Фото: Зоран Антоски

Безграничниот хуманист Горанчо Аризанкоски од Кичево дарувал крв 120 пати и вели дека е рекордер во Западна Македонија. Својата хумана мисија ја започнал во својата 18 годишна возраст и тоа редовно го практикува и денес на свои 58 години и ветува, дека се додека го служи здравјето ќе подарува дел од својата драгоцена течност.

-За прв пат крв подарив пред 40 години кога имав само 18 години, својата хумана мисија ја практикувам и денес и така ќе биде се додека ме служи здравјето. Бројот на крводарувања ќе беше и поголем ако во два наврати од објективни причини не бев спречен да подарам дел од својата драгоцена течност. Првиот пат имав една операција а вториот пат од својата компанија бев испратен на терен – вели Аризанкоски, кој иако нема сигурна работа и редовни приходи, сепак ветува дека ќе дарува крв се додека може.

-Јас иако сум немал постојана работа, туку сум работел се и сешто, сепак никогаш не сум се откажал од оваа хумана дејност. Секогаш кога сум бил повикан да подарам крв и спасам нечиј живот, во ниту еден момент не сум бил во дилема дали да му помогнам на човека кога е во невоља или не – вели рекордерот Аризанкоски.

Иако денес со своите 58 години не е веќе млад, сепак верува дека барем два пати годишно ќе може да подари крв и смета дека по неговите стапки треба да тргнат сите физички здрави лица, затоа што животот нема цена.

Негова цел е да достигне бројката од 150 крводарувања.

-Горд сум на остварените резултати а ќе бидам уште погорделив, кога ќе стигнам до бројката од 150 крводарувања, затоа што сметам дека на толку луѓе сум им го спасил животот и нагласи дека државата треба да води повеќе сметка крводарителите рекордери да добијат сигурна работа, со што барем малку ќе им се оддолжи за долгогодишната хумана дејност и пожртвуваност – додава Аризанкоски.

З.А