Согласно постигнатиот договор, денес за првпат заеднички ја празнуваме дејноста на Свети Климент Охридски. Ќе положиме цвеќе пред неговиот споменик во знак на почит, како еден од најпознатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј, кои ние ги почитуваме, рече министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на бизнис-форумот „До една милијарда и понатаму“ која се одржува во Скопје, посочи дека заслугата за ова заедничко чествување е на македонско-бугарско историската Комисија.
– Заслугатата за заедничкото чествување на Свети Климент Охридски е на македонско-бугарско-историската Комисија, која дава општа интерпретација на делата на светите Кирил и Методиј и на Св. Климент Охридски. Ова е секако многу позитивен знак, кога имаме заедничка концепција и општо разбирање за различни историски периоди и за различни историски личности, што верувам ќе ги реши проблемите во нашите современи односи, рече Милков.
Тој уште еднаш ја потврди поддршката за работата на македонско-бугарско историската Комисија и напомена дека нејзиното успешно функционирање допринесува во работата на нашите добрососедски односи.