На непосредни избори денеска јавните обвинители од земјава ќе гласаат за избор на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на oрганизиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). На гласачкото ливче се четворица кандидати Деса Пауновска и Ислам Абази, кои доаѓаат од Вишото обвинителство – Гостивар, Ермон Незири од скопското Обвинителство и суспендираната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска.
Согласно Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава. Гласањето ќе се спроведе во текот на работното време на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Македонија.
Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава имаат право на глас за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК. Гласањето, како што појасни за МИА претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, ќе биде од 8 до 16 часот, по што Советот ќе направи јавно сумирање на резултатите.
На кандидатската листа под број 1 е Ислам Абази, број 2 Незири Ермон, број 3 е Деса Пауновска и под број 4 е Вилма Русковска. На огласот за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК беа пријавени петмина кандидати, но Енѓелуше Кадриу – Леши ја повлече пријавата.
Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава. Советот на ЈО по денешното гласање, согласно законот, во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.
Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.