Кратка историја на „посветлата иднина“

„Докле смо стигли и шта даље са реформом“, Јован Шчекиќ

Го одбрав ова писмо (го пренесувам во изворна форма) како едно од сличните, како пример што е некаков заеднички содржател за сите други што реагирале на најпопуларниот О-РУК испратен од политиката на ОВАА НЕПОЗНАТА ЗЕМЈА. Цитирам од купиштето писма. Писмо број 28012019:
„Кога со напор сакам да заборавам на играта ’политика‘, се обидувам да ја сведам на симбол да ја сместам во огромната подземна бездна каде што се сместуваат нештата што се прават со намера да не успеат и каде што има чувари што се ангажирани никако да не прортат повторно. Знам дека е напорот неуспешен, но барем сочинувам како за себе еден паралелопипед на кој стои една биста без впечатливо лице и постојано повторува ’посветла иднина, посветла иднина‘. Сликата што е програмирана да се појави од минатото се отвора во перспектива и (морам да бидам прецизен) се појавуваат множество паралелопипеди со половина човек, кои сепак се разликуваат во настапот пред народот. Потоа како траума се разврзува победничката идеја за остварување на посветлата иднина, толку јасна во главата на политичарот што е сублимирана во еден волшебен збор РЕФОРМА! Кога опишав дека се разликуваат не мислев на образот туку токму на јаснотијата на клучот ’РЕФОРМА‘. Не велат сите исто. Едни користат ’ТРАНЗИЦИЈА‘, други ’РЕОРГАНИЗАЦИЈА‘, ’РЕВОЛУЦИЈА‘, ’РЕКОНСТРУКЦИЈА‘, ’ХИБРИДИЗАЦИЈА‘, ’РЕВИЗИЈА‘, ’ПРОМЕНА‘…

И покрај огромните говори, ветувања, влади, ’проекти‘, има ли посветла иднина? Низ последните 100 години нема. Но има ’РЕФОРМИ‘ – рецепти ’КАКО до повеќе светлина‘. Ако се сосредоточиме на тој факт, а не сме оствариле посветла иднина и тоа сме го живееле постојано како волшебен клуч за пристап кон целта, да видиме до каде сме стигнале и што понатаму со РЕФОРМАТА!

Толку за да го објаснам насловот на моето писмо. Верувам дека постои множество што може да се сети на популарната ТВ-емисија на ЈРТ од познатиот и ополномоштен новинар Јован Шчекиќ. Хронологијата на реформите ја давам како силуета без подробности за да стигнам до прашањето. Првата ’реформа‘ беше ’фундаментално‘ насилна – требаше да бидеме немакедонци со ’примамлива‘ понуда да бидеме Грци, Бугари или Срби. Реформаторот воден од чист елинизам направи територијална поделба како подлога за успешна реформа. Реформата не успеа во висок процент и посветлата иднина не беше испорачана. Реформаторот не ги призна резултатите.
Втората реформа беше пофундаментална од првата но помалку видливо насилна – можеше да бидеме Македонци, но, пред сѐ, требаше да бидеме Југословени.

Задолжително требаше да ги заборавиме откинатите територии, а односот спрема Македонците надвор од татковината да го препуштиме на ’оние одозгора‘. Минатото (за побрзо стигнување во посветлата иднина) требаше да се редуцира до 50 години назад поради темното, тешко и неславно минато. За да биде отпишано од образовниот систем историските истражувања се насочија на само пропишаните 50 години, а за да нема вознемирување од наследените градежни амбиенти се препорачаа и славеа модерните урбанизми, чија задача беше да оформат монументално празни плоштади на местата каде што постои најмоќно македонско културно наследство – во централните зони на градовите. Секој облакодер на модерната се славеше како метонимија за дојдената посветла иднина. Од толку силно посветени реформи логично се појави контрареформа кај Македонците. Во тој природен двиг се отвори вистинската големина на силуетата – ледениот брег на забранетото минато. Новата реформа не е дека во костурот ја немаше ’посветлата иднина‘, туку таа се дрзна да ја оспори старата политичка формула во делот на ’мрачното минато‘, кое не заслужува внимание. Со отфрлањето на завесата зад ’Словените‘ се откри дека минатото на Македонија не е мрачно туку СВЕТЛО и цивилизациски фундаментално. Тогаш креаторот на идејата за ’посветла иднина‘ согледа опасност за долгорочниот проект.

