Конески – поет на смачкано племе (2)

(По повод сто години од раѓањето)

„Така рикаше маката во мeнe дека сум роден во смачкано племе.“ – Б. Конески: „Спомен по многу години“

Туку она што сакам да го кажам тука, тоа е фактот што Конески од разните полуталентирани, или ич, литерарни полтрони и фарисеи беше глорифициран на несоодветен начин. И тој го знаеше тоа. Беше доволно и повеќе од тоа интелигентен и прониклив за да ги препознае меѓу нив како во „Елен самак“ „мизерните мршојадци што му одат по трагите“ и „непрестано го демнат“. Да, драг читателу, оти некои од тие мршојадци и го начекаа да го распарчуваат перверзно и по неговата смрт. Тоа се случи конкретно за време на владата на екстремно бугароманскиот, за наша несреќа, голтарски премиер Љубчо Георгиевски, кој им се додворуваше на Бугарите со она на Венко Марковски „крвта не бива вода“. Во тоа време, пак, тој антимакедонски сатрап ги беше поставил на сите важни позиции бугароманите како македонски изроди. Меѓу нив тоа беше и неговиот министер за култура Димитар Димитров (чиј син Никола не е помал изрод од него), кој за да докаже дека ние сме Бугари го објави во скопска „Култура“ Зборникот на Миладиновци со божем идентитетскиот атрибут „Бугарски народни песни“ на насловната страница. Многу подло, избегнувајќи го контекстот што го објаснува тој дефект. Контекстот на кој инсистира еден од корифеите на модерната историска наука Арнолд Тојнби, без кој нема историска вистина.
Тоа се тие мршојадци што се полни со омраза кон Конески. Другите се критичарите-подлизурковци, кои, знаејќи ја и неговата сепак моќна, пред сè културолошка, но и општествена позиција, се отепаа од провидни комплименти, прогласувајќи го него за „самороден поет“. Самоникнат, без елементите на климата потребна за тоа. Да. Да речеме дека тоа се поврзува со дарот доделен од Господ. Можеби. Ама нашиот поет не еднаш и по разни поводи има истакнато дека пишува песни читајќи песни, побивајќи ја така „самородната“ теорија на фарисејските литексперти за неговата лирика. Меѓу нив најгласен на тој план беше Милан Ѓурчинов, кој потем себеси се сметаше за либерал, а секогаш приврзок на власта, па така во една дамнешна анкета на „Нова Македонија“ за културен настан на годината ја прогласи 13-та седница на СКМ. А фијаско е како „експерт“ за Конески и неговото таканаречено критичко издание на неговата поезија во MAНУ, кое никаде не се појави во јавноста, а јас случајно го видов него. Некој и елементарно што се разбира во литература ќе заклучи дека тоа нема врска со таа негова помпезна дефиниција. Едноставно, хронолошки се натрупани песните на поетот, покрај нив се објавени нивните ракописни факсимили, придружени со понекоја фуснота, и речиси толку. Плус неколкутомното издание е придружено и со еден мрзлив предговор од неколку странички. И тоа е сè. Рака на срце, пак, сега за сега единствено студиозно и специјалистички со поезијата на нашиот Бард се занимава Атанас Вангелов.

А кога, пaк, тpeбa да зборуваме за самородноста на Конески, драг читателу, таа е од поинаков тип отколку што мислат за неа Ѓурчинов и другите критичарски додворувачи и ласкачи на поетот. Оти она што го рече во песната-четворостишие „Макферсон“ Мандељштам целосно може во некоја рака да се однесува и на Блаже Конески. А во таа песна, која го поттикна Кирил Тарановски да напише една цела книга за него, Мандељштам рече: „Јас сум поет на туѓи блага“. А Конески: „Јac пишувам песни, читајќи песни“. Оти и тој, како Елиот, мислеше дека поетско наследство на еден поет е целокупната светска култура, без разлика што тој тука тој светски простор го сведе пред сè на национален. Разбирливо, оти тој не е како Елиот поет на една до денес витална и супрематистичка кралска династија, туку на едно одамна смачкано племе. А за тоа, пак, дека тој многу поинаку ја сфаќа самородноста од литекспертските мршојади што му одат по трагата дава конкретен пример во неговата славна стихозбирка „Везилка“. Имено тој период се поклопува со неговиот брилијантен превод (препев) на стихозбирката на Хајнрих Хајне „Лирски интермецо“, неговиот, ако можам така да речам, лирски близнак и до една сијамска варијанта. И за проникливиот читател, драг читателу, упатен во светскиот литературен простор и не е тешко да го констатира по срце и по душа влијанието на германскиот романтичар врз поезијата на нашиот бард. Да. А тука е исто така уште еден поет што се вклопува идеално во сликата на неговата лирска душа и сензибилитет. Тоа е сјајниот руски симболист Александар Блок, чија песна „Девојче пееше на клирисот горе“, тој ja вклопува како своја во својата стихозбирка. И тоа е препознавањето на сопствениот „ракопис на битието“, формулацијата на Хајдегер за поезија, во ракописот на друг, на својот сијамски поетски близнак.

