Фото: Маја Јаневска-Илиева

Програмите „Инвестиции за државјанство“ наскоро би можеле да станат минато.
Европските институции и порано ги повикуваа членките на Унијата да бидат внимателни при издавањето „златни визи и пасоши“, што на контроверзните инвеститори од трети земји им овозможувало непречено движење низ Европа. Но сега, Европскиот парламент усвои извештај во кој има „законодавна иницијатива со која од земјите-членки и кандидатките за членство во Европската Унија се бара укинување на програмите – Инвестиции за државјанство“

Дали завршува ерата на „трампа на државјанства за директни странски инвестиции“

Програмите „Инвестиции за државјанство“ наскоро би можеле да станат минато откога Комитетот за правда и за внатрешни работи при Европскиот парламент пред некој ден го усвои извештајот за законодавната иницијатива, со која од земјите-членки и кандидатките за членство во Европската Унија се бара нивно укинување. Станува збор за нацрт-извештај што европратеничката Софија Велд, пред неколку месеци, го доставила до комитетот со образложението дека таканаречените златни пасоши, што на државјаните на третите земји им ги издаваат некои членки и кандидатки за членство во Унијата, меѓу кои и Македонија, се етички, правно и економски неоправдани, а вклучуваат и повеќе безбедносни ризици.
– Забележително е дека ризиците потекнуваат од земјите што имаат ЦБИ-шеми или програми за доделување државјанства врз основа на инвестициите, така што државјаните на третите земји можат да си ги купат државјанствата со единствена цел да влегуваат во Унијата без дополнителни проверки – објаснила Велд пред комитетот, кој нејзината иницијатива ја усвоил со 61 глас за, три против и пет воздржани.
Се очекува Европскиот парламент за ова да дебатира и да гласа веќе на почетокот на март. Европските институции и претходно ги повикуваа членките на Унијата да бидат внимателни при издавањето „златни визи и пасоши“, што на богатите, а често и контроверзни инвеститори од трети земји им овозможувало непречено движење низ Европа.

Европските земји инкасирале околу 25 милијарди евра од продажбата на пасошите

Критиките беа насочени пред сѐ кон Малта, Кипар и Бугарија. Актуелната власт во Бугарија неодамна најави дека ќе ја прекине можноста за добивање „златни пасоши“ веќе во следните неколку недели. Според објавите во тамошните медиуми, вкупно 97 странци поседуваат бугарски „златни пасоши“, од кои 40 отсто се Руси, а програмата не довела до никакви материјални инвестиции. Властите на Кипар веќе ја укинале програмата откако пред две години избила афера во која тамошните функционери им ги доделувале пасошите на „инвеститори“ со криминални досиеја. Малта сѐ уште ја спроведува програмата со образложение дека таа не претставува реална опасност за шенгенскиот простор. Освен тоа, во некои информации се наведува дека дури 20 членки на ЕУ им издаваат на инвеститорите дозволи за престој. Пресметките за придобивките што овие земји ги оствариле во текот на спроведувањето на програмата се различни.
„Гардијан“ пишуваше дека членките на ЕУ на тој начин вкупно заработиле околу 25 милијарди евра во последните десет години, а богати поединци од трети земји на тој начин си обезбедиле слободно движење во Унијата.

Како функционира европската програма – „Инвестиции за државјанство“ во Македонија

И Македонија, како една од земјите-кандидати за членство во Унијата, уште од 2005 година ја спроведува оваа програма.
– Во Министерството за внатрешни работи, од 2005 до 17.2.2022 година, државјанство добиле 119 лица од економски интерес. Наведените лица потекнуваат, односно се родени во следните држави: Република Косово, Турција, Ирак, Либија, Русија, Сирија, Велика Британија, САД, Бугарија, Холандија, Италија, Република Албанија, СР Германија, Јемен, Либиска Џамахирија, Обединети Арапски Емирати, Узбекистан, Израел, Молдавија, Пакистан, Иран, Саудиска Арабија, Соединетите Американски Држави, Украина, Индија, Република Србија, Република Босна и Херцеговина, Либан, Египет, Словенија, Нигерија, Република Грција, НР Конго и Република Северна Македонија. Во Министерството за внатрешни работи во моментот аплицираат 32 лица за прием во државјанство врз основа на економски интерес – информираа од МВР.
Како што објаснија во Министерството за внатрешни работи, во согласност со членот 11 од Законот за државјанството, странец што наполнил 18 години живот, меѓу другото, може да стекне македонско државјанство и ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес. Со владина уредба се дефинирани критериумите, според кои, „особен економски интерес, во смисла на оваа уредба постои ако странец кој поднел барање за стекнување на државјанство, инвестирал капитал во износ од најмалку 400.000 евра по лице како директна инвестиција во нови капацитети, со исклучок на угостителски објекти за исхрана и трговски капацитети, со најмалку десет вработени лица на неопределено време во период од најмалку една година. државјанство на Република Северна Македонија, инвестирал капитал во износ од најмалку 200.000 евра по лице, во период од најмалку две години, во приватeн инвестициски фонд, кој ги исполнува следните услови: има минимум 5.000.000 евра почетен капитал пред поднесување на инвестициската програма пред Фондот за иновации и технолошки развој; инвестира во поддршка на економијата, иновациите или иновативните активности, но да не инвестира во недвижности од кој било вид, освен во деловен простор за потребите на приватниот инвестициски фонд или Фондот за иновации и технолошки развој и во развојни инфраструктурни проекти и нема повеќе од 500 странци како инвеститори кои поднеле барање за стекнување на државјанство на Република Северна Македонија по основите од оваа уредба. Утврдувањето на постоење на особениот економски интерес го оценуваат Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој.

