Фото: ЕПА

Објаснувањата на бриселските бирократи за дводецениската блокада на Македонија беа дека одлуките се носат со консензус и дека кога некоја земја ќе стави вето, тогаш ЕУ е немоќна. Сепак, последните настани во Брисел говорат дека работите не се баш такви какви што нам ни ги претставуваат, туку дека кога Унијата има некој повисок интерес (кој очигледно не е проширување со Македонија), тогаш се наоѓаат многу инвентивни начини како да се заобиколат ветата и да се деблокира процедурата што се сака да се реализира

ЕУ одеднаш станува досетлива како да избегне унгарско вето за Украина?!

Европската Унија има многу инвентивни начини како да ги заобиколи ветата што ги ставаат нејзините членки, но само доколку одредена работа е во нејзин интерес и е предмет на пошироки геостратегиски планови.
Очигледно во случајот со Македонија и нејзините евроинтеграции тоа никогаш не беше така, па затоа земјава 20 години мораше да ги трпи најпрво грчкото, потоа француското, сега и бугарското вето. Објаснувањата на бриселските бирократи за дводецениската блокада на Македонија беа дека одлуките се носат со консензус и дека кога некоја земја ќе стави вето, тогаш ЕУ едноставно е немоќна.
Сепак, последните настани во Брисел говорат дека работите не се баш такви какви што нам ни ги претставуваат, туку дека кога Унијата има некој повисок интерес (кој очигледно не е проширување со Македонија), тогаш се наоѓаат многу инвентивни начини како да се заобиколат ветата.
Имено, неодамна високи европски претставници изјавија дека Европската Унија ќе може да го заобиколи секое унгарско вето и да ѝ испрати на Украина помош од 50 милијарди евра. Европската комисија предложи проширување на буџетската поддршка за да ѝ се помогне на Украина да ги исплати платите и да ги покрие другите трошоци додека трае конфликтот со Русија, при што 27-те земји членки на ЕУ треба да гласаат за пакетот на самитот закажан за 14-15 декември во Брисел. Сепак, Унгарија се противи на таквата одлука, исто како и на отворањето пристапни преговори со Украина, сметајќи дека земјата има сериозен проблем со корупцијата и владеењето на правото. Унгарскиот став е дека на ЕУ ѝ треба нова стратегија за Украина и дека сите финансиски одлуки треба да произлезат од неа.
Но и покрај можното вето од страна на Унгарија, Брисел веќе работи на сценарија како да го заобиколи евентуалното унгарско вето и да ја достави финансиската помош до Украина.

– Унгарија презема премногу ризици. Ние би сакале да бидат заедно со нас, но доаѓа момент кога на луѓето им здосадува Будимпешта да ги држи сите во заложништво. Решението е заморно, но ние го имаме ако е потребно – рече претставник на ЕУ.
Сличен наратив дека најпрво Атина, а потоа и Софија ја држат целата ЕУ во заложништво во однос на почетокот на пристапните преговори на Македонија, македонската јавност се изнаслуша постојано во овие 20 години, но ниту еднаш Унијата не истапи да каже дека има „некакво решение во ракавот“, односно некаков заобиколен пат како да ги елиминира ветата за земјава. Тоа наведува само на еден логичен заклучок, дека ЕУ во ниту еден момент не била сериозно заинтересирана да ја прими Македонија пред да се случи тоа со сите други кандидати на Западен Балкан.
Приемот на Хрватска беше последен нејзин интерес тука во регионот, па затоа Унијата и во овој случај најде „соломонско решение“ како за многу кратко време да го заобиколи словенечкото вето.
– ЕУ да сакаше вистински, ќе ги започнеше преговорите со Македонија многу одамна, без разлика на грчкото вето. Грција во 2008 година беше на колена, клапната со финансиска криза и пред неизвесна иднина. Како што сега ЕУ финансиски ѝ помага на Украина, дури разработувајќи планови да го заобиколи евентуалното унгарско вето за следната финансиска транша, така за време на финансиската криза можеше да го заобиколи и грчкото вето. Тоа Атина немаше воопшто да ја погоди, целата работа ќе продолжеше под референцата ПЈРМ, почнувајќи од нашиот прием во НАТО до почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Но, Европа никогаш вистински не сакаше да ја прими Македонија во тој момент, така што работите се јасни, кога постојат волја и желба, се наоѓаат решенија. Таков е сега случајот и со бугарското вето. Ако Брисел сакаше, немаше најслабата и најсиромашна европска држава да ги држи европските интереси во заложништво. Да заклучиме, кога има интерес, ниту едно вето не е доволно цврсто – објаснуваат експерти упатени во европските политики. С.Т.