Фото: Архива на „Нова Македонија“

Прашањето за кое засега никој не дава одговор е дали континуираното намалување на домашниот сточен фонд ќе се одрази и на понудата на свежо свинско месо, односно дали тоа ќе предизвика и пораст на цените во трговските маркети и месарници. Познавачите од овој домен смируваат тврдејќи дека засега не постои поголема опасност од пораст на цените на свежото свинско месо кај нас. Македонските фармери велат дека свињарските фарми и индивидуалните сточари минатата година имаа можност да набават поевтина сточна храна за прихранување на свињите. Но за да немаме поголемо нарушување на понудата на свинско месо, неопходно е да се спречи нередот што се заканува со ширењето на свинската чума

Африканската чума го десеткува бројот на свињите

Може ли намалувањето на бројот на свињите кај индивидуалните одгледувачи, поради појавата на африканската свинска чума, сериозно да се одрази на понудата на домашно свежо месо на македонскиот пазар?
Од почетокот на годинава во Кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи, што дополнително го намали сточниот фонд во македонските свињарски фарми. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврдија дека од примероците во одгледувалиштето во селото Тромеѓа, во лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје е потврдено присуство на болеста африканска чума кај свињите. На фармата со 600 животни од различни категории се угинати 60 свињи и се спроведени т.н. мерки за депопулација. Од АХВ велат дека состојбата засега е стабилна и се преземаат повеќе мерки, одземање, убивање и нештетно отстранување на свињите што се наоѓаат во одгледувалиштата во кои е потврдена болеста. Но прашањето за кое засега никој не дава одговор е дали континуираното намалување на домашниот сточен фонд ќе се одрази и на понудата на свежо свинско месо, односно дали тоа ќе предизвика и пораст на цените во трговските маркети и месарници. Ова прашање легитимно се наметнува од причина што постои потенцијален ризик заразата од свинска чума, која од минатата година се појави кај индивидуалните земјоделци во руралните подрачја во земјата, да се „пренесе“ и кај големите свињарски фарми. За информација, лани во една од најголемите фарми беа уништени околу 9.000 свињи, која покриваше 20 отсто од домашната понуда на свежо свинско месо!
Како ризични подрачја за одгледување на свињите се Кумановскиот Регион и планинските и рурални места, каде што изложеноста на свињите од заразени животни е многу полесна, поради слабата контрола и присутноста на голем број диви свињи, кои се преносители на болеста. Исто така, најизложени се индивидуалните фарми во реонот на Штип до бугарската граница, Берово, Делчево, Облешево, Кочани, Чешиново и Карбинци.

Бројот на свињите во Југоисточниот Регион е десеткуван. Според согледувањата на земјоделските здруженија во Македонија, Пи покрај проблемот со болеста свинска чума, сѐ уште ги покриваме домашните потреби за свежо месо. Но и натаму останува нискиот процент за покриеност на потребите за домашната преработувачка индустрија, кој изнесува околу 20 отсто.
– Тоа е нашата долгогодишна слабост во македонската сточарска политика во делот на свињарството, а која не успеваме да ја надминеме – посочуваат познавачите на свињарското производство.
Индивидуалните сточари покриваат значителен дел од понудата на свинско месо во Македонија. Доколку продолжи неконтролираното ширење на болеста, ќе имаме и дополнителни негативни ефекти за свињарството кај нас. Најголем предизвик за надлежните земјоделски и ветеринарни органи е да се оневозможи неконтролираниот увоз на приплодни грла што се со сомнително потекло и влегуваат од кумановскиот пограничен регион. Исто така, неопходно е да се преземе и поголема акција за намалување на бројот на дивите свињи, кои се и најголеми преносители на вирусот на домашните свињи, а кои се одгледуваат на отворен простор во планинските региони.
– Засега не постои поголема опасност од пораст на цените на свежото свинско месо кај нас. Свињарските фарми и индивидуалните сточари минатата година имаа можност да набават поевтина сточна храна за прихранување на свињите. Тоа е добрата страна од минатогодишните ниски откупни цени на домашната пченица, јачмен и други житни растенија. Но за да немаме поголемо нарушување на понудата на свинско месо, неопходно е да се спречи хаосот што владее со ширењето на свинската чума. Како приоритетни мерки од државата треба да бидат поголемите контроли при набавка на приплодни грла и подигнувањето на ветеринарната заштита во индивидуалните фарми. За зачувување на домашниот сточен фонд најдобро е да се помогнат големите фарми преку обезбедување поевтина храна и друга финансиска помош за поквалитетна санитарна заштита на животните. Тоа се трошоци што не можат да ги обезбедат малите свињарски фарми – ни изјави Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа.
За тоа каква е моменталната состојба со одгледувањето на свињите во домашните фарми, по појавата на африканската чума кај свињите, во Групацијата на производителите на свинско месо во Стопанската комора на Македонија ни одговорија дека за тие информации е надлежна Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Во овој момент намалувањето на бројот на свињите во домашните фарми е првенствено поради појавата на африканската свинска чума. Понудата на свежо свинско месо не е детерминирана од поголеми нарушувања на економските услови на пазарот, како што е прескапа храна и сл., но и тие фактори не можат целосно да се исклучат. Сега сите одговори се во Агенцијата за ветеринарство и храна и за тоа какви мерки ќе се преземат за спречување на заразата кај свињите – ни одговорија од Групацијата на производителите на свинско месо.
Во 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија се произведени 13.493 тони свинско месо. Една година пред тоа, односно во 2021 година, годишното производство било 15.528 тони. Според статистичките податоци, бројот на свињи во Македонија укажува на намалување, кое особено е забележително во приватниот сектор. Тоа следува поради високата цена на добиточната храна, највисоката трошковна компонента при одгледувањето. Значителен број товеници на индивидуалните фарми не се заклани во регистрирани кланици, туку им се продадени на приватни потрошувачи или употребени за потребите на домаќинствата. Во периодот 2008-2018, просечното годишно производство на свинско месо е 9,37 илјади тони. Сопствениците на свињарски фарми велат дека може да придонесат повеќе во обезбедувањето свежо свинско месо и суровина за преработка во месната индустрија доколку се преземат мерки за подобрување на расната структура во македонските стада на свињи.
Од АХВ изјавија дека на целата територија на државава ќе се спроведува и мерката на депопулација на сите нерегистрирани одгледувалишта со висок ризик во однос на спроведувањето на биосигурносните мерки.

– Во услови на појава на болест како што е африканската чума кај свињите, неминовно е одговорно однесување и од страна на сточарите и локалните самоуправи. Локалната самоуправа (општината) има законска обврска да обезбеди локација за јама најблиску до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни, кои дотаму се носат под надзор на официјален ветеринар. Потсетуваме дека во услови на епидемија или добиточна болест, во согласност со членот 222 од Кривичниот законик, непостапувањето по одлука на надлежен орган со која се определуваат мерки за отстранување или спречување болест е кривично дело за кое е предвидена парична казна или затвор до три години. Законот предвидува и повисоки казни за ова дело доколку поради делото настапи значителна штета – појаснуваат од АХВ. М.Ј.