Фото: МИА

Непочната реконструкција на студентските домови, слаб квалитет на храната во студентските мензи, низок износ на субвенцијата за студентски оброк, големиот број универзитети на сметка на квалитетот на високото образование, партизираност која ги принудува да ја напуштаат државава – беа некои од забелешките на студенти од УКИМ каде што денеска беше организирана трибина за студентскиот стандард по повод Меѓународниот ден на студентите – 17 Ноември.

Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, рече дека не е реализирано ветувањето дадено во јануари годинава за почеток на етапна реконструкција на сите девет државни студентски домови во рок од 30 месеци и не е продолжена изградбата на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје.

-Тука е и нивото на ефикасност и прашањето дали е финансиско одржливо постоењето на седум државни и 20 приватни универзитети. Може да зборуваме и за квалитетот на самите студиски програми на универзитетите. Треба да се зголеми и ефикасноста на Министерството за образование и наука каде постојат 35 службеници за високо образование кои се недостапни за контакт и не одговараат на прашања иако им се поставени телефонските броеви и мејл-адресите. Треба да бидат тело кое ќе одговара на проблемите на студентите – рече Николовски.

Претседателскиот мандат на УСС на УКИМ го почна пред две недели и оттогаш, рече, бара термин за средба со министерот за образование и наука, но не му е одговорено на барањето. Ја пофали вицепремиерката задолжена за добро владеење Славица Грковска зашто од нејзиниот кабинет бил поканет да разговараат за младинските проблеми.

Студентската правобранителка на УКИМ Савче Ѓошева изјави дека неотпочната реконструкција на домовите „ги фрустрира студентите“, а она што им е секојдневен проблем се и оброците.

-Храната во мензите е неквалитетна и студентите се гневни поради тоа. На студентите им е скратен еден оброк зашто е укинат појадокот. Картичката за студентски оброк ја користиме секој ден и би било подобро средствата да ни се исплаќаат неделно и студентите да може да си испазарат храна за една недела и да си приготват здрави оброци. Надлежните се информирани, но се уште немаме одговор од нив, ниту засега имаме состанок за да разговараме за нашите потреби. Затоа, ова е апел до надлежните да го слушнат гласот на студентите и нивните барања, рече Ѓошева.

Според Александар Мирчески, студент на трета година на Филозофскиот факултет, 140 денари дневен износ за студентски оброк е доволно само за еден бурек и јогурт со оглед на поскапувањата.

-Сегашниот начин на исплата воопшто не е прагматичен. Приморани сме тие 140 денари, кои и не се голема сума, да ги потрошиме во текот на денот зашто инаку ни пропаѓаат. А се случува понекогаш да се разболиме и автоматски ги губиме тие пари. Има поплаки и дека квалитетот на храната во домовите е многу лош, особено вечерите. Во некои домови не се сервира ниту појадок. Не се учи на празен стомак и тоа треба да го знаат тие што се одговорни, рече Мирчески.

Смета дека студентите се песимисти и поради прекршени права, различен третман и партизацијата во образованието и при вработување и тоа, покрај ниските плати, ги демотивира и ги принудува да ја напуштат државава.

-Партизацијата е канцер на нашето општество и мора да се исече од корен бидејќи не се цени квалитетот туку се цени послушноста и се фаворизираат послушниците. Квалитетниот кадар решението го бара надвор од државата зашто тука не гледаат можност за напредување, рече Мирчески.

Студентите очекувале на трибината да присуствуваат премиерот и министерот за образование и наука за да ги слушнат нивните потреби, но поради службени обврски Димитар Ковачевски и Јетон Шаќири со видеообраќања им го честитаа денот на студентите.

Претседателот на Владата истакна дека 17 ноември е симбол на студентската борба за подобри услови за образование и живот, дека студентите се двигатели на општествените промени и градители на утрешнината и дека не се оставени сами во нивната борба за подобар стандард.

-Вашиот глас треба да се слуша. Во вашата битка вие не сте сами, Владата која ја предводам, заедно со вас, ќе продолжи да инвестира во вашата и наша иднина – во подобро образование, подобар студентски стандард и подобар живот за сите нас, рече Ковачевски во пораката, нагласувајќи дека Владата се придружува во заложбата за подигнување на студентскиот стандард и дека има обврска „да обезбеди европски квалитет на живот дома“.

На трибината учествуваше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која истакна дека идеите на студентите се вредни и имаат потенцијал да го обликуваат текот на историјата и ги охрабри младите на поголемо општествено учество. Се осврна на Законот за практикантство и посочи дека секој млад човек треба да ги искористи можностите што им ги нуди.

-Само изминатата година има вклучено 621 практикант, додека во двете години пред неа вкупно има вклучено 834 лица до 34 години. Верувам дека можностите се во стекнувањето повеќе вештини. Затоа ги охрабрувам младите покрај завршување на високото образование, практично да се стекнат со вештини. Тука не се заборавени и младите кои продолжуваат и во производствената дејност, младинскиот додаток е нешто коешто го спроведуваме, а сум особено горда. Во изминатите три години имаме вклучено 14 439 млади кои добиваат 3.000 денари плус на нивните сметки, рече Тренчевска.