Освен тоа, особен економски интерес постои и ако странец кој поднел барање за стекнување на државјанство: е врвен докажан менаџер во светски рамки; врвен стручњак за технологии кои не се применуваат во Македонија; стручњак за област која е дефицитарна со соодветни кадри; остварува економска соработка со деловни субјекти од земјава; остварува директна инвестиција во постојни деловни објекти, во изградба на нови капацитети во земјата или во долгорочни хартии од вредност; инвестира во областа на индустриска сопственост, ноу хау (знаење и искуство), иновации и технолошки развој; придонесува за промоција на македонската економија во странство и донира или придонесува за донирање на средства за остварување на економски реформи и други приоритети во Македонија.
Исполнетоста на овие критериуми се оценува од аспект на влијанието на капиталот врз зголемување на вработеноста, прилив на средства во буџетот по основа на плаќање на даноци и социјални придонеси, зголемување на квалитетот и квантитетот на производството со примена на нови посовремени технологии, зголемување на извозот и на друг начин. Постоењето на особениот економски интерес, во случајот, го оценуваат министерствата за економија и за финансии.

Субрата Рој како еден од примерите

Надлежните за оценувањето на особениот економски интерес засега не одговараат на прашањето за ефектите од оваа програма, а експертите имаат резерви кон неа.
– Уште на почетокот на 1990-тите, кога бев член на Владата, така им доделивме државјанства на некои спортисти, но немаше никаква корист од тоа. Подоцна, тоа го применија и на инвестиции, а оној Индиец Субрата Рој беше еклатантен пример за тоа како тие функционираа. Најчесто сѐ се сведуваше на некакви лични бенефиции за поединци и на популистички мерки за владите. За привлекување инвеститори треба да се обезбедат услови и амбиент, нашите институции уредно да си ја вршат работата наместо со непотребни процедури да ги малтретираат и домашните и странските инвеститори – оцени поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Дека, без оглед на сѐ, земјава ја губи битката за странски инвестиции, констатираа неодамна и од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Инаку, за потсетување, меѓу контроверзните личности што се носители на македонско државјанство поради економски интерес се синот и сопругата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, кој во 2014 година од страна на тогашните власти беше промовиран како иден голем инвеститор во низа економски проекти во Скопје и во Охрид. Набрзо по неговата промоција и регистрација на неколку негови фирми во земјава, тој беше уапсен и осуден од индиските власти за повеќе злоупотреби во неговата татковина. Сопругата и неговите синови до пред извесно време не побарале отпуст од државјанството на Македонија. Д.М.М.


Британија ги укинува специјалните визи за странските вложувачи

Владата на Велика Британија информира дека, од безбедносните причини, ги укинува „златните визи“ за странските инвеститори.
– Станува збор за раскрстување со нелегалните пари – објави во четвртокот министерката за надворешни работи Лиз Трас.
Златните визи во Британија беа воведени во 2008 година и беа наменети за вложувачите што беа подготвени да инвестираат најмалку 2,4 милиони евра што им овозможуваше вселување во земјата. Но како што пренесуваат тамошните медиуми, со текот на времето, некои случаи предизвикаа „загриженост“ за безбедноста поради поединци за кои се покажало дека незаконски ги стекнале парите.
Во тој контекст е и изјавата на министерката за внатрешни работи Прити Пател.
– Да се запрат корумпираните елити што ѝ се закануваат на националната безбедност – порача таа.
Инаку, британските медиуми ја објаснуваат оваа одлука, пред сѐ, со „досегашната голема услужност на тамошните власти кон сомнителните руски пари“. Во меѓувреме, невладината „Транспаренси интернешнл“ оцени дека сомнителни инвеститори од Русија, во Велика Британија, поседуваат недвижности вредни 1,8 милијарда евра.