Во Библијата, во Стариот завет, јазикот човечки е означуван како оган, најопасен од сите огнови. Уште пророците кажеле дека секое животно, било да е ѕвер, птица, влечуга или морско животно, се припитомува или било припитомено од човекот, но јазикот ниеден човек не може да го припитоми. Тој е мал орган, но може да направи голема штета.
Во еден од псалмите е запишано: сака ли човек да живее и да види добри денови, нека го воздржува јазикот од зло и устата своја од лаги, нека се клони од зло и нека прави добро, да бара мир и да врви по него. Јазикот на безумниот води кон кавга, тој е погибел за него, а устата негова е стапица за неговата душа.
Апостолот Јаков е цитиран до денес затоа што рекол: „Сите ние грешиме, нема безгрешен. Но оној што во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузди и целото тело. Зашто јазикот, иако мал, големи работи зборува. Мал оган што и голема планина запалува. Јазикот никој не може да го скроти, тој е немирно зло и полн со смртоносен отров, а лошиот јазик целото тело го осквернавува“.
Во симболиката јазикот се идентификува со пламенот. Ги има неговиот облик и подвижност. Како орудие на зборот има неограничена моќ, создава и уништува. Го споредувале со мерникот од вагата: тој е оној што суди и пресудува. Во зависност од она што го кажува, јазикот е праведен или опак, благ или дрзок, лажлив или зол. Моќта на јазикот е голема до таа мера што животот и смртта се во негова власт. Кога се спомнува јазикот без додавање некои атрибути, секогаш се мисли на зол јазик. Според стари верувања, зол јазик е една од четирите неволји што го изопачиле светот. Другите три се убивање, блуд и идолатрија. Во таа смисла кај нас е позната поговорката „ем гол, ем зол“.
Еве сега неколку актуелни податоци. Денес во светот постојат повеќе од 2.700 различни јазици, со повеќе од 7.000 дијалекти. Кинескиот јазик е најзборуван по број на луѓе, зад него е aнглискиот. Како вистински мајчин јазик, шпанскиот е втор по бројност во светот. Македонскиот го зборуваат близу три милиони луѓе. Бројот е многу поголем отколку што има домицилно население во сегашна Северна Македонија, имајќи ја предвид раширената дијаспора.
Лингвистиката познава природен и вештачки, жив и мртов јазик, мајчин и странски јазик, службен и литературен, разговорен и пишан, научен и администрaтивен, државен и локален, мнозински и малцински, книжевен и сленг, интелектуален и емоционален, интимен и формален, политички и народски, новинарски и уличарски, да не набројуваме натаму. Но да не ги заборавиме и јазикот на љубовта од една и јазикот на омразата од друга страна, кои тешко може да воспостават рамнотежа.
Во говорот на луѓето има слаткоречив, убав јазик, остар, поган, зол, пис-јазик, тежок, прост, птичји, змиски, женски, таен, масонско-ѕидарски. Дури има и нем јазик на кој луѓето се разбираат во комуникацијата. Има и многу други видови јазици и говорни форми што произлегуваат од нив. Но сепак најраширен, најстар, најраспространет, најефикасен, колку за меѓусебно разбирање толку и за меѓусебно омрзнување и меѓусебно убивање, е еден глобален, непроменлив јазик. Тоа е јазикот на парите – него сите го разбираат.
Секоја култура мора да поседува јазик и секој јазик мора зад себе и во себе да содржи култура. Јазикот и говорот преку него се слика на интелигентно суштество. Го претставуваат човекот како свесно битие, различно од животинскиот свет, како член на општествената заедница и како поединец. Преку него може да се допре до внатрешниот, интимен опис на карактерот на човекот, што го покажува пред другите, преку него се гледа со кого си имате работа. Не е случајна поговорката „по зборот се препознава што човек е тој“.
