Фото: Маја Јаневска-Илиева

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на Министерскиот состанок на ОБСЕ, при што рече дека сегашната ситуација е директна последица на обидите на западните земји да ја обезбедат својата доминација преку „бесрамното користење на ОБСЕ за агресивно туркање на тесни себични интереси и намерно уништување на основниот принцип на консензус и самата култура на дипломатијата“.

Во својот 15-минутен говор, Лавров ги нападна западните земји, Европската унија и НАТО.

-Организацијата за европска безбедност и соработка денеска е во лоша состојба, изгледите се нејасни – изјави шефот на руската дипломатија на пленарната седница на ОБСЕ во Скопје. Тој потсети дека организацијата била уништена во 1999 година.

-Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија и беше одземено Косово без никаков референдум – посочи Лавров.

Тој потсети дека за нешто повеќе од една година Хелсиншкиот завршен акт ќе наполни 50 години.

-Во тој поглед, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни – рече рускиот министер.

Лавров се осврна и на санкциите што Западот и ги воведе на Русија во неверојатни размери. Во обид да ја урнат руската економија, САД и нивните европски сателити воведоа илјадници санкции кон Русија, ставајќи крај на широката практична соработка меѓу Истокот и Западот во нашиот некогаш заеднички регион – рече тој.

Тој посочи дека Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.

-Секој непристрасен човек разбира дека е важно прашањата за европската безбедност да се решаваат сериозно и искрено. Сепак, западната престолнина е завидно опседната со шансите на ОБСЕ за заживување. Тие веќе создадоа европска политичка заедница без Русија и без Белорусија. Така, на нашиот континент се исцртува уште една линија на поделба, уништувајќи го просторот на ОБСЕ – рече Лавров.

Пред да го започне говорот, од салата излегоа делегации на неколку држави, како Украина, Чешка и други.

Говорот на Лавров бојкотиран од дел од делегациите