Апокалиптично сценарио за високото образование

Се прашувам дали најавата на Анѓушев за затворање факултети ќе биде дел од политичката програма на владејачката партија на следните избори и како ќе биде прифатена од електоратот. Само да не заборават дека образованието е многу повеќе од интелектуален развој на личноста: тоа е архитектура на душите на нашите млади

Честопати слушаме работодавци и бизнис-лидери како жалат за несреќниот јаз помеѓу она што студентите го учат на универзитетите и она што, всушност, се очекува тие да го знаат за да бидат подготвени за работа. Еден од наративите што доминира е дека сега треба да произведуваме повеќе работници, кои можат да сторат сѐ што е потребно во моментов, низ употреба на краткорочни програми за сертификација на „стручни“ вештини.

Што би рекол, до неодамна вицепремиерот на Владата Анѓушев, инаку универзитетски професор, дека: „Образовниот систем не одговара на реалните потреби на економијата и дека загрижувачки е тоа што во државава 90 отсто млади одат на факултет, а во исто време немаме квалификувани работници, како заварувачи, шофери и слично“. Затоа Анѓушев најави дека Владата нема да им издава лиценци на нови факултети, така што оние на кои ќе им истекуваат лиценците ќе престанат да постојат.
Со други зборови, оваа влада ќе затвора факултети. Анѓушев, можеби ненамерно, потврди еден застрашувачки факт за високото образование: власта го контролира телото за акредитација, па лесно може да манипулира низ издавањето акредитации за згаснувањето на факултетите што наумила да ги затвори.

И ова ќе го изјави универзитетски професор. Не видов некоја реакција од универзитетите и академската фела, а уште помалку од „независните медиуми“, на една ваква изјава, која треба сериозно да нѐ загрижи. Морам да констатирам дека нашата нација е во опасност. На добар пат сме да станеме држава на „сертифицирани“, наместо на високообразовани поединци.
На што алудираат Анѓушев и Владата? Дека државава треба да произведува повеќе работници, низ краткорочни програми за сертификација на занимања? Дека „стручните“ вештини треба да го заменат „релативно бескорисното либерално образование“? Дека на оваа власт не ѝ треба високообразован кадар?

Или целта е друга. Не е ново ако кажам дека универзитетите низ светот се под закана од владите да се ограничи нивната можност слободно да предаваат и да истражуваат. Институциите за високо образование се цел на напад од власта, затоа што тие се дом на критичко испитување и слободна размена на идеи. Тие се лабораториите на демократијата, клучни за нејзиното здраво функционирање во општеството.
Затоа владите сакаат да ги контролираат, плашејќи се дека дозволувајќи им да работат слободно, на крајот може да ја ограничат владината моќ и да функционираат надвор од контрола на власта. Но, сепак, да укинувате факултети за да имате бравари и заварувачи во држава, каде што повеќе од 50 проценти од населението е со основно образование, е апокалиптично сценарио за иднината на земјата со оваа влада.
Се прашувам како може вицепремиер на влада да изјави дека 90 проценти од младите одат на факултет. Станува збор за лична перцепција или за сериозна владина анализа? Или онака истресено од ракав. Јадна ми ти држава со вакви политичари. Кои не знаат дека нација не може да напредува ако повеќе од 50 отсто од нејзиното население е необразовано. А дал господ, во таа група сме.

Како и да е, привилегирањето на краткорочните обуки за работа како заварувачи, шофери и слично, во однос на барањето искусни образовни искуства поврзани со високо ниво на интелектуален, личен и социјален развој е лоша идеја за поединците, за долгорочната виталност на македонската економија и за нашата демократија.
Или, не е. Можеби оваа власт посакува необразовано општество, со луѓе без акумулирана мудрост, интерперсонална и практична компетентност и повеќе од потребно критичко размислување, аналитичко расудување и алтруизам. Велат дека подобро образованите нации имаат поголема веројатност да ја унапредат благосостојба во општеството, зачуваат демократијата и да ги спречат тоталитарните тенденции во општеството.

Наместо оваа власт да ја ревитализира основата на образованието како јавно добро и суштински столб на слободната влада, таа ќе укинува факултети. Оди види го демократскиот капацитет на власта, а богами и интелектуалниот.
Власта не смее да заборави дека најавата за затворање факултети ќе има политички импликации. И дека ваквите одлуки можат да бидат поразувачки за неа. Се прашувам дали најавата на Анѓушев за затворање факултети ќе биде дел од политичката програма на владејачката партија на следните избори и како ќе биде прифатена од електоратот. Само да не заборават дека образованието е многу повеќе од интелектуален развој на личноста: тоа е архитектура на душите на нашите млади. И дека високообразовани поединци придонесуваат повеќе, а одземаат помалку од општеството.

А, можеби, грешам. Можеби стварно иднината на државата лежи на заварувачи, бравари и други сертифицирани професии. Ако го посакува власта ова, таа е на добар пат да го ревитализира комунистичкото минатото: повторно да ја направи Македонија држава на работничката класа. Како онаа пред деведесеттите.
За образованието како слика на моралното и духовното пропаѓање на општеството и луѓето во него, во следната колумна.