Агонијата на ОБСЕ: Скопје како последна опција?!

Се надевам дека нашето „историско“ претседавање со ОБСЕ сфати дека, на крајот на краиштата, оваа организација не може да зборува, а уште помалку да дејствува, без претходна согласност од Москва. Денес тековната војна во Украина создаде невидена ситуација, која резултира со тековен судир меѓу Руската Федерација од една страна и европската и северноамериканските држави на ОБСЕ од друга. Војната во Украина, за Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) не е егзистенцијална раскрсница, како што сака некој да го претстави тоа, зашто ОБСЕ цело време е заглавена во длабока криза својствена за природата на оваа организација.
ОБСЕ како институционализирана форма на западните невозвратени надежи за Русија, кои датираат од 1990-тите, ги загуби сите компаративни предности што ги имаше на крајот од Студената војна. Идејата за сеопфатна безбедност како што беше поставена во основачкиот документ можеби беше доста иновативна во 70-тите години на минатиот век, создавајќи рамнотежа помеѓу политичко-воената безбедност и човечката димензија, но не и за меѓународниот поредок што се градеше по Студената војна во Европа.

Наивно е да веруваш дека годинашното претседавање на Македонија со ОБСЕ ќе донесе некаков пресврт во тивкото умирање на оваа организација. Или ќе му оневозможи на министерот за надворешни работи на Русија, Лавров, да ги повтори и пофали „сопствените принципи“ на ОБСЕ од париската повелба на организацијата за нова Европа (1990), истанбулската повелба за европска безбедност (1999) и декларацијата од Астана „Кон безбедносна заедница“ (2010), како документи што, меѓу другото, зборуваат за „заедничка“ и „неделива“ безбедност за сите земји учеснички и го квалификуваат правото на секоја држава да ги избере своите безбедносни аранжмани со спротивставениот принцип дека таквиот избор не смее да ја загрози безбедноста на другите држави. Верувам дека Лавров и во Скопје ќе продолжи да ја обвинува Северноатлантската алијанса (НАТО) дека ја предизвикува актуелната безбедносна криза во Европа со прекршување на тие политички обврски. Генерално, може да очекуваме дека Москва повторно ќе го инструментализира наследството на „фундаменталните“ документи на ОБСЕ во Скопје, за преобликување на безбедносниот поредок на Европа во корист на Русија. Од една страна Русија ќе се обиде да го искористи ОБСЕ како форум за кодификација на европската безбедносна архитектура, која ќе го намали влијанието на НАТО, додека од друга страна претседавачот ќе се обиде да го спаси ОБСЕ од негова маргинализација и главно церемонијалната улога во преговорите на влијателните меѓународни играчи. Богами, тешка улога за еден доктор. Тука пари и тендери не помагаат.

Очекувано беше дека Македонија како претседавач на ОБСЕ ќе го дозволи доаѓањето на Лавров во Скопје на министерскиот состанок. Очекуван и прагматичен потег, зашто целата организација е во опасност од колапс. Работата на ОБСЕ се заснова на консензус, но Русија сѐ повеќе одбива да игра заедно. Без консензус за нов буџет, се заканува да резултира со де факто колапс на сите активности на ОБСЕ. Уште позагрижувачка е работата на обновување на мандатите на сите тековни мисии и програмски канцеларии. Противењето на Руската Федерација на обновувањето на специјалната мониторинг-мисија во Украина веќе резултира со затворање на ова високопрофилно присуство на ОБСЕ. Со истата судбина може да се соочат и повеќе други мисии – вклучувајќи ги и оние што се занимаваа со досега замрзнати конфликти, како оној во Приднестровје, со што организацијата ризикува прогресивно да го изгуби својот географски отпечаток.

Скопје се oчекува да одговори дали ОБСЕ ќе стане жртва на војната во Украина? Дали ОБСЕ ќе може да научи да научи да живее без Русија, или ОБСЕ ќе умре заедно со Русија? Наивно е барањето на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба од минатата година за привремено протерување на Русија од организацијата. Ваквиот потег иако не би бил без преседан (во 1992 година организацијата привремено ја протерува Република Југославија на неколку години), само ќе ја забрза и ќе ја закопа иднината на организацијата како форум за дијалог меѓу Западот и Истокот. Ако ОБСЕ не може да се одржи во живот околу минимална агенда, неговата пропаст неизбежно ќе одекне од Европа до Централна Азија и пошироко.
Мандатот на Османи истекува во декември, а неговата замена бара едногласна поддршка од членките на ОБСЕ, вклучувајќи ја и Русија. Москва го блокира единствениот кандидат, министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахкна, чија влада ѝ е верен сојузник на Украина. Додека Османи го поддржува естонскиот кандидат – кому му се спротивставуваат само Русија и Белорусија – тој се нуди да продолжи со својата улога „како последна опција“, надевајќи се дека со тоа ќе ја спаси организацијата да не пропадне. Османи вели дека предложил „креативни решенија“ и за буџетот и за столчето за 2024 година, кои сè уште не биле прифатени, без да даде повеќе детали. „Мислам дека имаме уште неколку недели да работиме на наоѓање консензус и потоа, по тој рок, ќе треба да почнеме да донесуваме одлуки“. За какви одлуки станува збор останува да видиме. Една е во најава: Малта е новиот претседавач со ОБСЕ следната година. Османи не е веќе последната опција. Да се надеваме дека на ниту една држава не ѝ е во интерес да ја затвори вратата за одржлив мир во Европа, ниту пак разумно е да се откаже од инструментот за контрола на вооружувањето кога ќе биде потребно. Но, без оглед на сѐ, особено на креативноста на Османи, кризата на ОБСЕ се претвори во чиста агонија. Агонија што ќе трае и понатаму. Сигурно за тоа размислувал Османи кога на претседавањето со ОБСЕ му даде историски предзнак. Сѐ друго е илузија.