До вчера малку познатото Осломејско езеро од година во година се претвора во нов рибарски рај. За да ги подобрат условите за спортски риболов на ова езеро, членовите на риболовното друштво „Хантер фиш“ од Кичево најпрво изградија две платформи, планираа да изградат уште шест а најновата проекција вели дека Осломејско езеро во следната календарска година ќе располага со дури 30 рибарски платформи, што би го вброило во езерата кои нудат најдобри услови за спортско-риболовни натпревари – потврди претседателот на СРД „Хантер Фиш“ Бесмир Елези.
– Откако двајца наши риболовци есента изразија желба да изградат две риболовни платформи, ни на сон не ни паѓаше дека оваа бројка брзо ќе биде надмината и до претходниот викенд завршени се дури осум платформи, а во наредните месеци планираме бројот нa платформи да се искачи на дури 30, што ќе овозможи на ова езеро да се одржуваат врвни спортско-риболовни натпревари. Покрај со работна рака, риболовци како од нашиот клуб така и од други клубови од земјава, во повеќе наврати донираа средства за изградба на овие платформи и тој тренд добива се поголем замав и апсолутно е издржан нашиот проект за изградба на 30 платформи на Осломејско езеро и планираме до наредното лето да ја реализираме проектираната бројка. Со новоизградената риболовна инфраструктура и со изградбата на патот до и околу езерото, ќе обезбедиме услови за спортско-риболовни натпревари како ретко каде ги има во земјава -истакна претседателот Бесмир Елези, целосно фокусиран кон изградбата на риболовните платформи и подобрување на условите за спортски риболов во целост.
З.А