Потребна е хармонизација на македонската аграрна политика со САР на ЕУ

Проф. д-р Борис Анакиев

Заедничката аграрна политика на ЕУ (common agricurtural politic – CAP) е еден од најважните интегративни системи меѓу нејзините членки. Високиот протекционизам на земјоделството преку САР се остварува кај сите членки, со релативно висока финансиска поддршка на ЕУ.

Анализата на проблемите на хармонизација на македонската аграрна политика со заедничката аграрна политика (САР) на Европската Унија има значење од повеќе актуелни аспекти на практичната подготовка на Македонија за членство во ЕУ. Уште сега е јасно дека тоа ќе биде проблематична област, која ќе бара големи усилби за остварување задоволувачки резултат. Причините за очекуваните проблеми, повеќе или помалку, се познати. Состојбата на македонското земјоделство и неговото релативно високо учество во националната економија, сложеноста и високите буџетски трошоци за спроведување на САР, објективните разлики помеѓу интересите на некои од старите и новите членки и др. Покрај тоа што ова ќе биде поле за продолжени и тешки преговори, кај нас нема релевантни истражувања што ќе дадат шанса да се оценат можностите за доближување до САР, евентуалните последици од тоа за производителите, потрошувачите, извозот и увозот, па, следствено на тоа, да се согледаат контурите на стратегијата за постигнување една од приоритетните цели на земјоделската политика на Македонија. Тоа е една од причините, Македонија да не располага со општоприфатена програма за подготовките за интеграција во ЕУ во областа на земјоделството.

Во однос на тенденциите на САР, како и за проблемите на ширењето на ЕУ, постојат релативно голем број публикации, како на Комисијата на ЕУ, така и научни и аналитички центри во земјите-членки. Тоа придонесе, заедно со договорот од Уругвајската рунда на ГАТТ, како и ширењето на ЕУ, да се согледаат потребите од промени во САР. Затоа тие се насочени кон одржување рамнотежа на пазарите на основните земјоделски производи и пренасочување на тежината на поддршката на доходот врз директните плаќања на фарма, развој на селските реони и заштита на животната средина.

Адаптацијата на аграрната политика на Македонија кон САР на ЕУ не може да биде механички акт или процес. Успехот ќе зависи како од јасно формулирање на целите и задачите на нашата национална земјоделска политика така и од познавањето на карактерот и тенденциите на развојот на САР.
Одредувањето на целта на македонската земјоделска политика бара оцена на потенцијалот и на местото на земјоделството во националната економија на земјата, но и економската состојба и перспективите на земјата.
Што се бара за приспособување на Македонија кон САР. Меѓу повеќето услови што треба да ги исполнува Македонија, потребно е да се имаат предвид следните поважни елементи:

– познавање на актуелната состојба на САР, тенденциите на нејзиниот развој и, врз база на тоа, осознавање на предвидувањето на реална (вистинска) прогноза за нејзините основни карактеристики во моментот на нашето приклучување. Тоа е основен услов за спроведување конзистентна политика за адаптирање и претпоставка за успешни преговори за пристап;

– примена на одделни елементи на САР, со што Македонија ќе покаже способност да воведе механизми на заедничката аграрна политика на ЕУ, како и поконкретно дека може да прифаќа и да ги контролира финансиските средства, односно да докаже дека располага со потребен административен и институционален потенцијал;

– постепено воведување на законодавството на ЕУ, како внатрешно нормативно уредување на Македонија.

Самиот процес на хармонизација и приспособување ќе ѝ овозможи на Македонија:
да користи средства од ЕУ за создавање стабилни и предвидливи услови за развој на земјоделството:

да формира и применува интегрална политика, која ги опфаќа како секторските проблеми, така и развојот на селските реони и заштитата на животната средина;
целосно да ги насочува финансиските ресурси, како од буџетот на државата, така и средствата што ќе доаѓаат по линиите на претпристапните програми и средства за преструктурирање (ИПАРД и др.);

да го шири ареалот на пристапот на земјоделските и прехранбените производи за пазарот на ЕУ, врз база на постепено унифицирање на законските решенија и стандарди.

Несоодветните реформи на македонското земјоделство, а како нивни резултат недоволната конкурентност во некои гранки, како и сложеноста на заедничката аграрна политика на ЕУ, бараат висока мобилност и доследна работа на подготовката на Македонија за приклучување во ЕУ во однос на агрокомплексот. Оттука произлегува потребата да се истражува САР, за да може да се скицираат стратегијата и конкретните мерки во некои од главните гранки за усогласување на македонската аграрна политика со таа на ЕУ, како важен дел од подготовките на земјата за членство во ЕУ.

Не мора да биде хипотеза дека приспособувањето на македонската аграрна политика кон САР на ЕУ ќе биде неопходно не само од стојалиштето на подготовките за членство туку тоа ќе помогне во преструктурирањето на агрокомплексот и излегување од кризата. Разработката на стратегијата и конкретните мерки за подготовка за приклучување на агрокомплексот ќе овозможат да имаме поцелосно насочена и доследна македонската политика во оваа област и ќе овозможат да се извлече максимална полза од нејзиното интегрирање, регионална политика и политика за заштита на животната средина.