Фото: МИА

Предложените измени на Законот за заштита на населението се направени во врска со последната пандемија на ковид-19, во која сè уште се наоѓаме. Ова значи дека сите одлуки што се носеа од страна на Владата за изолација и одредување мерки сега ќе имаат и правна основа со закон. Со овој степен на пандемија, како што е во моментов нема да се бараат сертификати, бидејќи нема ризик кон општото здравје за граѓаните, изјави министерот за здравство Беким Сали и појасни дека доколку не се појави епидемија не се наметнува никакво ограничување.

Во одговор на новинарско прашање на денешната конференција на тема „Преку стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините“, тој истакна дека измените не се насочени кон граѓаните кои не сакаат да се вакцинираат, но ги известуваат оти „невакцинирањето по автоматизам не е право за движење каде било и кога било“.

– Сите ние сме дел од општество за кое сносиме одговорност, додаде министерот.

На прашањето дали доколку поминат законските измени во Собрание и се појави епидемија на морбили, невакцинираните деца нема да одат на училиште, Сали изјави дека повторно ќе зависи од одлуката на Комисијата за заразни болести (КЗБ).

– Доколку КЗБ утврди дека одредена група на деца би биле ризик за себе и за останатите деца, секако дека ќе се донесе една таква одлука, вели министерот.

Сали посочи дека сите мерки што досега беа преземени за време на ковид-пандемијата се донесени како предлог на Министерството, а врз основа на препораки на КЗБ, се привремени, додека сега ќе бидат законски поткрепени.

 

Да не дозволиме да се наруши долгогодишната традиција на успешна имунизација поради напливот од дезинформации

Точните и навремени информации се клучни за заштита на здравјето на децата како и на целокупната популација. Изминатиот период поради ковид-19 здравствениот систем се соочи со бројни предизвици, меѓу кои и одржување на високиот опфат со редовни вакцини согласно календарот за имунизација, паралелно со тоа постигнување што е можно поголем опфат за вакцинација против ковид-19.

Ова го истакна министерот за здравство Беким Сали на денешната конференција посветена на стратешко управување со погрешни информации и квалитетно медиумско известување, до поголема доверба во вакцините. Конференцијата е осврт на досегашните активност и на Македонскиот институт за медиуми, во партнерство со УНИЦЕФ и со здравствените власти, а со поддршка на УСАИД, за поставување систем за управување со погрешни информации и поддршка за квалитетно медиумско известување за вакцинацијата против ковид-19 и редовната вакцинација на децата.

– Нашата тенденција е да не дозволиме да се наруши долгогодишната традиција на успешна имунизација, имајќи предвид дека навремената заштита е клучна особено за новороденчињата и децата од предучилишна возраст – порача министерот Сали.

На настанот свое обраќање имаше и заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов кој посочи дека речиси 30 проценти од родителите во земјава ги сметаат информациите за вакцините како контрадикторни и збунувачки.

– Пред три години уживавме во високите стапки за вакцинација што беа до 95 проценти, а сега се враќаме назад за повторно да го постигнеме тој прогрес. Оттаму, ние мора да најдеме начин да ги слушнеме и грижите на родителите и соодветно да одговориме на нивните дилеми – вели Ајвазов.

Истражувањето на МИМ во период од јули-август 2022 година со цел да направи процена на перцепциите, ставовите и искуствата на медиумите и здравствените работници за јавна комуникација за вакцинацијата против ковид и редовната вакцинација на децата, министерот Сали вели дека за жал потврдуваат дека дезинформациите и погрешните перцепции имаат потенцијал да ја намалат довербата во однос на имунизација како и воопшто во здравствениот систем.

– Иако на глобално ниво се преземаат мерки за адресирање на дезинформациите на околу вакцинацијата, сепак станува збор за феномен што не се решава во краток рок – заклучи тој.