Фото: Пекселс

Летниот период и високите температури го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, односно инфекции кои се пренесуваат преку храна. Епидемиолошките служби алармираат правилно да се ракува со храната и внимателно да се чува, како и редовно да се чистат површините на кои обработува, како и ладилниците во кои се чува. Цревните инфекции, колку и да се измачувачки, често поминуваат брзо, но може и да се многу опасни кај ранлици групи, како бебиња и мали деца или хронично болни.

Институтот за јавно здравје препорачува особено внимание на населението за тоа каде и каква храна се консумира, и придржување кон принципите на консумација на безбедна храна.
Заболувањата кои се пренесуваат преку храна, всушност настануваат после внесување во организмот на човекот храна која е контаминирана со инфективни или токсични агенси. Предизвикувачи на овие заболувања се инфективни микроорганизми, кои во погодни услови се размножуваат во храната или во неа излачуваат токсини.
Во речиси 90 отсто од случаите овие заболување ги предизвикуваат бактерии, затоа најчесто зборуваме за бактериски алиментарни инфекции и интоксикации, но исто така можат да бидат предизвикани и од други инфективни агенси (вируси, паразити).

За заболувањата кои се пренесуваат преку храна е карактеристичен нивниот сезонски карактер – најголем број труења со храна се јавуваат во текот на летните месеци, иако можат да се јават во било кој период од годината. Најчесто се јавуваат како групни заболувања, односно во вид на епидемии во семејства, колективи, ресторани, слаткарници и сл.

Причини за појава на овие заболувања, кои често се јавуваат во епидемиска форма се се пропустите во технологијата на подготвување, дистрибуција и чување на храната.

-Во принцип сите хранливи продукти од животинско потекло, се сметаат за примарно контаминирани. Покрај примарната контаминација на продуктите од животинско потекло, во процесот на нивната обработка, односно ракувањето со нив, често доаѓа до секундарна контаминација. Чувањето на веќе подготвената храна на собна температура, особено во топлите летни месеци, овозможува брзо размножување на инфективните агенси и лачење на нивни токсини и е најчеста причина за настанување на заболувањата кои се пренесуваат преку храна – објаснуваат од Институтот.

Оттаму препорачуваат:

• Да не се консумира сирова, термички непреработена храна од животинско потекло (месо и производи од месо, млеко и млечни производи, јајца).
• Свежите прехрамбени продукти да се чуваат во разладни уреди (ладилници) за да се спречи размножување на бактериите и лачење на токсини.
• Зачестено чистење на ладилниците (на 15 дена) во летниот период, со додавање на лимон и оцет во водата за чистење.
• Да се избегнува подготвување и консумација на храна од свежи, термички непреработени животински намирници (кремови, сладоледи, крем сирења и сл.).
• Термичката обработка на храната да биде доволно долга и на доволно висока температура за да ги уништи бактериите и нивните токсини.
• Храната да се користи веднаш по подготвувањето. Доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура до 4 степени Целзиусови (во ладилник) или над 70 степени Целзиусови до нејзина употреба.
• Обработката на термички нетретираната и третираната храна да се врши на различни работни површини, со различен прибор и во различни садови.
• Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење, па дури и кога се излупени.
• Да се избегнува храна од кулинарски тезги на улица, брза храна, како и др. храна и вода од несигурни извори.
• Да се употребува безбедна вода за пиење.
• Темелно чистење и миење на садовите, кујнскиот прибор, работните површини и рацете, пред и после ракувањето со храна – сирова или термички обработена.
• Темелно миење на рацете пред и после јадење.
• Групите кои се под висок ризик (постари лица, трудници и пациенти со ослабен имунитет) особено да внимаваат при изборот на храната, односно менување на навиките за исхрана – да се избегнува храна која термички не се обработува.
• Да се избегнува контакт со животни и темелно миење на рацето по контакт со нив, доколку е остварен.
• Безбедно складирање на храната и нејзина заштита од инсекти и глодари.
• Да не се користи нечиста вода за спорт, риболов и капење.
• Лицата кои вршат подготовка на големи количини храна (ресторани, кафани, кујни и сл. објекти) да бидат здравствено просветени и да ги спазуваат основните принципи на хигиенски минимум при ракување со храна (подготвување, чување и дистрибуција). Тие треба да поминат и специјална обука за начинот и постапките во технологијата на подготвувањето на храна и да прават редовни санитарно-здравствени прегледи.
• Заради безбедноста на продуктите од животинско потекло, потребна е засилена и прописна ветеринарна контрола на животните, контрола на кланиците при колење и обработка на месото и контрола на месото и неговите преработки во индустријата и на пазарот.