„Биди донор, биди херој“ беше насловена трибината која вечерва се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ во рамки на проектот „Кампања за подигнување на јавната свест за органодарителството“.

Во Македонија органодарителството не е на високо ниво како што е тоа случај во европските држави, бидејќи нема традиција, беше истакнато на трибината, а со тоа стапката на отфрлање на органите е над 90 проценти и е потребна едукација која ќе ја спроведува државата. Лекарите максимално го промовираат преку едукација на пациентите, студентите.

– Прашањето во Македонија е како се гледа на органодарителството, културолошки, религиски. Сите дадоа поддршка, но сè уште не е заживеано во пракса. Организациски имаме предуслови, има национален координатор, болнички координатор, но потребно е да се има доволен персонал кој на дневна база ќе ги опслужува интензивните одделенија и потребно е да се разговара со семејството, кога е констатирана мозочната смрт, вели проф. др. Гоце Спасовски од Универзитетска Клинка за нефрологија.

За оваа тема потребно е да се зборува секојдневно, да се промовира преку медиумите, преку јавни дискусии, на сите инстанци да се разговара и да се шири свеста. Државата треба да се вклучи активно во водењето на кампањата.

– Ние како активни чинители сме подготвени во секој момент да работиме на јакнење на свеста кај граѓаните после смртта да се даруваат органите, што е најголем знак на човекољубие, вели проф.др. Сашо Дохчев, директор на Клиника за урологија.

Во Европа формиран е Европски комитет за трансплантација на органи и се разменуваат органи.

Претседателот на „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев вели дека трансплатија од познат дарител се врши редовно, што не е случај со кадаверична трансплантација од починато лице.

-Има пациенти кои немаат сроден дарител и единствен начин за продолжување на животот е овој вид трансплантација, вели Ѓорѓиев.

Додаде дека Министерството за здравство има волја да се вклучи во кампањата, што ќе е предуслов за заживување на трансплантацијата која освен за бубрези ќе ги опфати сите органи. Најчесто се трансплантираат бубрези, панкреас, црн дроб, бели дробови, срце, коскена срж. Во Македонија согласно Законот, секој човек кај кој настапила мозочна смрт е дарител на органи, што значи сите автоматски се дарители, освен ако за време на животот, писмено не се изјасниле поинаку. Сепак, семејството го има последниот збор.

Трибини за јакнење на свеста за органодарителство ќе се одржат и во останатите градови.