Пад на поддршката за евроинтеграциите, перцепција за висок степен на корупција, слаба доверба во институциите, недостиг на владеење на правото и голема партизација во општеството, покажуваат резултатите од анкетното истражување „Евробарометар 2022“, спроведено од 12 до 27 декември минатата година во телефонска анкета врз репрезентативен примерок од 1.006 испитаници од страна на „Брима“ за потребите на Центарот за европски стратегии „Евротинк“.
Вкупно 61 процент од испитаниците сметаат дека во земјава нема демократија, 72 отсто сметаат дека државата се движи во погрешна насока, а според 71 отсто од нив институциите лошо ја водат борбата против корупцијата. Од анкетираните, 38 отсто сметаат дека во наредните 12 месеци ќе бидат донесени измените на Уставот, а 39 отсто дека тоа нема да се случи. Само 12 отсто од нив сметаат дека во наредните пет години ќе влеземе во Европската унија. Однесувањето на ЕУ како фер, пријателско и коректно кон нас го сметаат 17 отсто од испитаниците, а 65 отсто го оценуваат за нефер, надмено и уценувачки. Вкупно 42 отсто од анкетираните сметаат дека постои закана за земјава, а како најголема (27,6 отсто) ја сметаат Бугарија, а четири отсто Русија. Најпријателска земја според 37 отсто од испитаниците е Србија.
Најголема доверба граѓаните имаат во Армијата, за што се изјасниле од 39 отсто од испитаниците, потоа следат религиските институции со 32 отсто и полицијата со 21 отсто. Најмала доверба од само шест отсто граѓаните имаат во судството, по што следи обвинителството со седум отсто.
– Во 2022 година имаме рекордно ниски бројки во однос на довербата и ставовите на македонските граѓани кон Европската Унија и општо кон самиот процес на интеграции во ЕУ има падови или осцилации од околу 20 проценти во однос на претходните години. Во последните две до три години Бугарија се смета за најголем непријател на Македонија и тој тренд континуирано раст. Ако во 2021 година Бугарија била број еден со 23 отсто од граѓаните кои сметале дека е најголем непријател, во 2022 година тој процент е 27,6 отсто. За разлика од нив Србија е традиционално сметана за најголем пријател на државата со 37 проценти – рече извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски на денешната средба со новинарите.
Александар Стојановски од „Евротинк“ оцени дека се забележува пад на граѓаните што изразуваат доверба во институциите.
– Во 2020 година во Армијата верувале 63 проценти од испитаниците, во 2022 година само 39 проценти. Кај претседателот довербата во 2020 година била 37 проценти, а во 2022 година 18 проценти. Низ годините граѓаните во помал процент ја изразуваат довербата и генерално кај сите институции има пад на довербата, посочи Стојановски.