Покрај сондирањето на европската политичка елита, како и одредени меѓународни организации, во полза на ослободувањето на Македонија, одредени македонски револуционери се обидуваат да ги придобијат и најистакнатите европски интелектуалци и општественици. Во таа насока се и активностите на Димитар Ризов, близок до македонските револуционерни кругови. Ризов се обидува да го придобие рускиот писател Лав Толстој, еден од најголемите романописци на сите времиња, во прв ред поради неговите најпознати дела „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. За средбата со Толстој, Ризов во своите спомени вели: „Пред мене се наоѓаше старец од околу 70 години, среден раст, со лице што сјае, со голема бела брада и мустаци, со јадар сплескан нос, со неголеми сиви очи и необично широко чело, со темна коса на главата. Беше облечен во црна кошула и исто такви панталони, препашан со црн ремен и обуен во груби чизми слични на затвореничките обувки“

Од историските архиви

Кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, македонските револуционери активности се насочени кон вооружување, организирање чети и подготовки на востание против Османлиската Империја, а покрај тоа, преземени се и одредени дипломатски чекори кон придобивање на европското јавно мнение за македонската ослободителна идеја.
Во оваа конотација е и изборот на Александар Радев за претставник на Македонскиот комитет на Првата конференција на мирот во Хаг во 1899 година. Радев требало да стапи во контакт со ерменската револуционерна организација „Трошак“ и заеднички да го постават македонското и ерменското прашање пред европските и светските сили. Слични активности презема и македонското друштво „Екатерина Симитчиева“, кога заедно со Бугарскиот женски сојуз испраќа еден меморандум до Лигата за мир што заседава во Париз. Во споменатиот меморандум било истакнато: „Ние ја молиме Лигата на мирот да го употреби своето моќно влијание во полза на измаченото христијанство во Македонија. Таа би можела да го направи тоа великодушно дело, кога би се потпрела врз еден меѓународен договор потпишан од големите сили и Турција. Берлинскиот договор содржи, навистина, во својот член 23 едно ветување за реформи во Македонија од страна на Високата порта. Тој член не ја изгубил силата; тој е само нарушен од Турција. Македонците сакаат имено прилагање на тој член, кој за Турција преставува еден тржествен и задолжителен ангажман“.
Покрај сондирањето на европската политичка елита, како и одредени меѓународни организации, во полза на ослободувањето на Македонија, одредени македонски револуционери се обидуваат да ги придобијат и најистакнатите европски интелектуалци и општественици. Во оваа насока се и активностите на Димитар Ризов, близок до македонските револуционерни кругови. Ризов се обидува да го придобие рускиот писател Лав Толстој, еден од најголемите романописци на сите времиња, во прв ред поради неговите најпознати дела „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. За средбата со Толстој, Ризов во своите спомени вели: „Пред мене се наоѓаше старец од околу 70 години, среден раст, со лице што сјае, со голема бела брада и мустаци, со јадар сплескан нос, со неголеми сиви очи и необично широко чело, со темна коса на главата. Беше облечен во црна кошула и исто такви панталони, препашан со црн ремен и обуен во груби чизми слични на затвореничките обувки.“

Разговорот помеѓу Толстој и Ризов зафатил повеќе теми, за да се доближи до македонското прашање преку споделување мисли за општествените уредувања во светот и судбата на потиснатите луѓе. Во текот на разговорот Толстој подвлекол: „Чувството за справедливост е вродено во луѓето и колку жестокиот општествен строј да го осакатува, сепак тоа лежи во дното на човечката душа и не може а да не заговори кај повеќемина луѓе“. Меѓу другото, Толстој во разговорот укажал дека е револтиран од гестот на Фердинанд Кобургски, кој за да стане бугарски монарх си ја сменил верата на татковците, а овој чин го именувал како вероотстапништво.
Ризов од своја страна укажал дека неговата родна земја Македонија е прекрасна, богата и плодородна, меѓутоа таа е угнетувана и истоштувана од страна на Турците. Според Ризов: „Никој христијанин во неа не е стопанин на својот имот, ниту пак на својот живот. Грабежите и убиствата, затворите и прогоните, обесчестувањата и потурчувањата се вршат таму со една бессрдечна правилност, која се граничи со систематичност“.
Толстој одговорил дека има доста заматени претстави за Македонија, знае дека „ја владеат Турците и оти на христијаните животот не им е најдобар, ама од вашите кажувања се гледа дека е длабоко несреќна земја“. И покрај ова резонирање, Ризов го замолил Толстој да се застапи за Македонија, бидејќи рускиот писател имал авторитет и големо влијание во културните средени, а апелот за Македонија напишан од перото на Толстој би имал големо значење. Но Толстој не ја прифатил молбата, истакнувајќи дека неговата дејност е „чисто етичка, а не политичка“.

Според Димитра Ризов, Толстој одбил да се заземе за Македонија поради своите филозофски и идеолошки видувања. Ризов смета дека рускиот писател бил анархист во најшироката смисла на зборот, во „чистото и хумано поимање на тој збор“. Толстој верувал дека на крајот од историскиот прогрес се јавува уништувањето на државата, за него секоја власт била насилство. Оттука, Толстој резонирал дека отстранувањето на османлиската власт во Македонија немало да донесе слобода, бидејќи османлиското ропство ќе било заменето со ново ропство, нова власт и затоа не ја поддржал иницијативата на Ризов.
Меѓутоа, неколку години по средбата со Ризов, рускиот писател го променил својот став за Македонија. Во оваа конотација се пишувањата на весникот „Словенец“ од 23 март 1903 во Љубљана, дека Толстој заедно со Максим Горки приготвуваат албум за Македонија. Исто така треба да се спомене дека академикот Гане Тодоровски укажува на постоењето на одредени контакти на македонски студенти од Швајцарија со Толстој, а како доказ ја посочува преписката помеѓу една група македонски студенти, преписка што се наоѓа во куќата на Толстој, сместена во Јасна Полјана. Д.Ст.