Во Шпанија можете да имате фантастичен одмор на прекрасните плажи. Тука, секако, да не ги заборавиме фламенко-музиката, одличните танцови изведби, многубројните музеи… Сѐ уште ги сумирам впечатоците од престојот, ама мојот совет е: посетете ја Шпанија. Тоа е одлична дестинација за одмор и прошетка, која нуди можност за запознавање со нејзините многубројни убавини
Репортажа на нашата дописничка од патувањето во Шпанија
Шпанија е земја на весели и опуштени луѓе, со интересни места и многубројни атракции што пленат. Барем така ја доживеав кога ја посетив првпат пред 14 години. И можеби тој впечаток што го имав тогаш ме поттикна повторно да посакам да ја посетам оваа интересна земја.
И така, со една поголема група од Македонија, преку Италија, со брод преку Чивитавекија, на крајот на јуни, се упативме кон Шпанија. Најпрво со автобус до Игуменица, па со брод до Бари, потоа до Рим, полека се качивме на бродот „Грималди“ за Барселона. Незаборавни 22 часа патување по морската шир, за во вечерните часови наредниот ден да пристигнеме во Барселона, од каде што се упативме кон популарното летувалиште во Коста Брава, Лорет де Мар. Море, плажа, прошетки низ преубавата оаза на Балеарско Море, во непосредната близина на Барселона. И додека одмораме во Лорет де Мар, неизбежно ги посетуваме и разгледуваме убавите знаменитости. Најпрво црквата „Санта Рома“ изградена во византиски стил, со шарен покрив и купола, сместена во центарот на ова летувалиште. Таа плени со специфичната архитектура, која предизвикува восхит. Особено е интересен замокот на Свети Јован, средновековна градба на ридот што се извишува над морето и потекнува од 11 век, целосно реновирана и реставрирана, со осветлување во вечерните часови. Ако сакате да се одморите од морето и да уживате во убава природа, градината „Санта Клотилд“ е совршено и спокојно место за релаксација и прошетка. Се наоѓа на врвот од ридот, со прекрасен поглед на морето и убавата плажа. Извонредна инспирација за фотографирање. Статуата на морнарската жена Дона Маринера е споменик посветен на жените на рибарите во Шпанија. Таа е симбол на истрајноста и посветеноста на семејството. Убава е посетата и на Поморскиот музеј во Лорет де Мар, каде што ќе се запознаете со историјата на ова место со прекрасни плажи, со интересни ресторани и убав ноќен живот.
Барселона – град со впечатлива уметност и култура
И така, еден убав неделен ден, одлучивме да прошетаме низ Барселона. Градот со епитет „цвет меѓу најубавите градови во светот“, со чисто небо, плени со убавата архитектура, со срдечната култура. И како што е редот, со локален водич ја започнуваме прошетката низ градот, најпрво панорамско разгледување, па посета на ридот кај хотелот „Мирамар“, од каде што секој посетител има извонреден поглед на градот, пристаништето и на морето. Неизбежно е фотографирањето, па потоа посета на Магичната фонтана изградена во 1929 година за светска изложба, која во вечерните часови е вистинска атракција со вода, музика и светло. Има повеќе фонтани, а главната е со пречник од 35 метри. Следува панорамско разгледување на неколку интересни и атрактивни куќи, како што е куќата „Батлјо“, која ја преуредил Антонио Гауди, со интересна фасада и мозаици од плочки. За жал, стадионот „Ноу камп“ сѐ уште се реновира и поголемиот дел од патниците немаа можност да го видат. Базиликата „Саграда фамилија“ е симболот на Барселона, најпосетена туристичка атракција и историска знаменитост, која сѐ уште не е завршена. Сѐ уште се доградува, иако започнала да се гради во 1882 година. Дело е на Антонио Гауди, а по неговата смрт, различни архитекти продолжуваат да ја градат. Се гради благодарение на донации