Мешањето во внатрешните работи на Македонија
уште еднаш Бугарија го демонстрира и со размислувања
и предлози за менување на нашиот устав
Правото на немешање во прашања од строга внатрешна надлежност е императивна норма и принцип што спаѓа во т.н. врховно перемпторно право (јус когенс). Во истата група спаѓа и правото на самоопределување, интегритет и себеименување, како и правото на недискриминација на државите… Но, и покрај сето наведено, со најавените подготовки од Софија за активно учество во процесот на измени на Уставот на Македонија, Бугарија флагрантно ги прекршува овие темелни вредности на меѓународното право, дискриминирајќи го својот сосед, но и целиот блок ЕУ, и најпосле, со своето поведение, ги урнисува целото меѓународно право и поредок!
Кога станува збор за фазата на процедурата во која се наоѓаат уставните измени што ѝ се наметнати на Македонија како услов од францускиот предлог, работна група од експерти составена од Министерството за правда веќе подготви предлог-текст на измените што треба да се внесат во постојниот текст на Уставот и го достави до Владата. Предлогот сѐ уште не е разгледуван на седница на Владата и не е доставен до Собранието.
Но, како еден нонсенс-момент за издвојување е преседанот на Бугарија, во пакет со новиот, уште повисок праг на толерантност на Брисел. Имено, од Софија најавуваат дека кога предлогот за уставните измени ќе влезе во процедура во македонското собрание, тие ќе ги претстават своите долго подготвувани идеи!? А на тоа нема никаква реакција од Брисел или од другите демократски центри од ЕУ?
– Кога ќе почне да дејствува собраниската комисија за измени на Уставот, тогаш ќе бидат претставени долго подготвуваните идеи на Демократска Бугарија – амбициозно најавува Христо Иванов, копретседавач на партијата Демократска Бугарија, кој истовремено ја дефинираше можноста Бугарија да ја промени својата позиција за преговарачката рамка со Македонија како целосен апсурд.
Налудничавите идеи што во меѓувреме пристигнуваат од Софија поттикнуваат, пак, мирно и спокојно поставување разумни и логични прашања. Дали преговарачкиот процес со ЕУ им дозволува индивидуално на земјите-членки влијание (мешање) во внатрешното уредување на земјите-кандидати, надвор од рамките на самиот процес, и колку е тоа во согласност со принципите на меѓународното право?
– Евентуалното спроведување измени на македонскиот устав никако не е поврзано со одредби од меѓународното право, а уште помалку некој надвор од Македонија има право да предлага идеи за менување на нашиот устав. Во Уставот е дефинирано како се спроведуваат уставни измени и единствено таму е запишана релевантната процедура што треба да се почитува и до која треба да се придржуваме во Македонија. „Идеите“ од надвор за тоа како би требало да се менува македонскиот устав не се вредни ни за коментар. Тие се пред сѐ за дневнополитичка употреба во земјата каде што се искажани, односно за во Бугарија. Македонија е суверена држава со свој устав, а одговорноста за него им припаѓа исклучиво на македонските граѓани – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.