Наводно, од бога на јазикот му е определено да ја кажува само вистината, но, како и за многу други нешта, луѓето го оддалечиле од божјите намери. Тешко може да се заклучи што е лага, а што е вистина, особено во политиката. Јазикот е орган за вкус, но и за расудување, тој прави разлика меѓу доброто и злото, тој сече, затоа кај некои народи се изедначува со нож или брич. Стари и не случајни се поговорките „злите јазици се пострашни од пиштолот“ и „многумина паднале под сечилото на мечот, но многу е поголем бројот на оние што настрадале поради својот јазик“.
Не е нешто ново ако се каже, но не е одвишок да се повтори, дека и покрај сѐ, над сите нив, на врвот на пирамидата по материјална и духовна важност е јазикот на нацијата, јазикот на државата. Тој е клучен симбол, еден од најзначајните делови од личната карта на државата, на етносот. Говорен и пишан или наречје на тој јазик е составен дел и одраз на духовната и општествена структура на една држава. Јазикот е душата на една култура, на една заедница.
За еден народ јазикот е од судбинско значење и затоа секое непромислено негово наштетување ја погодува целата заедница, тоа длабоко ја нарушува нејзината национална структура и придонесува кон нејзино раслојување, дури до распаѓање и исчезнување. Историјата е полна со примери кога прво исчезнувал јазикот, а потоа народот под името што го носел. Значи, јазикот е неодминлив фактор на национална кохезија. Едно општество се распаѓа кога го напушта својот јазик, оттаму е сфатливо зошто секој народ настојува него да го зачува, да го задржи, да го збогатува и надградува, како гаранција за неговиот идентитет. Посегнувањето кон некој јазик значи посегнување по човечкото битие, непочитувањето на еден јазик значи непочитување на оној што го зборува тој јазик.
Легендите за појавата на различноста на јазиците на народите допираат до најстарите времиња, кога сите луѓе говореле само еден ист јазик. Првата произлегла од градбата на Вавилонската кула, а втората со воскреснувањето на Исус Христос. Изградбата на Вавилонската кула била преамбициозен обид на тогашните луѓе да соѕидаат кула висока до небото и да покажат дека се помоќни од Господ. Истиот тој се спуштил да ги види градот и кулата. Налутен од она што го видел, решил да им ги измеша јазиците, секој да зборува на друг, различен јазик и да не се разбираат еден со друг што зборуваат. И така тие не само што не се разбирале туку почнале и да се караат и Господ ги растурил оттаму по целата земја. Затоа тој град го нарекле Вавилон, што тоа име слободно може да се преведе со зборовите растур, збрка или мешаница.
Втората легенда е содржана во делата на апостолите. Според неа, кога се навршиле дните на педесетницата (педесет дена од воскресението Исусово – денес празник Духови), сите дванаесет апостоли биле заедно. Ненадејно се чул шум од небото, како да идел силен ветар и ја исполнил целата куќа каде што седеле. Над нив се појавиле огнени јазици и сите почнале да зборуваат на други, различни јазици. Тоа чудо го видел многу народ и секој си го препознавал својот јазик: Римјани, Арабјани, Египќани, Криќани и многу други. Потоа секој од апостолите тргнал низ светот да проповеда на јазикот на народот каде што одел. Така на Запад се раширило христијанството, ако им веруваме на легендите и на светите книги. Тој пример ни покажува дека јазикот и железна врата отвора, онаква каква што била антихристијанската.
Во македонскиот говорен јазик има мноштво поговорки врзани за јазикот. На пример: го валка со јазик, го влече за јазик, нема влакна на јазикот. Го чеша, ама и си го гризна јазикот. Јазикот коски нема ама коски крши. Го одврза или го заврза јазикот. Го пуштил јазикот пред умот, јазикот му е побрз од умот. Уста има – јазик нема, ама и од јазикот си пати, особено ако пред тоа не си го гризнал.
Треба да се запамети дека во секоја работа во животот има и едно јазиче на вагата што мери прецизно. Кој него не го знае и не гледа каде накосува и на каде претежнува – тешко нему.