Тоа. И така. А сега сакам да преминеме, драг читателу, и да ја следиме онаа линија на поезијата на Конески во која се спојуваат и испреплетуваат едно во друго личното и колективното Јас на поетот. И тоа цврсто како кај ретко кој друг наш поет, освен кај Рацин и Анте Поповски. Тоа е посебно изразено во неговиот митски циклус на песни. Во нашата меморија тој остана вглобен и како архетип на нашата колективна судбина и болка. Во таа смисла први на ум ни паѓаат неговите за сите нас како судбински печат меморирани песни „Везилка“ и „Тешкото“. Кај нас речиси и не постојат, освен уште неколку такви песни од други наши поети, кои ги знаеме сите и ги словиме тивко или гласно наизуст. Тука се пред сè некои песни како „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Татунчо“ и „Копачите“ на Рацин, а потоа „Очи“ и ефектниот катрен за тишината на Шопов.
Јас лично најмногу ги имам читано „Виј“, „Ангелот на света Софија“, „Стерна“, „Беласица“, „Јоргован“… Но морам да признаам дека дури по нашата идентитетска ликвидација во Преспа 2018 седнав посебно и со микроскоп во очите и душата и почнав да ги читам и препрочитувам „Тешкото“ и „Везилка“, во кои, кристализирана, како во огледало се отсликува личната болка на Конески, но и колективната на родот, кој не се излечил од своите историски и судбински рани. Фасцинантни песни од таа гледна точка. Везилката на Конески буди споредбени асоцијации со Ленка на Рацин, но е различна од неа, иако и таа е Везилка со архетипски знак, која ја везе кошулата „тенка ленена“ за својот свршеник, „на разбој ткаена недоткаена“. И никогаш не ја ни довезува, бидејќи нежната снага ѝ ја пијат во монопол жолтите отрови на тутунот што ја тераат предвреме во смрт. Тоа е нежна и бескрајно меланхолична елегија, каков што е и лирскиот субјект што ја исполнува неа. Таква, таа потсетува на „Убавите жени“ на Конески во неговата истоимена песна, тие „кои брзо прецутувале / како цут од кајсија / како мајски јоргован“. Тие, „убавите жени во мојот народ“, како што ќе рече поетот од Небрегово. Во искушение сум да речам дека таа прекрасна песна, прекрасна во болката за „убавите жени“ на сопствениот род, тој едноставно ја пресликал врз Рациновата „Ленка“. А што се однесува, пак, до неговата Везилка, таа нема социјална подлога и елегиски меланхоличен набој. Тоа е песна-шифра во која го наоѓаме клучот на македонската историска, егзистенцијална и метафизичка судбина. Нејзиното лирско Јас, Везилката, кое целосно ја исполнува и преполнува неа, не е меланхолично како Рациновата Ленка пред мртовечки одер, туку е бунтовно, витално и екстатично. Претпоставувам дека Конески својата Везилка во истоимената песна ја создавал според калапот и образецот на некои македонски свети жени и хероини какви што се тоа, на пример, Сирма Војвода или Злата Мегленска.

