Владата да подготви закон со кој во текот на една година ќе им престане мандатот на сите судии – од основните судии, па се до Врховниот суд и во тој период за секој судија да се спроведе постапка за ревизија на неговата работа, имотната состојба и постапка за реизбор, предложи претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
Тој рече дека владеењето на правото мора да биде приоритет на Владата, а тоа не е така.
Трајанов на денешната пленарна седница образложи дека со неговиот предлог професионалните, чесните и некомпромитираните ќе продолжат да бидат судии, а другите ќе понесат одговорност.
-Тоа би бил конкретен придонес, а не да се замајува јавноста со изјавите дека судиите треба да бидат засрамени, каква хипокризија е тоа. Последните судски одлуки се резултат на корумпиран политичко судски пазар, а не самостојни одлуки на судиите. Предлог законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка и покрај поддршката од надлежните комисии, го блокирате и не дозволувате фер судење, за да се види одговорноста на политичкиот врв, обвинителите и судиите, во над 200 монтирани судски процеси. Дојдовте на власт со паролата, „Нема правда, нема мир“, а од правда ниту првата буква – рече Трајанов.