Реформаторот, идејниот творец на ’посветлата иднина за Македонците‘ се позиционира контра контрареформата… Толку од кратката историја. Би можел да бидам задоволен бидејќи со оваа скица може да се даде одговор за тоа ДО КАДЕ СТИГНАВМЕ. Но. Повторувањето е мајка на учењето?

Појдовме со Македонија (зборувам за процесот од почетокот на 20 век ’посветла‘ до почетокот на 21 век 3 посветла) од 65.000 квадратни метри – стигнавме до 25.000 квадратни метри без Македонија. Појдовме со Македонија како име од библиска и предисториска цивилизациска вредност за третата планета – стигнавме до географска одредница без историски вредности. Појдовме со историја на народ вградена во светската археологија – стигнавме до новоформиран ентитет, кој допрва како експеримент од епрувета ќе треба да покаже способност за опстанок… А сѐ уште ја нема ПОСВЕТЛАТА ИДНИНА.

Ова е полесниот дел од прашањето на Шчекиќ (внимание – овде е возможна и ваква етимологија: шчекиќ > шчекиш > шо чекиш!). Значи: Што понатаму со реформата?
Појасниот одговор е познат: Ова не е наш проект, нека му ја мислат тие… Но има и друг одговор што не дозволува да ни биде сеедно.

Да се фокусираме (не без добра причина ) на само еден ’мал‘ сегмент од проектот ’посветла…‘: ПРЕПРАВАЊЕТО НА УЧЕБНИЦИТЕ ПО ИСТОРИЈА!
И ова е сведено под именка позната од пред 30 години: ПРЕГОВОРИ, но овој пат НАУЧНИ. За успех на еден преговор важни се подготовките од секаков вид, но најважно, пред сѐ и по сѐ е КОЈ ЌЕ БИДЕ ЧОВЕКОТ – стратег, КОЈ ЌЕ биде ТИМОТ ШТО ЌЕ ИСТРЧА НА НАТПРЕВАРОТ и КОЈ Е КЛУЧНИОТ ИГРАЧ, КОЈ ВО ОВАА ИГРА ТРЕБА ДА ЈА ДОНЕСЕ ПОБЕДАТА (НИЕ ВЕРУВАМЕ ВО ПОБЕДА НЕЛИ ?)!

Да видиме! За каков натпревар станува збор: за збир на настани што се одиграле на определена територија, под една хемисфера, или можеби под обете, на определена почва со специфична геологија на која постојат археолошки слоеви, на која важат неколку календари, на која се случуваат природни катастрофи од разен карактер и интензитет и на која историјата се запишувала со повеќе јазици и алфабети. Најважно: ИГРАМЕ НА ТЕРИТОРИЈА НА ЕДНО МИНАТО ЗА КОЕ СИТЕ ЗНААТ ДЕКА ИМА НАЈМНОГУ НЕПОЗНАТИ ПИСМА И ЈАЗИЦИ И НАЈМНОГУ ИСТОРИСКИ ФАЛСИФИКАТИ ОТКАКО ИМА МЕМОРИЈА ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА!

ИМАМЕ ЛИ ТАКОВ ИГРАЧ И ДАЛИ ЗНАЕМЕ КАКО СЕ ВИКА ТАА ПРОФЕСИЈА?
Би сакал да помогн…“ (овде недостига разбирливост, мастилото на ракописот (кој уште пишува со мастило) е скоро сето како потурено со кафе)… продолжува: „…а кого испративте вие? Неколкумина историчари и еден антрополог!? Каде се географот и картографот, каде се астрономот и археологот, каде се топологот и геологот, каде се етнологот и оружарот, каде е остеологот, каде е лингвистот, каде е експертот за древни ракописи што може да разграничи оригинал од препис и фалсификат“.

КОЈ ДЕНЕС ПРЕД „ПОСВЕТЛАТА ИДНИНА“ САКА ДА РЕВИДИРА ИСТОРИЈА БЕЗ ДА ИМА ИГРАЧИ ШТО СЕ СВЕСНИ ДЕКА ИГРААТ НА НАЈТЕШКИОТ ТЕРЕН НА НАУКАТА – ИСТОРИЈАТА. Не хиз стори туку ИСТОРИЈА!

Ние отсекогаш сме имале славно минато, неизвесна сегашност и редовно – СВЕТЛА иднина!
Дали и денес вака би рекол почитуваниот Живко Павлов.