Фото: Игор Бансколиев

Некако стана практика зборот размена сѐ почесто да се користи на Балканот во контекст на надминување одредени меѓудржавни прашања

Се сведува ли Преспанскиот договор на пародија и меѓусебно исмејување во јавноста на земјите-потписнички и нивните функционери, по информациите во Грција за размена на споменици меѓу Скопје и Атина како знак на добра волја?

Некако стана практика зборот размена сѐ почесто да се користи на Балканот во контекст на надминување на одредени меѓудржавни спорови, при што најчесто се споменува во функција на размена на територии. Така, феноменот на размена на територии на Балканот, кој е актуелен деновиве во соседството (во реториката меѓу Србија и Косово), наоѓа поинаква примена кај нас, но на темата за размена на скулптури и споменици. Имено, вчера во грчките медиуми осамнаа наслови дека министерката за култура на Грција, Мирсини Зорба, предложила споменикот „Воин на коњ“ од Скопје да замине за Атина, а атинскиот „Тркач“ да пристигне на плоштадот во главниот град. Ваквата вест наиде на реакции како во странската така и во домашната јавност, каде што коментарите по социјалните мрежи иронично одеа дотаму дека наместо „Воинот на коњ“ би можеле прво на Грците во знак на добра волја да им ги понудиме Прометеј, Итар Пејо и други, за да се реши во целост проблемот што тие го имаат со нашите споменици. Во меѓувреме во изјава за тамошните медиумите, скулпторот и автор на споменикот, Костас Вароцос, открива дека минатиот петок впрочем тој се сретнал со Зорба во Министерството за култура на Грција кога и му била презентирана идејата, која подоцна по беше преквалификувана како недоразбирање.

– Госпоѓа Зорба во разговорот ја спомена идејата „Тркачот“ да се пренесе во Скопје. Ѝ одговорив дека „Тркачот“ не може да замине од Атина од многу причини. Освен тоа што скулптурата ѝ припаѓа на општината Атина, јас ги имам авторските права. И не е само оваа причина. Министерката го демантира предлогот што ми го достави – вели Костас Вароцос во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА. Веста во текот на изминатиот ден за размена на споменици потоа се демантираше од страна на двете влади и во Атина, но и во Скопје.

– Не постои никаков предлог за пренесување на „Тркачот“, тоа е нешто неосновано. Освен тоа, скулптурата му припаѓа на градот Атина. Во рамките на една општа дискусија со истакнати грчки уметници, меѓу нив и господин Вароцос, беа разговарани и коментирани многу работи, но не и таков предлог. Јас имам други приоритети, а можноста за размена на споменици или промени на табли припаѓаат на надлежностите на други министерства. Жал ми е за вревата и моралната паника што некои побрзаа да ја демонстрираат – изјави министерката за култура на Грција, Мирсини Зорба за АНА-МПА.

Од македонската влада стигна кратко соопштение дека засега во земјава нема иницијатива за размена на споменици.

– Ние сме фокусирани на имплементацијата на Преспанскиот договор. Според договорот, во наредниот период сите споменици штоѝ припаѓаат на хеленската историја ќе бидат означени како такви. Во моментов не постои друга иницијатива во Владата на Република Северна Македонија – стои во реакцијата од Владата по објавените написи во грчките медиуми дека министерката за култура на Грција предложила споменикот „Воин на коњ“ да замине за Атина, а атинскиот „Тркач“ да пристигне во Скопје.

Домашните познавачи на состојбите имаат интересни гледишта на последните информации во јавноста околу идејата за доброволна размена на споменици меѓу Скопје и Атина. Поранешниот дипломат Ристо Никовски вели дека не е проблем да им го подариме споменикот „Воин на коњ“, но тој во исто време запрашува што би правеле со другите наши историско-културни обележја, кои ги имаме во земјава доколку ни ги побараат Грците исто така.

– Чинам дека нема да биде воопшто тешко да се размени „Воинот на коњ“ за некој „Тркач“ со Д, меѓутоа ќе биде многу потешко како ќе ги размениме Стоби, Хераклеја, Античкиот театар во Охрид… и што да бараме за возврат. Можеби најдобро ќе биде ако ни дадат некое стадо магариња или диви кози така што многу ќе ни прилега ем ќе го решиме проблемот. Кога ќе навлезете во реон на жив песок назад нема и само сѐ повеќе ќе пропаѓате. Благодарејќи на нашите капитуланти во современата македонска трагедија токму тоа ни се случува – коментира Никовски.

Слично размислува и професорот Атанас Козарев, кој објаснува дека нашиот закон за авторски и други стварни права го дефинира авторското дело како интелектуална и индивидуална творба од областа на книжевноста, науката и уметноста, изразена и преку скулптурите. За авторски дела се сметаат особено и спомениците, кои се историски и тие не можат и не смеат да бидат предмет на размена меѓу две земји.
– Сево ова личи на една по малку комична претстава, која е слична на митот за Тројанската војна и тројанскиот коњ. Доколку излезе дека веста е вистинита, тогаш сериозно треба да размислуваме во пакет за „Воинот на коњ“ што друго да им понудиме, а за возврат да добиеме на пример датум за преговори со ЕУ во јуни. Доколку, пак, станува збор за шега, не би било лошо да им побараме на Грците и делови од Акрополот во Атина, па да се фалиме и ние дека имаме нешто вредно како нив доколку го добијат „Воинот на коњ“ – вели Козарев.

Инаку, споменикот „Тркач“, односно „Дромеас“, е изработен во голем дел од стакло, а е дело на Костас Вароцос од 1988 г. и се наоѓа во центарот на Атина пред хотелот „Хилтон“. Станува збор за една од најпознатите атракции во Атина, направена е во 1994 година од стакло и од железо, и висока е 12 метри. „Тркачот“ веќе еднаш беше преместен. Првично беше поставен на плоштадот „Омонија“, но кога почнала изградбата на метрото поради стравот дека од тресењето и вибрациите од градежните активности може да се оштети, е преместен на споменатиот плоштад кај „Хилтон“.

Спомениците „Воинот на коњ“ во Скопје и „Тркачот“ во Атина во фокусот на коментарите во двете земји     Фото: Игор Бансколиев