Фото: Ка.М

Привремено вработените лица, ангажирани со договор на дело, по повеќе години во прилепската болница „Борка Талески“, денеска протестираа пред болницата, велејќи дека се револтирани оти не е решен нивниот статус.

– Работиме со години со договор на дело, некои од нас и по седум години. Од почетокот на годината немаме никаков договор. Досега немало пречки за потпишување на нови договори, но сега има. Нема ни плати заради тоа што немало согласност. Апелираме да се надминат партиските интереси во Министерството за финансии меѓу министерот и заменикот министер и да ни се излезе во пресрет. Доколку се прекине нашиот ангажман во болницата нема да има доволно кадар за давање здравствена помош на пациентите. Доколку не се добие согласност, утре продолжуваме со штрајк во Скопје пред Министерството за финансии. За нашите барања имаме поддршка од раководството на болницата – велат 70 тината лица ангажирани во прилепската болница, кои добијаа поддршка и од вработените од Затворот во Прилеп.

Од болницата велат дека им даваат поддршка на ангажираните лекари, медицински сестри и друг персонал.

– Тие секојдневно и несебично до овој момент ги извршуваат своите работни задачи. Како институција ЈЗУ Општа болница со проширена дејност ги има запазено сите рокови – до надлежните институции поднесени се сите барања, сите табели и останатите пропратни документи. Донесена е одлука на Влада и моментално на техничка влада – вели Кети Смилеска, директор на болницата, потенцирајќи дека болницата не може без овие лица, кои се распределени насекаде на одделенијата како доктори, медицински сестри, возачи.

Ка.М.