Фото: Игор Бансколиев

Симптоматологијата што се третира во кабинетот е најразлична – од појава на анксиозност, несоница, панично растројство, сѐ почеста застапеност на депресија, проблеми со концентрација, а поретко посттрауматско стресно растројство, психотично растројство или психооргански синдром, вели психијатарот д-р Васка Дамјановска Митова од Клиниката за психијатрија

ОТВОРЕН КАБИНЕТ ЗА МЕНТАЛНО ЗДРАВЈЕ ЗА ПАЦИЕНТИ ШТО СЕ ИЗБОРИЛЕ СО КОВИД-19

Во рамките на Клиниката за психијатрија од неодамна работи Кабинетот за ментално здравје за постковид-состојби. Неговото отворање се реализира поради зголемената потреба за третман на пациенти што се избориле со оваа тешка болест, а кај кои како последици опстојуваат промени на психички план.
Пред неколку дена, „Нова Македонија“ објави дека, според истражувањето на „Лансет“, невролошки и психички проблеми се дијагностицирани кај секој трет пациент што прележал ковид-19 во рок од шест месеци по закрепнувањето. Тоа е уште еден доказ што укажува на тоа дека коронавирусот уште многу години ќе влијае на психичкото здравје на луѓето.
Д-р Васка Дамјановска Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија, вели дека симптоматологијата што се третира во кабинетот е најразлична – од појава на анксиозност, несоница, панично растројство, сѐ почеста застапеност на депресија, проблеми со концентрација, а поретко посттрауматско стресно растројство, психотично растројство или психооргански синдром.

– Третманот на овие состојби е комплементарен, фармакотераписки и, доколку има простор, психотераписки. Клиничката слика нѐ води кон медикаментозниот третман, а неретко има потреба и од соодветна психолошка поддршка. Клиниката за психијатрија е подготвена да одговори на наведените состојби максимално стручно, со што најголем дел од пациентите што се обраќаат кај нас набргу ја гледа бенефицијата од третманот – вели докторката.
Како што информира таа, сѐ уште се истражува конкретната причина на овие постковид-компликации што ги гледаме во секојдневната практика.
– Веројатно причинители се повеќе фактори, меѓу кои е и изразениот страв од негативен исход од болеста. Сепак, не се само психолошки факторите на стрес, и самиот вирус, но и реакцијата на нашиот организам имаат голем удел во развивањето на овие состојби. Научните истражувања со текот на времето ќе покажат за што точно и кои сѐ фактори влијаат, а дотогаш да останеме со добро телесно и ментално здравје – додава д-р Дамјановска Митова.

Заклучоците на истражувањето објавени во „Лансет психијатрија“ откриваат дека е поголема веројатноста психолошките проблеми да се појават кај лицата што прележале ковид-19 отколку кај оние што имале некаква друга респираторна инфекција.
Студијата опфаќа досега најшироко испитување на состојбата на оние што закрепнале од ковид-19, а прегледани се здравствените картони на 236.379 пациенти, од кои 33,6 отсто имале некое невролошко или психолошко нарушување во рок од шест месеци по оздравувањето. Анксиозност е дијагностицирана кај 17,3 отсто од пациентите.
Психолозите уште од почетокот на пандемијата предупредуваа дека ситуацијата помалку или повеќе влијае на емоционалното и менталното здравје на сите, без оглед на возраста.