Фото: Еуропа Прима

IN MEMORIAM МЕТО ЈОВАНОВСКИ (1946-2023)

Беседа по повод прогласувањето за прв македонски филмски и театарски уметник Doctor Honoris Causa на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима.

Во една од најубавите песни во светската поезија
посветена на неговото височество Актерот,
бесмртниот Сергеј Есенин не само што го опеа
и го овенча со вечност својот современик
актерот Качалов, туку го обесмрти и неговото куче.
Кучето на Качалов стана симбол на идејата
дека Актерот е столб на меморијата на
Светската цивилизација
Кога Качалов ќе се појавел на московските сцени
дури и земјата се бранувала од руската душа
до бескрајот на човечкиот сон
дека сите ние простосмртни како што сме
би можеле да ја победиме смртта барем за еден миг.
Да, точно е според оваа песна се бранувала
филмска и театарска Москва од
Качалов, од Смоктуновски, од Висоцки,
се бранувал Лоднон од Ралф Ричардсон,
Лоренс Оливие и Џон Гилгуд,
се бранувал Париз од Жерар Филип,
Жан Габен, Мишел Буке,
се бранувал Токио од Тоширо Мифуне,
од Такаши Шимура, Сусуми Фуита,
се бранувале Рио Де Жанеиро,
Њу Делхи, Буенос Аирес и Бостон,
Прага, Варшава, Рим и Букурешт,
од актерите на Гротовски, Кантор,
Барба, Стрелер, Питер Брук, но и
Балканот, тој надалеку познат полуостров,
каде е родена античката трагедија,
некогашната и сегашната трагедија,
се бранувал од играта на едниот,
единствениот, неповторливиот,
само нему сличниот, возвишениот,
неговото Величество – актерот Мето Јовановски,
кој ги запиша Скопје и Македонија
на европската и светската актерска мапа.

Се бранувале Тирана, Сараево, Загреб,
Подгорица, Софија, Белград, Нови Сад,
од филмските и театарски соништа
на актерот Мето Јовановски, бидејќи
додека политичките елити на Балканот
го промовираат политичкиот терор,
етничката пурификација и корупцијата
која достигна невидени димензии,
уметничката елита на која припаѓа
актерот Мето Јовановски,
го идентификуваше балканското
цивилизациско поле со духовната убавина
како спасителка на светот и по стотиците
ролји на штиците што живот значат,
и во филмските лавиринти како еден од
најоригиналните неуморни
производители на убавина
во име на Наставно-научниот совет
Ве прогласуваме Вас Мето Јовановски
по Јиржи Менцел, Шарл Азнавур,
Маноел Де Оливеира, Клод Лелуш,
Жан Клод Кариер, Абдулах Сидран,
Мики Манојловиќ, Боро Драшковиќ,
Слободан Шнајдер и Алексаднар Морфов,
кои стоеле на истово место
каде што стоите и Вие
и ја испишале историјата
на светската уметност и на
нашиот Универзитет
како што Вие ја испишавте на Македонија
во Балканот, Европа и во Светот
Ве прогласуваме со највисоката
академска титула
Doctor Honoris Causa!
Прв пат во историјата на Македонија
еден актер се стекнува со оваа титула
бидејќи и денес е така
и пред 2400 години било така
кога во времето на Херодот
таткото на историјата
кој што ги опишал Пелопонеската
и Грчко-Персиската војна
неговиот современик
античкиот трагичар Софокле напишал
“Ода за Херодот” што ја рецитирал по
балканските амфитеатри од Лихнидос,
Хераклеа и Стоби до Делфи и Епидаурус,
Актерот ЕУАИОН, чиј што лик е нацртан

на античките вазни од тоа време
со портрет на Човекот-Куче
каде благо се мешаат во ликот
двата профили дека според записите
на Херодот, тогаш започнала
големата миграција на народите
која и по 2400 години е иста
бидејќи како што напишал Софокле
само Актерот може да ја пренесе
драмата на Човекот во бегство.
Сега кога треба да ги напишеме
бесмртните стхови слични на
песната “Кучето на Качалов” од Есенин
ние можеме да речеме дека
и нашата средба со Мето Јовановски
на сцената е започната пред 2400 години
со ликот на Еригон или
Canis Lupus Macedonicus
што Мето маестрално го играше на
сцената на Драмскиот Театар
и ги понесе сите врвни признанија
во тогашна Југославија каде што
и воздухот мирисаше на театар
и “Човекот во бегство” од Софокле
што ги опишуваше бегалците
во Античките војни, се отсликуваат
и денеска во сликата на Светот
според статистиките на УНХЦР
има 238 милиони бегалци
расфрлени по Меридијаните
кои што на европскиот и
светскиот конгрес на
кучешките права и слободи
на дваесет и првиот век не
можат со никаков ДНК да го
потврдат своето право на постоење.
Во таа смисла од неговата прва улога
во Болен Дојчин, Мето Јовановски
е сликата на човекот во бегство
и во капиталните дела на
македонската драматургија и
во Хамлет од Шекспир и
во Сен Жист од Бихнер
и во Вујко Вања од Чехов
и во Кафка од Ружевиќ
и кај Тенеси Вилијамс

и кај Том Стопард
и во Писание од Чинго
и во Злосторство и казна од Достоевски
и во плејадата на филмски ликови
кои се надеваме ќе бидат
предмет на посебен докторат
бидејќи како што Албер Ками
при добивањето на Нобеловата награда
го спомна својот учител Луи Жермен
така Мето Јовановски го спомнува
својот возвишен професор Бојан Дановски
пријател на Бертолд Брехт
што го постави клучното прашање
“Што правеше Господ
пред да го создаде Светот”
и на Никола Јонков Вапцаров
балканскиот поетски гениј
кој што напиша пред да го
стрелаат и испратат во вечност
“безмилосна е борбата и волчка
и велат дека криела епичности
ќе те смени друг и точка
што тука значи некаква си личност”.
Низ овие зборови може да се открие
она што Хегел го нарекува “Academia aeterna” на Мето Јовановски
Неговата реплика од Еригон:„Да се биде Македонец е естетски чин“
ќе одекнува во светскиот уметнички бескрај за вјек и вјеков! Амин!

Јордан Плевнеш

По иницијатива на поголем број на институции и почитувачи на неговото дело од Македонија и Европа и светот, секоја година на неговиот именден Свети Кирил и Методиј, 24 мај, ќе биде организиран меѓународен уметнички, филмски и театарски настан што ќе го носи неговото име.