и се очекува да биде завршена во 2026 година. Вистинско место за фотографирање и за чување спомени од посетата на Барселона. Продолжуваме. Застанавме пред споменикот на Колумбо за да се упатиме кој каде што сака. Најголемиот дел се одлучи за прошетка по најпознатата улица во Барселона, Ла рамбла, долга 1,2 километар, која се спојува со плоштадот „Каталонија“. Интересна улица, која била изградена во 1766 година и многу брзо станала место за прошетка. Таа и сега ги плени посетителите со својата ширина. Шетајќи низ Ла рамбла наидувате на значајни културни атракции, како операта, но и на уличните уметници, кои се препознатливи по нивните атрактивни перформанси. Едноставно уживање е шетањето низ атрактивната улица, како и посетата на пазарот „Ла бокерија“. Шетајќи низ Ла рамбла не чувствуваш како брзо врви времето…
Валенсија – сончев град
Валенсија е град на источната страна на Пиринејскиот Полуостров, трет по големина во Шпанија, со околу 700.000 илјади жители. Името е добиено од латинскиот израз „валентиа“, што значи снага и храброст. Низ историјата сe воделе многу битки за овој град поради одличната позиција на море. Денес е град што многу вложува во туризмот и илјадници туристи доаѓаат секојдневно за да престојуваат тука. Град со над 300 сончеви дена во годината. Шармантен, со голем број ресторани и одлична кујна. Се запознавме со историјата на градот, кој во 1957 година бил поплавен од реката Турија, која му нанела голема штета. Но, сепак, властите одлучиле да реализираат проект со кој го пренасочиле нејзиниот тек и Валенсија добила десет километри земја, на која од 1980 до 2005 година биле изградени паркови, музеи и други културни содржини.
Почнавме со прошетка низ стариот дел од градот, односно разгледување на градската катедрала градена во 13 век. Дознаваме дека во неа се чува светиот грал, односно предмет од кој се смета дека Исус Христос пиел на Тајната вечера. Катедралата е една од главните атракции, со интересна мешавина од неколку уметнички стила – барокен, ренесансен и готски стил. Кулата на катедралата се вика „Мигуелтита“. Таа има 207 скали што водат до ѕвоното и даваат фантастичен поглед на градот. Особено интересен дел е тамошната палата на правдата, која ја чува традицијата од памтивек. Една од најинтересните градби е „Ла естреча“, најтесната куќа во светот, која се наоѓа на плоштадот „Лопе де Вега“. Широка е само 107 сантиметри, во приватна сопственост е и може да се разгледува само однадвор. Таа е вистинска атракција во Валенсија.
Барио дел Кармен е една од омилените локации, како на жителите на градот така и на посетителите, место со голем број ресторани, кафулиња, идеално место за пиење кафе, средба со пријатели. И пазарот „Меркадо централ“ е интересна градба, еден од најголемите пазари за свежа храна. Преминете и преку мостот „Флорес“. Валенсија има 18 моста, а најстариот е од 17 век. Посетете го и паркот „Туриа“.
Ама она што најмногу ме воодушеви, а верувам и моите пријатели, е Градот на уметноста и науката – футуристичко дело на шпанскиот архитект Калатрава, што не остава ниту еден посетител рамнодушен. Тоа е една од главните атракции во Валенсија, каде што треба да се помине подолго време. Станува збор за комплекс на архитектонската уметност, кој изгледа бескрајно. Комплекс целина со ултрамодерна структура, опкружен со базени со вода, кои даваат чувство на свежина и релаксираност. Комплексот е завршен во 2005 година. Тука се Музејот на науката, аквариумот, концертната сала, операта и „Имакс-киното“, ботаничката градина… Секој објект сам по себе е целина и предизвикува да биде истражен. Вистинско задоволство што не се искажува со зборови, туку се доживува.
