И покрај тоа што пред и по заминувањето од функцијата, на сега веќе поранешната градоначаничка на Битола, Наташа Петровска, во јавноста беше пласирана приказна дека во нејзиниот четиригодишен мандат се работело чесно и домаќински, и во согласност со позитивните законски прописи, како и тоа дека таа во општинската каса оставила неколку милиони евра, сепак, работењето на Петровска ќе биде предмет на целосна ревизија. Ова го најави актуелниот градоначалник на Битола, Тони Коњановски.

– Сакам да истакнам дека, согледувајќи ги состојбите со кои се соочивме во изминатите два и пол месеци од работењето како локална самоуправа, повеќе од потребно е да се направи целосна ревизија на работата во периодот од 2017 до 2021 година, изјави Коњановски.

Засега останува непознато дали ревизијата ќе ја прави Државниот завод за ревизија, кој работи според однапред планирани програми, или некоја приватна ревизорска куќа. М.М.