ВМРО-ДПМНЕ го поздравува ставот и подготвеноста на ДУИ за одење во опозиција која доаѓа по денешниот настап и притисок на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопштија од најголемата опозициска партија откако портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на Фејсбук објави дека прифаќаат да не бидат во влада што ќе се формира по усвојување на уставните измени.
-Останува уште ДУИ освен за опозиција да се согласи за одложена примена на измените сè до периодот на влез на Македонија во ЕУ, откако ќе се увериме дека нема други условувања за македонскиот идентитет. Сакале или не сакале, следната година ДУИ ќе биде опозиција, но добро е што стануваат свесни – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
По лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, Мицкоски изјави дека прифаќа ВМРО-ДПМНЕ да влезе во широка влада, но без ДУИ, која ќе ги усвои уставните измени, но тие да важат откако ќе се добијат гаранции од ЕУ.
-ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки – рече Мицкоски.