Мадрид – величествен град со богата архитектура
Главниот град Мадрид е едно од најпосетуваните места во Шпанија. Град со комбинација од богата архитектура, историски знаменитости, култура, храна и уште многу други работи. Град што остава одличен впечаток при првата средба. „Ел палацио реал“, „Гран виа“, паркот „Ретиро“ и маркетот „Ел растро“ се само дел од она што го нуди Мадрид. Она што Мадрид го чини посебен се зградите со бели фасади, кои се во контраст со сините нијанси на небото, кои ќе ве фасцинираат и ќе останат длабоко врежани во вашето сеќавање. При посетата на величествениот Мадрид има места што не смеете да ги пропуштите. Она што треба да го видите се плоштадот „Де Мадрид“, Гран виа (главната туристичка атракција во градот, долга повеќе од километар со голем број продавници, барови, ресторани, позната како „шпански Бродвеј“), плоштадот „Пуерта дел Сол“, Музејот на Реина Софија, Кралската палата (најголемата во светот со 3.400 соби, оружарница), ботаничката градина, паркот „Ретиро“, музејот „Прадо“ (еден од најголемите во светот каде што можат да се видат дела од Гоја, Бош, Ел Греко, Тицијан, Рубенс и др.), како и другите музеи… Мадрид ја има и главната атракција, стадионот „Сантјаго бернабеу“, кој може да го посетите, како и Музејот на клубот Реал Мадрид. И потоа едноставно останете во стариот дел од градот, шетајте и уживајте. Ама вкусете од специјалитетите во квартот Ла Латина и пробајте ги чиросите, топло чоколадо сервирано со печиво, многу вкусен специјалитет. Мадрид е преубав град во кој човек може да ужива со денови.
Толедо – стар и вековит
На околу 70 километри од Мадрид се наоѓа Толедо, одлично зачуван стар историски град, под заштита на УНЕСКО. Се стигнува со воз, а картата чини околу 20 евра. Фантастичен град, со историски концепт и добро зачувана архитектура. Град што фасцинира со својата историја, култура и традиција. Толедо е „град на три култури“: на еврејската, христијанската и муслиманската. Изгледа како град од бајките. Вистински предизвик за фотографирање. Толедо е сместен на рид опкружен со средновековни ѕидови, под кои тече реката Тоже.
Што да посети и што да види посетителот во Толедо, градот од бајките, градот што ја претставува средновековна Европа, во која живееле витези и убави дами и, секако, Дон Кихот? Тивок, таинствен и романтичен! Царски град!
„Зокодовер“ е главен плоштад и место околу кое се движи сѐ во Толедо. Низ годините бил место за пазар, за борба со бикови, но и за немили случувања за времето на инквизицијата. Денес е место од каде што посетителите ја започнуваат прошетката низ градот. Над плоштадот е прочуениот „Алказар“, воен музеј, камена тврдина од римскиот период, повеќепати доградуван, за да го има сегашниот облик. Музејот „Ел Греко“ е едно од туристичките места што треба да се видат. Интересни се и двата средновековни моста, двете средновековни градски капии „Бисагра“ и „Сол“, верските објекти, синагогата, џамијата, Толедската катедрала… Најпопуларни сувенири во Толедо се мечевите. Речиси на секој чекор низ уличките и продавниците има такви сувенири. Од друга страна, тука се продаваат и највкусните колачи со марципан.
Сарагоса е во срцето на Шпанија
Во средишниот дел на Шпанија, во срцето, е градот Сарагоса. Град со историја, едноставна архитектура, кој датира уште од римски период. Ова е град со широк плоштад, со многу споменици, убави градби, ама не баш многу гостопримливи домаќини. Можеби поради тоа што стигнавме во него кога веќе беше почната сиестата, пладневен одмор за ручек во кој Шпанците ги затвораат продавниците, ручаат и едноставно одмораат, се релаксираат. Ја посетивме базиликата „Пилар“, ремек-дело на барокната архитектура, во центарот на градот. Базилика во која се испреплетени верата, уметноста и историјата. Има импозантна внатрешност со голем број декорации, столбови. Алјаферијевата палата е извонреден примерок на исламската уметност. Музејот на Гоја, кој поради сиестата беше затворен и не успеав да го видам, а многу сакав, е во центарот на градот, а во себе го содржи богатството од творештвото на уметникот во неговите различни фази. Неизбежно тука е и операта, што е вистинско културно богатство, архитектонско дело каде што шпанската култура се доживува во вистинско светло. Откако завршивме со разгледувањето и вкусивме тапаси и чоколадни колачи, кои се вистинско уметничко дело во Сарагоса, време беше да го напуштиме градот. Полека заврши нашата посета на возбудливата Шпанија, но остана желбата за некоја повторна средба со оваа земја.