Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Заврши состанокот на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата  Вреди за преговори за формирање коалиција за нова влада што се одржуваше попладнево во седиштете на ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално од учесниците, состанокот беше оценет позитивно и најавено е заедничко соопштение за произлезените заклучоци.

Пред почетокот на состанокот куса изјава за медиумите даде Азир Алиу од Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, кој кажа дека ќе се разговара за методологијата и динамиката на работа на овие групи.

Одговарајќи на новинарски прашања Алиу речи дека најверојатно од наредниот состанок на работните групи ќе почнат поконкретните разговори вклучувајќи ги и кадровските решенија.

За тоа дали се точни информациите дека бројот на пратеници на коалицијата Вреди би се зголемил, Алиу рече дека тоа сега засега се шпекулации.

Алиу на состанокот на работните групи во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ дојде заедно со другите членови на работната група од оваа коалиција. Според информациите на ВМРО-ДПМНЕ, членови на работната група од нивна страна се потпретседателите на партијата Владо Мисајловски, Александар Николовски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитровска Кочовска.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со потпретседателите и првите луѓе од партиите од коалицијата Вреди Изет Меџити, Африм Гаши и Арбен Таравари имаа средба во саботата во седиштето на коалицијата Вреди кога и официјално почнаа разговорите за формирање влада.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.