Фото: Игор Бансколиев

Власта оценува дека на политичката сцена во земјава имаме нов момент по промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, со што се отвора патот за европска иднина на сегашните и идните генерации. Од друга страна, опозицијата со став дека не прифаќа промена на Уставот под, како што тврди, бугарски диктат и одново го иницира за прашањето за итни предвремени избори.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера од трибина на СДСМ во Кавадарци порача дека е добро за државата што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прифатил уставните измени и го променил ставот, со што се содава момент и нова реторика од онаа што досега доаѓаше од опозицијата.

– Одеднаш не е проблем делови од бугарскиот народ да влезат во Уставот. Со една изјава прифатливи се уставните измени, прифатено е учество во Влада со СДСМ и други партии. „Не“ стана „да“, затоа што „да” е секогаш посилно од „не” – изјави Ковачевски.

Тој нагласи дека СДСМ го предводи концептот за европска Македонија и работи за остварување на втората стратешка национална и државна цел – членство во ЕУ до 2030 година.

– Имаме историска шанса и силна поддршка од нашите стратешки партнери ЕУ и САД и сега е време за последниот чекор за да го продолжиме европскиот пат. Понудивме рака за дијалог на опозицијата и шанса и тие да се приклучат. И сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што го слушавме во изминатата година – рече Ковачевски.

Тој нагласи дека цело време бил убеден оти од ВМРО-ДПМНЕ ќе го слушнат вистинскиот глас и ќе се приклучат на праведната цел за да се обезбеди европска иднина за нашите сегашни и идни генерации и да се донесе одлуката за уставните измени.

– Оваа одлука е за граѓаните на државата, оваа одлука е за обичниот граѓанин на државата, за оној граѓанин кој што станува секое утро и оди на работа… Имаме шанса која не смееме да ја пропуштиме. Години и години може да чекаме наредна шанса. Подобар договор од овој што имаме ниту може, ниту ќе добиеме. Затоа, ајде заедно да ја донесеме одлуката со којашто ќе се гордееме – повика Ковачевски на трибината „Резултати што прават разлика“ во Кавадарци.

Но, наспроти оптимизмот на Ковачевски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вчера преку објава на Фејсбук порача дека „нема прифаќање на бугарски диктат“ за уставните измени и повика на одржување предвремени избори.

Тој во објавата посочи дека власта не успеала да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот, за што, според него, доказ е тоа прелогот за уставни измени се уште не е ставен на гласање на собраниска седница.

– Избори се решение… Народот да каже за иднината на Македонија како врховен судија во политиката! – додава Николоски во објавата.

Од неговата партија преку соопштение посочија дека се уште очекуваат одговор од премиерот Ковачевски на нивните два предлози, обвинувајќи го дека се обидува да „купува време“.

– ВМРО-ДПМНЕ даде два предлози за надминување на кризата, од кои ниту еден не е прифатен до сега од Ковачевски. 1. Уставни измени со одложено дејство кога ќе станеме членка на ЕУ и преодна влада без ДУИ. 2. Избори на есен, а потоа опозицијата која ќе биде да го поддржи следниот концепт. Барање на гаранции од европските институции за македонскиот многувековен идентитет, барање финансиска помош од ЕК за македонската економија и граѓани, барање до Бугарија да исполни најмалку три пресуди на ЕСЧП поврзани со правата на Македонците во Бугарија, па тогаш гласање на уставни измени… Ковачевски да не живее во паралелна реалност и нека каже кој предлог го прифаќа – се наведува во соопштението на најголемата опозициска партија.

Социјалистичката партија на Македонија оценува дека пописот е неуспешен, нецелосен, манипулирачки и тој им нанесува штета на националните интереси на граѓаните во Македонија.

И коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичката партија на Македонија побара власта да се изјасни по двата предлози изнесени на лидерската средба, оценувајќи дека неизјаснувањето по нив е показател дека СДСМ „нема желба, капацитет, ниту подготвеност да се решава кризата во државата“.

– Затоа Социјалистичката партија на Македонија истакнува дека проблемите единствено може и мора да се решат само со итни нови избори – се наведува во соопштението и се бара и „итна и неотповиклива оставка“ од премиерот Ковачевски, кој според партијата, „нема капацитет и способност да ја води владата и државата во процесот на евроинтеграции“.

Демократскиот сојуз, пак, порача дека веќе подолго време се залага за формирање на коалициска влада поддржана од сите парламентарни партии, при што „ќе се почитува уставното начело за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници“.

– Мотивот за ваква влада е да се заштитат стратешките и национални интереси на државата, демократизацијата, владеење на правото и унитарниот карактер на државата, се наведува во соопштението на ДС, кој до февруари беше дела од владината коалиција.

Но, партијата се противи на предлогот за формирање на „ширка влада“ со приклучување на ВМРО-ДПМНЕ кон владиното мнозинство.

– Според информациите и проценките на Демократскиот сојуз, идејата за широка коалициона Влада ќе доживее колапс, поради што Владата треба да поднесе оставка и да се одржат предвремени парламентарни избори, порача партијата.

Лидерот на Беса, Биљал Касами, пак, најави дека неговата партија нема да биде дел од евентуална широка влада.

– Движењето Беса ќе влезе во Владата дури по следните парламентарни избори, како победник на тие избори во албанскиот политички блок – изјави Касами во одговор на прашањето дали Беса ќе влезе во широката влада, што премиерот Ковачевски и ја предложи на ВМРО-ДПМНЕ.

Идејата за формирање на широка коалиција беше промовирана од страна на Ковачевски на лидерската средба со Мицкоски во средата, на која тој понуди влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. Мицковски, од своја страна, на средбата претстави услови под кои неговата партија би ги поддржала уставните измени и предложи формирање „Влада без ДУИ“.

По ова Централниот одбор на СДСМ во петокот донесе одлука за формирање работна група за продолжување на разговорите со ВМРО-ДПМНЕ и сите други парламентарни политички партии за операционализација на следните конкретни чекори околу уставните измени, која ќе ја предводи партискиот генерален секретар, Миле Зечевиќ Вардарски.

ДУИ пак во саботата се согласи да ја напушти Владата во замена за промени во Уставот и почеток на преговорите за членство на земјата во Европската Унија. – ДУИ е спремна истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата, доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени, изјави партискиот портпарол Бујар Османи по седницата на Централното претседателство на ДУИ.