Фото: Маја Јаневска-Илиева

Заштитните маски изминативе две години претставуваат заштитен декор на главниот град. Ги има насекаде, во Вардар, во парковите, на пешачките патеки, на автобуските постојки, во самите автобуси, на дрвјата, на грмушките, околу контејнерите и кантите за отпадоци, но никогаш, или исклучително ретко се правилно фрлени како медицински отпад. За голем дел од граѓаните ова е веќе стандардна слика во Скопје, која на многу од сожителите им прејде во навика

ГРАЃАНИТЕ НИКАКО НЕ НАУЧИЈА КАКО СЕ ФРЛААТ ИСКОРИСТЕНИТЕ ЗАШТИТНИ МАСКИ

Веќе две години како целиот свет, па и ние се вртиме во круг со коронавирусот. Две години како сме под офанзива со невидливиот непријател, користејќи го превентивното оружје познато како заштитни маски, ракавици и средства за дезинфекција. Некои успешно се справуваат со ситуацијата, додека други, пак, заболувањето го поминаа многу лошо, а некои, пак, ја загубија битката со вирусот. Справувањето со пандемијата не е и не смее да биде само индивидуално, но сепак, праксата што може да се забележи низ скопските улици, покажува дека себичноста и неодговорноста кај населението се на значително високо ниво.

ПОВЕЌЕ МАСКИ НА ЗЕЛЕНИТЕ ПОВРШИНИ ОТКОЛКУ НА ЛИЦЕТО НА ЛУЃЕТО

Заштитните маски изминативе две години претставуваат заштитен декор на главниот град. Ги има насекаде, во Вардар, во парковите, на пешачките патеки, на автобуските постојки, во самите автобуси, на дрвјата, на грмушките, околу контејнерите и кантите за отпадоци, но никогаш, или исклучително ретко се правилно фрлени како медицински отпад.
За голем дел од граѓаните ова е веќе стандардна слика во Скопје, која на многу од сожителите им прејде во навика.
– Фрлањето маска на улица каде што се движат сите, па и децата е навистина крајно несериозно однесување. Малите деца не знаат како треба да се однесуваат. Тие се љубопитни и таа нивна љубопитност ја задоволуваат со допирање на нештата. Така истражуваат, учат и играат. Во ред е да скинат лисја од дрвја, гранки да земат од земја, да играат со песок, со камчиња, но воопшто не е хумано да играат со фрлени искористени заштитни маски што некој ги користел. Што ако тој некој бил заразен со ковид? Зошто како возрасни мора да сме до толку неодговорни и несовесни? Жално е мали деца да се заразуваат поради нашата неодговорност – вели Рената Трпковска.
Некои од граѓаните, пак, велат дека најголем проблем се помладите, бидејќи токму тие се тие што фрлаат маски, но и други отпадоци каде што ќе стигнат.
– Младите изгледа не ја сфаќаат сериозноста од состојбата, бидејќи лично пред мои очи фрлаат заштитни маски каде што ќе стигнат. Кај нас преполно е од маски на детските лулашки, каде што кога ќе завршат со училиште, децата се собираат за да се дружат, па и покрај тоа што има канти за отпадоци, тие упорно маските ги фрлаат долу покрај лулашките – вели Зорица Димитриевска.
Зорица вели и дека маски има повеќе на земјата отколку на лицата на граѓаните, од кои многумина влегуваат во продавници без нив, ниту, пак, ги носат во автобусите.
– Низ улиците и парковите постојано ги гледаме вработените во комуналните претпријатија како собираат ѓубре, вклучувајќи ги и заштитните маски, но никој не се оптоварува со тоа, бидејќи до утредента, маски повторно ќе има на исчистените површини – вели таа.

„КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“: СООДВЕТНО ДА СЕ ФРЛААТ ЗАШТИТНИТЕ МАСКИ

Дека ваквиот вид отпад е доста голем проблем за надлежните потврдуваат и од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, кои велат дека изминатите две години се соочиле со огромно количество отпад од заштитни маски и ракавици што граѓаните ги исфрлале на јавни површини или, пак, несоодветно ги фрлиле во садовите наменети за комунален отпад.
– Употребените заштитни маски особено претставуваат потенцијален извор на зараза и во согласност со епидемиолошките препораки, овој тип отпад треба да биде фрлен уредно спакуван во двојни ќесиња. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје апелира до жителите на градот Скопје отпадот од заштитната опрема слободно да го фрлаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери, или канти за отпадоци. Но особено е значајно употребените заштитни маски и ракавици да се фрлаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, со цел да се заштити здравјето на вработените во претпријатието коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад и наедно да се намали ризикот од ширење на ковид-19 – велат од претпријатието.

СЕРИОЗЕН ПРЕДИЗВИК И ЗА ОПШТИНИТЕ

За тоа дека фрлените заштитни маски, но и другиот несоодветно фрлен медицински отпад се сериозен предизвик за надлежните, потврдуваат и од Општина Кисела Вода, каде што пред неколку дена беше реализирана акција за чистење медицински и комунален отпад.
Чистењето започна околу Центарот за зависници, се одвиваше во неколку траси, и траеше во текот на целиот завчерашен ден.
– Во делот на собирање на медицинскиот отпад е ангажирано здружението ХОПС, бидејќи во согласност со законските одредби, собирање и транспортирање на медицинскиот отпад може да врши само овластено правно или физичко лице. Во согласност со постигнатиот договор со Општина Кисела Вода, ХОПС ќе продолжи секојдневно, со теренско возило да го чисти медицинскиот отпад од територија на општината Кисела Вода и во наредниот период. Општина Кисела Вода потсетува дека медицинскиот отпад е опасен и може да предизвика значителна штета на здравјето на луѓето. Апелираме доколку граѓаните забележат вакво незаконско фрлање отпад, случајот да го пријават. Притоа, доколку се работи за медицински отпад, на располагање стои телефонскиот број 075/769-948 (здружение ХОПС) – информираат од Општината.

[email protected]