Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потврда дека забрзано се одвива ретуширање и ремоделирање на македонската историја во регионот се и неодамнешните примери во учебниците во Србија, кои експресно се приспособени на Преспанскиот договор и во кои веќе Република Македонија не се спомнува во никаков историски контекст, туку се наведуваат само името ПЈРМ и „Република Северна Македонија“ низ временски континуум од 30 години, што е ноторна невистина…

Тренд на бришење на „Република Македонија“ од колективната свест во регионот

Дали е во тек процес на целосно бришење на името Република Македонија од колективната и индивидуалната меморија на нашите соседи, не само со секојдневните вербални истапи и говори на политичарите туку и со подлабоки и подалекосежни интервенции во писмените документи и во школските учебници?! Имено, по Преспанскиот договор, во соседните држави, сѐ почеста е појавата во пишаните материјали, нашата понова историја од самостојноста до денес да ја прикажуваат како „историја на Северна Македонија“, иако државата под ова име функционира неполни три години.

Во школски учебници во Србија, никогаш не сме биле Република Македонија!?

Потврда дека забрзано се ретушира македонската понова историја од страна на соседите и се одвива „северизација“ и за периодот кога името на државата било Република Македонија, се и неодамнешните примери во учебниците по историја во Србија, кои експресно се приспособени на Преспанскиот договор и во кои веќе Република Македонија не се спомнува во никаков историски контекст, туку се наведуваат само името ПЈРМ и „Република Северна Македонија“ низ временски континуум од 30 години.
– Минатата година во учебниците по историја во Србија се учеше дека Република Македонија беше само две години од 1991 до 1993 во модерната историја, а потоа стана ПЈРМ во 1993 година и од 2019 година е РСМ. Сега во новите српски учебници се наведува дека од 1991 до 2019 година Македонија била ПЈРМ, а во 2019 година станала РСМ. Едноставно Србите го приспособија учебникот по историја во согласност со Преспанскиот договор и ги избришаа двете години кога државата беше само Република Македонија. Така, српските деца сега учат дека никогаш немало Република Македонија, туку дека од отцепувањето постои само ПЈРМ и потоа РСМ – наведува Игор Јанев, научен советник на Универзитетот во Белград.
Според него, во тек е прочистување на историјата и бришење на Република Македонија од колективната меморија на овие простори.

Сѐ повеќе примери на ремоделирање на историјата и бришење на термините Македонци и Македонија

Историчарот Тодор Чепреганов смета дека со потпишувањето на Преспанскиот договор е отворен просторот за ремоделирање на историјата и бришење на термините Македонци и Македонија.
– Северна Македонија нема историја. Историја има Република Македонија. Ова што сега се обидуваат да го наметнат е преку тоа како го читаат Преспанскиот договор, но со него сè е кажано и не треба да нè чуди. Идентитетски, именски и какви сè не предзнаци. Тоа е сè напишано во договорот, а ние се чудиме зошто нè нарекувале „северномакедонци“. А што произлегува од името на државата? Ништо друго освен северномакедонци. Тоа само полека со текот на времето ќе се одомаши, а Македонци и Македонија ќе се заборави – истакнува Чепреганов.
Според него, Северна Македонија има историја само од периодот кога е потпишан Преспанскиот договор.
– Што славиме сега? Зошто на одбележувањето на тригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор народот не излезе на улица со помпи, туку се собра елитно друштво и си направија приватна прослава. Никој во државава не го одобри договорот. Затоа не треба да нè чуди што тоа го прават сега Србите, утре и другите ќе почнат – потенцира Чепреганов.
Тој уште додава дека главни виновници за ваквата состојба сме ние самите.
– Ние самите си ги правиме работите. Во заднината на целата работа стои нашето неединство. Еве потврда за тоа е и она што денеска се случува со резолуцијата за заштита на националните интереси во преговорите со Бугарија. Ова е само продолжување на истото она што се случи во 1924 година, кога беше потпишан Мајскиот манифест. Тоа беше обид за обединување на македонското национално движење. Пропадна таа резолуција. Денеска ни се случува истото – појаснува Чепреганов.

Според него, историјата ни се повторува и следните чекори се предвидливи.
– Само малку да се погледне во историјата, ќе се види дека сè е познато. Обезличувањето што е почнато со Преспанскиот и со Договорот за добрососедство со Бугарија, тоа се реализира, полека, полека, но сигурно. Сега гледам дека се прават обиди да се избрише историјата на Македонија и тоа да се прикаже како историја на „Северна“. Никој од македонските револуционери не влезе во Втората светска војна додека не се прокламираше обединување на Македонија. Кога народот го слушна Манифестот на Главниот штаб, посебно приговорот во него дека се зборува за обединување на Македонија, тогаш се вклучија во борбите. Што ќе кажеме сега, дека сите се бореле за Северна Македонија? Па ние правиме историски фалсификат. Ние самите си правиме самоубиство, а потоа ни смета што ставиле во српските или другите учебници. Сите ќе ја адаптираат историјата според Преспанскиот договор – заклучува Чепреганов.