Фото: МИА

Под мотото „Навремено предупредување и навремена акција“, Управата за хидрометеоролошки работи денеска во Охрид го одбележа Светскиот метеоролошки ден – 23 март.

Директорот на Управата Ивица Тодоровски, говорејќи за последиците од климатските промени и загубите на човечки животи, како и економски загуби во своето обраќање забележа дека Македонија не е поштедена од последиците од екстремните временски услови.

– Сите се сеќаваме на екстремните врнежи и поплавата во Скопската котлина во 2016 година, кога покрај огромна матерјална штета, беа загубени повеќе од 20 човечки животи. Во последните години, се почесто сме изложени на интензивни и долготрајни топлотни бранови во летниот дел од годината, кога и максималните и минималните температури достигнуваат рекордни вредности, особено во урбаните средини – истакна Тодоровски.

Од друга страна, додаде, недостатокот на врнежи ги иницира сушните услови и предизвикува огромна штета не само на земјоделскиот, туку и на енергетскиот економски сектор.

– Токму заради сето ова, Светската метеоролошка организација оваа година светскиот метеоролошки ден го посветува на важноста на навремените предупредувања, кои треба да водат кон рана акција од страна на иституциите, кои работат на намалувањето на ризикот од катастрофи – рече Тодоровски.

УХМР, нагласи, на едноставен начин известува за можни екстремни временски непогоди, а учествува и во проект за целосно операционализирање на националниот систем за рано предупредување од природни катастрофи-мултихазард, како дел од регионалниот систем на Југоисточна Европа, кој е пак дел од Глобалниот систем за предупредување од природни катастрофи на СМО.

Осврнувајќи се на историјатот на Метеоролошката станица во Охрид, која датира од 1923 година, како дождомерна, а од 1945 како главна станица, ги спомена архивските податоци за највисока измерена температура на воздухот од 37.5 степени Целзиусови, во јуни 2007 година, најниската температура од – 17,2 степени Целзиусови измерена во јануари 1954 година, како и дека во Охрид за еден ден може да наврнат над 90 милиметри дожд и оти имало години со 78 последователни денови без капка дожд.

Во рамките на одбележувањето на Светскиот метеоролошки ден, пред Метеоролошката станица во Охрид беше откриена скулптура, наречена „Весна“ по старословенската божица на пролетта и убавината, дело на Даниела Илијоска.

– Скулптурата „Весна“ ја работев шест месеци, од јули кога почнаа да паѓаат шишарките. Изработена е од 1.891 шишарка што ја симболизира годината кога во Македонија е почнато првото мерење на температурата. Ја нареков Весна бидејќи таа е старословенска божица на пролетта и убавината и имала на власт да ја чува сончевата светлина и да ја обнови природата. Нејзиниот црвен фустан ги означува облаците кои се јавуваат на изгресонце и зајдисонце , кои укажуваат на ветер што се поцрвени облаците, ветрот е посилен. Одбрав да направам со шишарки, бидејќи тие се прилагодуваат на секаква температура, на топло се отвораат, а на ладно се затвораат и нон стоп се живи. Косата е руса бидејќи инструментот за мерење влага содржи женско русо влакно, бидејќи тие најмногу ја осеќаат промената на влагата и на времето – појасни Илијоска.

Идејата за скулптурата да е жена ја добила токму од зборот метеорологија, женски род, а времето, на кое му е потребно само една лоша честичка за да се расипе и да предизвика невреме, го спореди со расположението на жената која, како што рече, може да ја налути еден лош збор.