Ова ни е ОБРАЗ… ОБРАЗ ОВА НИ Е… ОБРАЗОВАНИЕ

Учебникарите (советниците, експертите… од увоз) ќе продолжат да внимаваат да не се менуваат учебниците по историја и случајно да не се подигне погрешен споменик и случајно некој ОБРАЗ што надоаѓа од иднината да не почне да размислува според својата традиција, според својот извор, според гласот на својата крв

Не беше тоа одамна. Имав чест да ја отворам првата сликарска изложба на млад сликар во Работничкиот дом (сѐ уште бевме СФРЈ) и минав низ дворовите на две ОУ. Беше крај на школската година. Дворовите беа покриени со искинати учебници. Сликата беше надреалистичка. Можеби поради силното изненадување зашто и во реалноста веќе кристализирале состојбите со образовниот систем за кои само претпоставував дека ќе се случат! На соодветни состаноци, но и во тогашните електронски медиуми инсистирав да се обрне поголемо внимание на основните училишта (предлагав најскапо платени да бидат учителите во ОУ) не на факултетите. Додавам како поткрепа и една вистина дека, според записниците што беа достапни до пошироката јавност власта го разгледуваше ресорот образование како претпоследна точка на дневниот ред, кој редовно имаше повеќе од 20 точки. Последна, секогаш беше: РАЗНО.

Не беше тоа одамна. Докторската дисертација на СЕРГЕЈ ФЛЕРЕ посветена на образовниот систем во СФРЈ (важно е да се забележи дека авторот се огради од СР МАКЕДОНИЈА поради недостиг од податоци) именувана: „Образование за сите“ ја издаде една издавачка куќа и во неа препознав интересно четиво и за еден архитект. Веќе ја бев прочитал познатата „Слободните деца на Самерхил“. Разбрав дека нашиот систем за образување образ се занимава само со прашањето „ШТО ТРЕБА ДА ПРАВАМ?“ но дека во основа ОБРАЗОВАНИЕ значи „КАКОВ ТРЕБА ДА БИДАМ“.
Не беше тоа одамна. Американскиот претседател Реган водеше изборна кампања втемелена на критика на американскиот образовен систем и победи. Парафразирам: Битката со нашата стопанска конкуренција ја губиме во ОУ!

Не беше тоа одамна. Веќе ја бевме заслужиле самостојноста и враќањето на државноста како Македонија. Пријавив проект во рамките на емисијата „Немиот говор на просторот“ за состојбите во основните училишта во Македонија. Го реализирав обликувајќи го како стожер врз примерот на селото Цветово.

Не беше тоа одамна. Без да се фокусирам на податокот забележав (беше премногу очигледно) дека во Владата РМ (од осамостојувањето на крајот од 20 век – до оваа секојдневност) најмногубројни се министрите за образование, кои како бројка повеќе од двапати го надминуваат бројот на министри од кое и да е друго министерство! Има само еден министер за образование за кого Владата сметала дека е важно да остане на таа позиција цел мандат… и малку повеќе? Ја набројав потребната, се надевам, доволна референца за да искажам свое мислење по повод идејата за: „селективно“ образование… за „селекторите“, кои одлучуваат кој е за „школо“, кој не… за факултетското со полни „23“… за „учебниците“… „францускиот модел“… „финскиот“, „кембриџ“, „екстерното“, „импакт-факторот“, „автономијата“… за „ако од средно доаѓаа поподготвени… “

Во Македонија постои сѐ, освен заборав. Како прва држава во историјата на Европа (ова е спорно за преспанскиот, но не е за науката) таа согледува потреба од централизиран образовно-воспитен систем во кој учителот е програмата, а заемните прошетки-расправи учебник. Доминантен дискурс е ИСТОРИЈАТА. За волја на вистината системот е селективен! СОВЕТОТ НА СТАРЦИТЕ (ВРВНОТО СОВЕТОДАВНО ТЕЛО) предлага, а ФИЛИП ВТОРИ го спроведува системот, кој бара од сите идни владетели да бидат писмени, воспитани и образовани. По оваа одлука во историјата на македонските владетели нема неписмен владетел. За споредба тоа не е случај со Рим.
Со прифаќањето на христијанството во Второто македонско царство (терминот е прифатлив во историската наука и е користен од автори од Европа) Македонската династија ја возобновува институцијата како воспитно-образовен систем што е достапен за сите. Светото писмо е учебник. Учителот е програма. Расправата на заедничка тема е напредокот на системот. Доминантен дискурс е историјата на Христа. Се разбира, селективниот систем не е напуштен, но тој служи како производство на воспитувачи за воспитаниците.

Во периодот на отоманската власт христијанското население има право да оформи свои училишта со свои учители на свој јазик, но централната власт не презема обврска за финансирање. Традиционално учебниците не се неопходни-учителот и нагледноста се учебници. Расправата е напредок.
Во 19 век Европа, која од 17 век веќе има консолидирана европоцентрична претстава за историјата на светот решава да промовира централизиран државен систем за образование и воспитание, кој ќе се темели на учебникарство. Преведено на македонски (истото важи и за другите народи што треба да се освојат) тоа значи:
1. Промоција на Историјата на војната и победничките европски владетели (сочинета од Скалигери и Петавиус) како недопирлива костур-вистина.
2. Маргинализирање на перипатетиката со архитектонската мера УЧИЛНИЦА во која секое недозволено движење се санкционира, а расправата ученик-учител се заменува со повторување на речениците од учебникот
3. Извоз на овој систем како колонизација на свеста на териториите и народите, кои со воени операции и статистички не дадоа резултат како асимилација и потчинување. Системот на Рим divide et impera не треба да се применува само како географска мера туку треба да се всади во свеста на породот кај народите што се предмет на поробување.

Овој систем влегува во Македонија на почетокот на минатиот век како „second hand“ преку новосоздадените кралства Србија, Бугарија и големиот експеримент Грција. Успехот – неуспехот го живееме денес.
Македонија создава свој систем по Втората светска војна врз темелите на непосредното минато, се разбира, со будна контрола од авторот и епигоните. Контролата се засилува по повторното на Македонија како самостојна независна држава. Според резултатите, македонската власт (постојано фокусирана кон посветлата иднина, а постојано омаловажувајќи го минатото) не обрнува внимание на образовниот систем и ја следи инерцијата именувајќи Центар во МИНИСТЕРСТВО за ОБРАЗОВАНИЕ (во насловот нема воспитание)!

Просторот и народот, традицијата и културата, археологијата и архитектурата, народното предание, некои недоистребени книги и имиња, гробишта и светилишта имаат друга порака. Увезениот систем според својот механизам произведува генерации. Генерациите талкаат низ делничноста на постојаниот почеток со неуспешен крај. Некој од нив статистички ќе стане премиер, претседател и ќе направи НЕШТО за ПРВПАТ во историјата на Македонија, заборавајќи дека пред него и други ИСТОТО тоа го направиле за првпат.
Учебникарите (советниците, експертите… од увоз) ќе продолжат да внимаваат да не се менуваат учебниците по историја и случајно да не се подигне погрешен споменик и случајно некој ОБРАЗ што надоаѓа од иднината да не почне да размислува според својата традиција, според својот извор, според гласот на својата крв.