Дека, пак, е динамичен и витален лик, поставен среде македонскиот судбински и историски хаос е повеќе од јасно. Тоа се манифестира и низ симболизмот на боите на конците со кои таа ја везе не како Рациновата Ленка „кошулата тенка ленена“ за свршеникот, туку големата историска и судбинска слика на Македонија. Ја везе со црвен и црн конец, комплементарните судбински бои на македонското колективно битие. Тие што не случајно се присутни и на знамето на македонските комити и војводи „Слобода или смрт“. Многу веројатно е дека тоа знаме и му било поттикот на Конески за оваа негова песна. Тука кај него црвената боја на конецот со кој везе Везилката по асоцијативен пат на колективната историска меморија „буди вкрвавена зора“, онаа што не јa дочекал, копнеејќи по неа, Рацин чиј живот згаснал со истрелот на Лопушник пред да заискрат неговите Бели мугри. И од неговата смрт, како конецот од кожурецот на свилената буба, имено, и се излачува црниот конец на блажеконевската Везилка. Но тоа сега не е боја на смртта, безнадежно црна, туку боја со трансцендентална моќ на „темница што штрека“, заедно со нејзината близначка црвената што „буди копнеж и стрвен и светол“. Симболички црвениот и црниот конец во песната на Конески се шифрата во која е скриен и клучот на „простата и строга македонска песна“. Неа, во полноќниот морничав дијалог со Везилката, поетот магиски ја бара и довикува дефинирана во свеста за да ја вглоби како камен-темелник во својата ars poetika. Таа што потоа тој ќе ја обликува со синтагмата „сложена еднаквост“, а која всушност е маестрално дефинирана и во „Везилка“. Повеќе отколку во „Тешкото“. Имено, во неа тоа толку сугестивно го демонстрира и симболизмот на црното (во алхемијата materria prima) во сета негова амбивалентност како „темница што штрека“, полна со скриена светлина, како онаа во „Химните на ноќта“ на Новалис. Нешто што го среќаваме и во симболизмот на Белите мугри, на Рацин што извираат од темницата на ноќта, кај него поврзана со историската и судбинската ноќ на неговиот род, како што е тоа секогаш и по ист начин и кај неговиот поетски и судбински близнак Конески. Трансценденталните мугри во кои црното се преобразува во бело, за истото тоа да го исфрли во зенит македонскиот „силно светнат ден“. Денот за кој Рацин не ни сонуваше, како и неговите соборци асномци дека ќе го убие и згасне денешната македонска квислиншка влада во Преспа 2018.

Тоа и така. А ако одиме понатаму подлабоко во растајнување на симболизмот на црното како македонски судбински знак на непремостливата историска ноќ без ѕвезди и месечина, осветлена само со cjaјот на црното сонце (да се потсетиме и на неслучајните песни за него на Ацо Шопов) во нејзината темна рамноденица (ама црно што штрека како фосфорно кибритче и може да ја запали и ноќта на вселената), ќе дојдеме до откровенскиот трансцендентализам на Христос, кој со смрт ja победува смртта и ја преобразува неа во вечен живот. Идеалот и на македонските комити и војводи со знамето „Слобода или смрт“. Се разбира, и на Рацин и Конески.
За разлика од „Везилка“, збит лирски текст, „Тешкото“ има епски асоцијативен зафат, простирајќи ги сликата и апологиите до самата генеза на нашето постоење. Небаре пред да седне да ја пишува, како во сон звучно и евокативно доживеана, Конески инспиративно, но и императивно во таа смисла стиховите ги влече во согласје со свеста на Пулески за генезата на родот во неговата „Славјаномаќедонска историја“. Токму така. Најубава илустрација за тоа е третата строфа на песната, во која ја гледаме фасцинантната слика на префаќање алка за алка, дланка за дланка на поколенијата на родот во синџирот на орото. Како во некој индуистички еп во кармичкиот синџир на македонското perpetuum mobile историско и судбинско опстојување. Еве: „До старците момци се фаќаат скокум; / не издржа пламен жив потулен в око / не издржа младост што сака да летне! / Се залула оро! Се заврте земја, / и чиниш – се корне стресениот век, / и околу трпнат ридиштата темни / и враќаат ек.“ Фасцинантно. Сјајна синтеза, пак, да се послужиме со индуистичката шифра, на Атман и Брахман. Со, веќе рековме понапред, таа битна разлика што Брахман, апсолутно космичко кај Индусите, кај Конески го сугерира трансценденталното Јас на родот. Родот што тој го дефинира како „смачкано племе“, тоа што сега во „Тешкото“ закрепнува и заздравува со песната и орото како негови магиски обредни елементи на опстојување. Племето што минало низ толку многу историски калварии и сè уште и денес е распнато од меѓународните и балкански сатрапи околу него на крстот на историската Голгота. Со таа разлика што ги нема ни Јован ни Марија како Исус тогаш да го свалат него од крстот и да му ги намажат раните со миро.

