Фото: Игор Бансколиев

Октомври, па и почетокот од ноември се карактеризираа со топло време, што позитивно се одрази врз намалувањето на потрошувачката на електрична енергија и огревно дрво при затоплувањето на домовите и работните простории. Но какво време нѐ очекува во следниот период?

Релативно топлото време за овој период од годината им оди во прилог на граѓаните и од аспект на заштеда на енергија и финансии во услови на економска и енергетска криза. Со дневна температура од околу 15 степени, помала е и потребата за затоплување на домовите, што позитивно се одразува врз и онака истенчениот семеен буџет. Но до кога времето ќе ни биде сојузник против скапите енергенти?
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во следните денови нѐ очекува намалување на температурите.
Според Јулијана Фидановска Мишковска, дежурна синоптичарка во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во наредните денови можеме да очекуваме променливо врнежливо време, намалување на температурите и повремен снег на повисоките места. Според Мишковска, нѐ очекува променливо облачно време со умерен ветер, а по должината на Повардарието ќе има повремено засилен ветер од северен правец. Од петок кон сабота ќе има повремени врнежи од дожд, а во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, а во недела нѐ очекува стабилно време, вели Јулијана Фидановска Мишковска од УХМР.

Октомври, па и почетокот на ноември се карактеризираа со топло време, што позитивно се одрази врз потрошувачката на електрична енергија и огревно дрво при затоплувањето на семејните домови. Некои од граѓаните што своите домови ги затоплуваат со инвертери или слични грејни тела нагласуваат дека релативно топлото време им заштедило пари. Од друга страна, граѓаните што го користат огревното дрво велат дека во изминатиов период заштедиле, меѓутоа поради високата цена, која се движи околу пет илјади денари за кубен метар, биле принудени да купат помалку дрва за потребите на домовите и се плашат дека доколку зимава се соочат со ниски температури, купеното огревно дрво нема да ги задоволи нивните потреби.
Јовица Видановски, кој живее во општината Ѓорче Петров, нагласува дека својот дом го затоплува со инвертер. Поради топлото време во октомври, својот дом го затоплувал само во ноќните часови, притоа грејното тело го користел околу два часа, меѓутоа и покрај тоа неговата месечна сметка за потрошената електрична енергија изнесувала 5.800 денари. Доколку во наредниот период драстично се намалат температурите, Јовица Видановски вели дека ќе биде принуден да го користи инвертерот во текот на целиот ден, поради што се плаши дека сметката за потрошена електрична енергија да му достигне до 10.000 денари. Видановски вели дека неговиот дом не е приклучен на централниот систем за парно греење, ниту има можност да користи огревно дрво. Затоа е принуден да го затоплува својот дом со користење електрична енергија и се плаши дека најавата за покачување на струјата драстично ќе се одрази врз неговиот семеен буџет.

Бојан Јаневски, кој живее во Петровец, вели дека во изминатиов период заштедил во користењето на дрвата. Меѓутоа доколку дојде до намалување на температурите ќе биде принуден да ја зголеми потрошувачката на дрва за затоплување на својот дом. Тој посочува дека навремено обезбедил огревно дрво, но бидејќи оваа година цената била драстично покачена, бил принуден да купи помалку дрва. Минатата година купил 11 кубика дрва, а оваа година само шест кубика, поради што се плаши дека можеби ќе се соочи со недостиг од огревно дрво доколку се соочи со ниски температури. Бојан Јаневски се надева дека зимата што нѐ очекува нема да се карактеризира со драстични ниски температури бидејќи тоа ќе му предизвика проблеми при затоплувањето на семејниот дом.
Инаку, според најновата долгорочна временска прогноза на водечките меѓународни климатски авторитети, се посочува дека постои голема можност Европа да се соочи со значителен студен бран од идниот месец. Веројатноста за студ оваа година во Европа, најверојатно во декември, остануваат многу реална, посочува Карло Буонтемпо од Европскиот центар за временски прогнози со среден опсег.
– Излегуваме од топло лето. Знаеме дека зимите стануваат поблаги. Значи, можеби сме склони да мислиме дека ќе биде блага зимата и не треба да се грижиме. Можеби е така, но прогнозата што ја објавуваме денес и нашето разбирање за тоа како функционира климатскиот систем нè наведуваат да сугерираме дека, всушност, сè уште постои шанса за многу студен бран и, ако ништо друго, оваа година таа шанса, пред Божиќ, е повисоко отколку во нормална година – вели Буонтемпо.
Според него, важно е европските влади да ги искористат колку што е можно повеќе постојните податоци за климатските услови и веројатните временски обрасци, не само да планираат студени бранови туку и да предвидат потенцијални периоди на слаб ветер и слаби врнежи, кои би можеле да влијаат на производството на обновлива енергија. Д.Ст.