Која е улогата и какво е значењето на боите и на симболите во политиката? Дали и колку тие придонесуваат да се допре до граѓаните и да ги прифатат партиските ставови за поблиски и свои? Во таканаречената лична карта на политичките субјекти, покрај партиската програма, свое видно место имаат и симболите и бојата со кои се идентификува партијата

Која е улогата и какво е значењето на боите и на симболите во политиката? Дали и колку тие придонесуваат да се допре до граѓаните и да ги прифатат партиските ставови за поблиски и свои? Во таканаречената лична карта на политичките субјекти, покрај партиската програма, свое видно место имаат и симболите и бојата со кои се идентификува партијата.

Смена на бојата значи промена на партискиот курс?

Политичкитe партии во одредени ситуации и околности се решаваат да ги менуваат и боите за да испратат одредена порака до граѓаните. Најнов пример се ребрендирањето и промената на дресот на ДУИ, како една од владејачките партии со најдолг стаж на власт во државата. Но ДУИ не е прв и единствен случај на политичко пребојување со точно поставена цел и намена.
Во пресрет на локалните избори, кои треба да се одржат есенва, и некои други политички партии од земјата идната изборна трка ја најавуваат со променети партиски бои и со редизајнирани партиски обележја.
Претходно владејачката СДСМ го промени својот изглед и жолто-сината комбинација на партиското лого ја замени со темноцрвена и бела боја. Од друга страна, и најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ во својата историја памети неколку ребрендирања, кои вклучуваат и промена на партиските бои. Првото се случи во 2008 година, кога оваа партија, следејќи ги примерите на тогашната портокалова револуција во Украина, ја промени црно-црвената боја на партиските обележја со портокалова. Но по смената на партиското раководство, се сменија и боите на партиските обележја на ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се со светлоцрвена боја.
Феноменот на боите во политиката е присутен и на глобалната политичка сцена.

Со нови бои во лов на нови симпатизери и гласачи

Универзитетски професори и политички аналитичари велат дека партиите ги редизајнираат своите партиски обележја со нови бои бидејќи на тој начин вршат ребрендирање и лов на гласачи.
Според нив, ваквите промени во Македонија се резултат на следење на светскиот тренд, во кој ако одредена партија во моќна држава во Европа победи на изборите, извесно време потоа овие состојби се копираат од партиите во помалите европски земји.
Универзитетскиот професор Михал Вит вели дека Македонија не е исклучок во ваквото однесување на партиите.
– Насекаде во Европа, од година на година, зафаќа одреден тренд во кој партиите поради некоја причина чувствуваат потреба да се ребрендираат, тие ги менуваат изгледите на нивните симболи, доминантната боја на партиските обележја, па дури и дизајнот на нивните електронски страници и акаунти на социјалните мрежи – вели професорот.
Тој објаснува дека кога одредена партија ќе победи во големите европски земји, како Германија, Франција и Британија, со одредена успешна формула, тогаш, условно кажано, помалите земји од Европа го следат нејзиниот тренд.
– Оваа имитација на успешно политичко дејствување е слична како и во бизнисот. Имено, кога ние имаме успешна формула што продава одреден производ, сите конкурентни компании „играат“ на истата карта и се обидуваат да ги продадат нивните производи. Па, истите правила што важат во бизнисот, очигледно, важат и во политиката – вели професорот.
Тој потсетува дека кога партијата на Ангела Меркел, СДП, своевремено победила на изборите за првпат во Германија, која има доминантно црвено-сини обележја, тогаш сите други партии од сите можни ориентации од левицата, центарот и десницата се обиделе да го имитираат изгледот на германската формула. Ист бил случајот и со победата на италијанското движење Пет sвезди во Италија, кое има доминантно зелени симболи, по што сега е модерно сите други партии да се ребрендираат по теркот на Италијанците.

– Комуникациски, тоа е добар потег, поради тоа што се навестува свежина, упатена кон неопределените. Затоа вметнувањето нова боја, зелена, која е боја на екологијата и на иднината во Европа, или црвена, боја на левичарството, или пак други и портокалова, која е и асоцијација на револуцијата во Украина, е стратегиски добра одлука. Доколку со ова ребрендирање партиите успеат на свое конто да ги пресликаат гласовите на неопределените и да ги убедат новите гласачи, кои се млади или кои можеби првпат гласаат, да ги поддржат нивните политики, тогаш се смета дека партиите што го менуваат изгледот на боите ја оствариле целта – заклучува Вит.
Политикологот Милан Стефаноски вели дека борбата за гласачи во кампањата на македонската политичка сцена со себе носи и наратив што подразбира одредени промени на изборниот фолклор, бидејќи на тој начин се следат трендовите во светската политика, која се прелева и кај нас.
– Јас лично ги поддржувам овие модификации, доаѓаат како добро освежување, бидејќи со нив се избегнува визуелниот стереотип на изборните кампањи. Но, за жал, освен оваа визуелна причина, промените во изгледот не значат и промени во однесувањето на партиите по изборите. Дополнително, новиот имиџ исто така многу тешко го менува и расположението на гласачите, кои во Македонија сѐ уште гласаат по навика и тешко ги менуваат своите политички опции – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека историјата памети драстични промени во фолклорот на изборните трки во Македонија, а како најмаркантна ја смета онаа на ВМРО-ДПМНЕ пред повеќе години, кога партијата ги замени црвената и црната боја со портокалова, симболизирајќи ја тогаш актуелната Портокалова револуција.
– Сличен ефект беше постигнат и во СДСМ, каде што, откога на чело на партијата застана Зоран Заев, тие својата доминантно сина боја ја заменија со црвена, а истото тоа се случува сега и со ДУИ – вели политикологот.
Во науката, според политикологот, овие промени најчесто се случуваат во период кога одредените партии го менуваат своето раководство или ги менуваат политиките на нивното дотогашно дејствување, па на таков начин со ребрендирањето се обидуваат да ги добијат симпатиите на актуелните гласачи, но и на потенцијалните.
Дали можеби со честото менување на боите партиите сакаат и да ги исперат темните дамки од минатото и да се претстават во некоја нова слика, ќе проценат гласачите.

[email protected]