„Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство“ беше темата на трибината што се одржа денеска во Прилеп, а ја организираа ЕХО во соработка со Македонски полициски синдикат, Министерството за внатрешни работи и општина Прилеп.
Трибината беше во рамките на Кампањата „16 Денови активизам против родово базирано насилство“, а учествува претставници од општите даватели и специјализирани даватели на услуги за жени и девојчиња изложени на насилство како и експерти од областа.
Притоа беше посочено дека проектот се работи од 2021 година, со кој се мултиплицира потребата од заштита на жените од насилство.
– Зголемен е бројот на пријави за насилство. Досега преку 200 услуги имаме дадено преку проектот како што се бесплатна помош, ресоцијализација, правно застапување. Насилството не се случува само дома туку и на работни места, особено преку интернет. Има нови форми и затоа се обучуваат лица за постапување при заштита. За 30 проценти е пријавувањето на насилство, особено сега по кризата со пандемијата – вели Бети Пеева, од организацијата ЕХО, притоа посочувајќи дека се надеваат оти наскоро ќе бидат донесени измените на законот за заштита.
Емилија Велкоска, началник од прилепската полиција, посочи дека кампањата „16 Денови активизам“ годинава е со светско мото „Обедените се“.
– Го креваме гласот во заштита на жените и девојчињата од насилство не само од индивидуално, туку и институционално. Најраспростането е психичкото и физичкото насилство. Кога беше пандемијата имавме зголемен бројот на пријавени насилства врз жени и девојчиња. Беше зголемен трендот на психичко насилство. Сега е стабилна состојбата. Имаме координативен пристап во заштитата со ЦСР Прилеп, со судот, со сите институции – изјави Велкоска.
Од Центарот за социјални работи велат дека имаат одлична комуникација за заштита на жртвите од насилство, дека им пружаат заштита на жртвите. Според нив кампањата вродува со плод во однос на пријавувањето на насилството.
Ка.М.