Извор: Википедија / Фотографијата е архивска

Положувањето на крстот за Водици во Кичево е од постар датум, а потврда за тоа е фотографијата снимена во 1936 година и чинот на положувањето на крстот во река Темница во населба Подварош. Безмалку сите жители на градот христијани се собирале крај реката за да го проследат овој настан, кој бил вистинска атракција за градот, кој во тоа време го сочинувале повеќе маала.

– Во годината кога е направена оваа фотографија во студените води на Темница по Светиот крст влегол единствено Стојмир Софронијоски- Цоле, жител од населбата Подварош, во чија близина се наоѓало и речното корито. На овој ден како сведоци на положувањето на крстот во реката биле речиси сите граѓани христијани, кои трпеливо стоеле крај речното корито и чекале да биде положен крстот во студените води на Темница. Од она што ни беше кажано од нашите дедовци и татковци, оваа традиција во нашиот град е постара од еден век и секоја година независно за каква зима се работи, положувањето на крстот бил еден од најважните моменти за локалните жители – истакна Перо Тренески, жител во населбата Подварош, кој ни ги пренесе впечатоците на своите постари поколенија за овој редок културен настан во градот.

Во Кичево положувањето на крстот во река Темница денес не е можно бидејќи реката континуирано има низок водостој и положување на светиот крст во реката е тешко да се реализира.