Скопските улици, в недела, неколку часа ќе бидат преплавени од луѓе со велосипеди, тротинети, ролерки, бебешки колички и скејтборди. Повеќе од 3.500 учесници досега се пријавиле за ревијалната трка низ улиците на Скопје – „Вози право, вози здраво“.
Стартот на трката е закажан за 18 часот од портата „Македонија“, додека целта е во Градскиот парк каде што ќе се организираат голема забава и богата лотарија за учесниците.
Во наградниот фонд се приклучува и Град Скопје, при што ќе додели еден вредносен ваучер за набавка на алтернативно превозно средство. Шестото издание на „Вози право, вози здраво“ се организира по пауза од две години поради пандемијата. На последниот настан во 2019 година имаше 7.800 регистрирани учесници.