При нашата официјална посета во Турција ни беше кажано дека судскиот дел во врска со екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо кај нив е завршен и останува само административниот дел. Според нивните правила, мора прво таму да се потпише од страна на нивното Министерство за внатрешни работи, па после до министерот за правда – изјави министерот за правда, Кренар Лога.
Во изјава за медиуми по отворањето на денешната меѓународна конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мисла и слободата на јавно изразување на мислата“ министерот Лога информираше дека според зборовите на неговиот колега, министерот за правда од Турција, очекува дека екстрадицијата би била за брзо време.
– Ни дадоа некој рок, како и да е, јас не сакам да кажувам такви детали, бидејќи таа работа зависи од нив, не од нас – рече министерот.
Во однос на прашањето дали е побарано нешто дополнително од нашата држава во врска со тој случај, тој одговори дека нема друга комуникација.
– Нема друга комуникација официјална освен тоа што веќе сите работи се затворени бидејќи сите постапки се на време. Неофицијално сме комуницирале и денеска баравме дополнителна информација кога би била испораката – рече Лога.
Љупчо Палевски Палчо повеќе од три месеци е во екстрадационен затвор во Турција. Тој е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
За соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во притвор е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето.
Со мерки на претпазливост за овој случај е и Стефан Димовски, возачот на првоосомничениот за двојното убиство на Вања и Панче, кој е осомничен за помагање при бегството.