Фото: Маја Јаневска-Илиева

Слободата на медиумите е апсолутна и не смее да биде загрозена. Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не. Тоа е целосно препуштено на новинарската фела, а правото на протест е сосема легитимно, особено кога новинарите се чувствуваат загрозено, рече денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Маричиќ е дециден дека слободата и демократијата за оваа Влада се апсолутни вредности и тука не може да се прават никакви компромиси.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со судската пресуда за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и денешните протести на новинарите поради овој случај, Маричиќ напомена дека Владата целосно стои зад заштита на медиумските слободи и околу тоа, како што потенцира, никој не треба да има дилеми. Тој порача, судиите кои судат вакви случаи, да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавејто 23 за медиумските слободи.

Според вицепремиерот, ако новинарите оценат дека треба, Владата е подготвена да разговара и да донесе соодветни законски измени за тие да се чувствуваат позаштитено и за уште повеќе да се зајакнат медиумските слободи.

– Да немате дилеми дека Владата целосно стои зад заштита на медиумските слободи. Слободата на медиумите е апсолутна и не смее да биде загрозена. Може да биде ограничена само под законски услови, по меѓународни стандарди од меѓународните конвенции кога се работи за говор на омраза или слично. Конкретната пресуда вие ја оценувате како скандалозна, но пресуда се укинува само со друга пресуда на повиок суд и може да се промени. Мој апел може само да биде до судиите кои судат вакви случаи, да бидат извонредно внимателни и да ги консултираат европските стандарди определени со случаите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, но и со други стандарди во Поглавејто 23 за медиумските слободи. Владата нема намера да регулира кој е новинар, а кој не. Тоа е целосно препуштено на новинарската фела и мислам дека новинарската фела таа можност треба да ја искористи, да ја зајакне саморегулацијата заради заштита на сопствената професија. Така ќе помогне и на Владата, а Владата е целосно подготвена ако новинарите, нивните здруженија или генерално медиумската фела смета дека е потребна дополнителна законска измена за да се зајакне заштитата на новинарите и на медиумските слободи и за новинарите да се чувствуваат позаштитено, тоа да го слушне, да го разговара и да предложи такви соодветни законски измени – истакна Маричиќ.

Тој потсети дека во сите извештаи на Европската комисија се регистрирани активните напори на оваа Влада за подобрување на позицијата на новинарите, уважување и унапредување на медимските слободи, како и зајакнување на новинарската професија.

-Да не заборавиме дека во скоро време годинава беа усвоени измените на Кривичниот законик каде се зајакнува заштитата на новинарите од напади на говор на омраза, закани или други видови загрозувања, а направивме и измена на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета каде за десет пати се намалија казните за навреда и за клевета. И лично сум работел на тоа како министер за правда и ги имам предложено двата закона – подвлече Маричиќ.

Според вицепремиерот, Владата се уште не заседавала, ниту заземала став за случајот ИРЛ. Сепак, тој е убеден дека и овој негов личен став произлегува, како што рече, од тоа што повеќе години оваа Влада го практикува и го мисли.

Новинарите денеска пред Граѓанскиот суд во Скопје одржаа протест поради пресудата за ИРЛ. Протестот го организираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).