Македонија во индуцирана кома на патот кон ЕУ

Мислам дека е време конечно да сфатиме дека новата методологија за проширување на Унијата што ја предлага Франција, како реформа во процесот на пристапување, директно е поврзана со процесот на реформа на целата Европска Унија. А тоа ќе потрае. Сѐ додека Европската Унија не излезе од стратегиската нерелевантност во свет во кој доминира ривалството на САД и Кина и каде што имаме промена на приоритетите на САД од области клучни за интересите на Европа. Ова колку да не бидеме лажени бесконечно. Очигледно дека Французите не размислуваат сериозно за Балканот

Дај веќе некој од ЕУ отворено да му каже на нашиот фејсбук-министер за надворешни работи (веќе не толку насмеан) дека се мали шансите за консензус за европската иднина на Западен Балкан. Гледам човекот никако да разбере дека ја промаши со ЕУ. Зашто ова веќе не се трпи. Станавме мазохисти од толкав нереален оптимизам околу отворањето на пристапните преговори со Европската Унија.
Се прашувам од каде го црпи власта овој нереален оптимизам. Сега повторно се загрева од идејата дека самитот во Загреб ќе биде локацијата и времето на некое обновено воскреснување на политиката за проширување на Унијата, кое Макрон го стави во индуцирана кома. Не гледам дека ќе се случи тоа. Наместо датум, ќе сме добиеле „јасна рамка“ за ЕУ. А ние треба да бидеме среќни? Сигурно ќе биде доволно голема да ги врами сите наши „промашувања“ на патот кон ЕУ. Којзнае.

Инаку, дипломатите со стаж да читаа малку повеќе, (за промена) ќе знаеја дека претседателот Макрон јасно расчисти со проширувањето на Унијата во Софија во мај 2018 година, а потоа повторно со блокирање на отворањето на пристапните преговори за нас и Албанија во 2019-та. Јасно кажа дека е против секој потег кон проширување, со образложение дека ЕУ треба да се реформира пред прифаќање на кој било нов член. Не знам што е тука нејасно. Инаку, за потсетување, 2018 година беше годината кога власта си го додели „првиот датум за проширување“. Онака виртуелно. Каков дебакл. Каква измама. Антологиска.

Инаку, намерите на претседателот Емануел Макрон најдобро се опишуваат како обид да се започне поширока дискусија за пристапниот процес, неговата практичност и неговата способност да произведе опипливи резултати. Особено во време кога Европската комисија поради бескрајните одложувања и исцрпувањето на процесот на проширување ја губи својата моќ, станувајќи контрапродуктивна во овој процес преку фаворизирање на „вежбите за пишување“.

Макрон беше јасен за иднината на проширувањето на Унијата. Арно ама не за сите. Затоа со нетрпение ја очекувам дипломатската офанзива што ја најави министерот за надворешни за 2020-та како година на ЕУ. Да видам како нашата, со стаж засилена дипломатија, ќе успее да ја смени сегашната позиција на Макрон. Лесно ќе беше да е Заев, со неговите флуктуирачки ставови и позиции менливи од ден на ден. Но ова, сепак, е францускиот претседател Макрон.

Ако за нешто треба да му заблагодариме на Макрон е дека ја прекина играта на меѓусебна размена на лицемерство околу проширувањето на ЕУ: како одреден блок на држави во ЕУ се за проширување, а од друга страна земјите од Западен Балкан како се реформираат. Макрон го направи она што го посакуваа повеќето држави на ЕУ. Запре еден процес што со годините стана премногу бирократски и беше воден од автопилот.
Мислам дека е време конечно да сфатиме дека новата методологија за проширување на Унијата што ја предлага Франција, како реформа во процесот на пристапување, директно е поврзана со процесот на реформа на целата Европска Унија. А тоа ќе потрае. Сѐ додека Европската Унија не излезе од стратегиската нерелевантност во свет во кој доминира ривалството на САД и Кина и каде што имаме промена на приоритетите на САД од области клучни за интересите на Европа. Ова колку да не бидеме лажени бесконечно. Очигледно дека Французите не размислуваат сериозно за Балканот.

Едно не можам да сфатам. А, гледам никој не го поставува како прашање. Кога станавме поврзани со Албанија на нашиот пат кон ЕУ? Како станавме пакет, кога не гледам ништо природно да се поврзат судбините на двете земји, бидејќи проширувањето беше положено на индивидуални заслуги, а не на групни? Негде прочитав дека нѐ „споиле“ не затоа што нашите односи се особено испреплетени, како на пример Србија и Косово, туку затоа што сме биле во „слична фаза“ во пристапниот процес кон ЕУ. Од кога тоа? Можеби сме биле, ама јас да не ти знам. Ама затоа сигурно знаела нашата „зрела“ дипломатија кога го прифатила ваквото „спојување“.
Верувам и знаела дека раздвојувањето може да предизвика сериозни реакции во Албанија и тензии во регионот. Затоа сега во ЕУ, во јато беше, или пакет беше. Нема рима, ама сериозно сме заглавени на нашиот пат кон ЕУ. Особено што не гледам желба за раздвојување кај земјите-членки на ЕУ.

По ова не знам до кога ќе се самозалажуваме и ќе ни ги замачкуваат очите дека ќе станеме дел од Европа во скора иднина. Можеби ќе се случи некое чудо. Којзнае. Кога можевме пред нецели две години да „добиеме датум за преговори“, зашто и сега да не се случи чудо. Со оваа власт од чуда не куртуливме на нашиот пат кон ЕУ.
Велат дека проширувањето на Унијата зависи од веродостојноста на ветувањето за пристапување. Токму она што претседателот Макрон го поткопува. Затоа намалете со очекувањата. Го збрлавевте народот. Народот е збунет, дезориентиран и се чувствува сериозно изневерено. Доста му е од лажен оптимизам, по сѐ што изгуби.