Малку далечна дигресија по патеката на аналогијата. Но таа е потребна и не е отклонување од тематската срцевина на нашиот текст, драг читателу, туку нејзино доосветлување. Атман и Брахман во поезијата на Конески. Мостот што ги спојува бреговите на индивидуалното колективно Јас, кое, речено со јазикот на Јунг, e откровенско надјас. Тука, пак, и од таа гледна точка можеме да фрлиме поглед и на поетовите шифрирани алтер ега на поезијата на нашиот поет. Нив ги наоѓаме вешто скриени, како што видовме, и во некои такви песни со, условно речено, зоомотиви какви што се тоа песните „Елен самак“ и „Волк“. Другите поетови алтер ега ги препознаваме во некои универзални историски или уметнички личности, какви што се на пример Колумбо и Дон Кихот. Првиот како шифра на поривот за авантура (во случајот духовна), а вториот како шифра на утопист и илузионист што во цивилизацијата на ниски страсти и материјална удобност води битка со облаците. Нешто слично и на битката што ја водеше Конески за време на својот живот, трудејќи се да го изведе и покpaj многуте отпори родот од историската темница на осветлена висорамнина на цивилизацијата на „културен натпревар меѓу народите“, притоа држејќи го како митскиот Атлас напукнатото од болка небо за да не се урне врз неговата глава како глава на колективот. Да. Но го снема Блаже, и тоа со тресок на катастрофа се урна врз „смачканато племе“ во Преспа 2018. За да го досмачка.
Да. И доволна е само неговата поезија за да го видиме покрај поетскиот и пророчкиот дар на Конески, да ја предвиди по него таа и сличните катастрофи на родот, додека како Крале Марко го ѕидаше калето за да ги закрепне неговиот дух и разнишан и порекуван идентитет. Така. Но тој беше интелигентен и прониклив, и со интуиција да ги почувствува веќе и за време на неговиот живот оние „мизерни мршојадци“ што му „одат по трагите“, демнејќи го од заседа „сѐ дури не го свие, не за сон а за смрт / своето десно колено“. Оти макар и по смртта, како што е тоа стил на сите мршојадци, тие го начекаа да го черечат него.

Интелигентниот читател нема тешкотии тоа темно претчувство да го открие во песните-шифри какви што се „Елен самак“ и „Волк“, како, пред сè, и во песната „Дон Кихот“, во која во трагичноста на Сервантесовиот јунак, поетот од Небрегово всушност ја препознава својата трагичност во време на свињи, кога тие го нагазуваат со копитца Дон Кихот, утопистот што води битка со облаците, а тие свински копитца Блаже, како македонски Дон Кихот, сега со Преспа и по неа го газат безмилосно. Тоа што го доживеаја во една друга судбинска ситуација и неговите девственици во истоимената песна, комитите, војводите од Илинден и асномци, кои го положуваа животот за родот и пред да бидат допрени од женска рака. Во сите нив, можеме слободно да кажеме, драг читателу, е длабински проектирано поетовото алтер его. Во песната „Прличев“, еден од средишните македонски судбински архетипови тоа е посебно експресивно, оти за неговото срце „сегде острат нож / а ножот веќе забоден е внатре“. Да, а фасцинантно е тоа што тие што го забиле него не се спокојни ни по неговата смрт. Оти, како што вели Прличев, слично на Конески во својот морничав монолог, како продолжение на оној на поетот во „Везилка“ во „Ниедна доба“, не е завршен темниот чин на мршојадците: „Ме гоневте – рамнодушни и злобни – / а сега дури и гробјата ваши / пак ќе го гонат мојот суров гроб“. Потоа следува финалето што го илустрира сјајно она perpetum mobile прогонство и заривање нож од страна на изродите во срцето на македонските мартири и херои. Сега тоа го прават владата и парламентот на премиерот од Муртино. И Прличев и Конески тоа пророчки го насетуваа и знаеја и пред да го испуштат од гради нивниот страшно меланхоличен крик како една и иста личност составена од две автентични половини на македонската судбина, автентичниот македонски андрогин: „И вземи туѓ и притеснет ќе бидам / сè дур не дојде едно ново племе / што ќе ме сака и прославува.“

(продолжува)