле тестовите за кураж. Луѓето може да се храбри, бестрашни, но сепак да не поседуваат кураж. Всушност, личноста што нема чувство на страв може да нема карактеристика на куражна личност. Тоа е затоа што храброста нема морален квалитет, таа е инстинктивна, како кога лавот се насочува кон својот плен. Тој го прави тоа нагонски, за да го задоволи гладот, и таквата храброст е всушност рамнодушност кон заканата.
Ниту една доблесна морална состојба не се постигнува без стремеж кон самосовладување. Ниту еден страв од непознатото не се победува без верба во иднината. Вистински куражен човек е оној што, откако ќе почувствува страв, поседува верување во должноста, волја за дејствување и намерна желба да го победи сопствениот страв и да се соочи со својот непријател. Куражот не е отсуство на страв, туку просудување дека нешто друго е поважно од стравот.
И колку е поголемо исчекувањето на опасноста, толку е повисок квалитетот на куражот, колку повеќе сте постигнале апсолутно самосовладување, толку пофункционален е куражот, затоа што комплетно и разумно ги цените опасностите што сте повикани да ги надминете.
Да објаснам малку како е да се биде личност со кураж поврзано со простувањето на доживеаната траума. Ако некој ве погодил вас лично, зошто е толку тешко да му простите? Мислам дека сè е поврзано со градењето одбранбен механизам за да се заштитите од болката да бидете повторно повредени. Притоа, вие се заштитувате себеси. И по која цена? Држењето на таа лутина е уште поштетно од болката што некој ви ја предизвикал на прво место. Мразењето друг е поголема болка за оној што мрази отколку за оној кого го мразат.
Колку би било полесно кога би можеле само да ги изговорите едноставните зборови „Ти простувам“, за да се доживее вистинско ослободување од болката.
Имајќи сила да ги надминеме огорченоста, стравот, горчината и гневот, правиме свесен избор за да преземаме чекори за искрено простување на другата личност.
Како да најдете кураж да простите кога навредата останува во вашиот ум, тело, душа и причинува одредена емоционална состојба?
Простувањето бара да се ослободиме од минатото и да продолжиме понатаму. Куражната личност се грижи за сопственото ментално здравје и се ослободува самата себе. Од витално значење е да разберете дека поседувате некое добро во најлошата верзија од себе и некое беззаконие во најдобрата верзија од себе. Кога ќе го откриете тоа, помалку сте склони да ги мразите вашите навредувачи. Потребна е куражна личност да каже дека ѝ е жал и уште посилна личност за да му се прости некому. Поради оваа причина, развивањето и одржувањето на капацитетот за простување се од суштинско значење. Вашите грешки се простливи доколку се осмелите да ги признаете. Простувањето започнува со избор да се сакате себеси и да не дозволите гневот да ви го отруе срцето.
Како ја надминува доживеаната траума куражната личност?
Исто како кога некому му простувате, потребен е кураж за да се соочите со доживеаната траума и да се излечите од неа. Треба кураж за да го смените вашиот живот, а тоа ќе ве доведе до посигурно и побезбедно место. И треба кураж да ги надминете сопствените болни емоции и да ги потиснете сеќавањата, со што всушност наоѓате некаква помош во нивното надминување.
Ваквите чувства и сеќавања можат да содржат и вистинска закана за вас во физичка смисла. Така, можеби сте биле застрашени од ситуација кога сте доживеале сообраќајна несреќа или сексуален напад. Кога доживувате траума, вашиот внатрешен свет станува исполнет со кураж, за кој сте се прашувале дали го поседувате? Имањето кураж во самите вас ќе триумфира над доживеаната траума, вие повторно ќе учествувате во сообраќајот или ќе одите сами по улица. Тоа е некако слично како кога религиозните низ молитвата доживуваат ослободување од болката. Па, зарем празникот Прочка во нашата традиција не значел простување на доживеаните навреди или трауми, со цел да се тргне напред?
Да се биде куражна личност е резултат на познавањето на себеси. Траумата никогаш не е нешто што сакаме да се случи. Но подобро е да се соочиш со неа со кураж отколку да дозволиш да те изеде и да се криеш од неа.
Куражот е свесен избор да се надмине тешкотијата, и покрај опасноста и последиците што може да ги предизвика таа. Вие ги разбирате опасностите и сепак ОДБИРАТЕ да се соочите со вашите стравови и да го подобрите вашиот живот.
Куражот дава моќ, тој создава надеж, тој штити животи. Ваквата размисла не значи дека сигурно ќе се промените, но, сепак, дава можност да одлучите каква личност сакате да бидете кога ќе се соочите со стравот и со предизвиците што се пред вас. Има ситуации кога знаете дека можеби нема да успеете. Но вие го правите токму тоа зашто знаете дека тоа е вистинското! И кога ќе погледнете наназад во вашето минато, ќе знаете дека сте живееле како куражна личност. Зарем овие размисли не се полезни и за нашите политичари и соработници? Зарем не треба да си простат за нанесените навреди и заеднички да покажат кураж за идните чекори, за доброто на сите нас.
Нада Поп -Јорданова