Фото: ЕПА

Претставниците на Европскиот парламент во вторникот гласаа за нов инструмент за трговска заштита на Европската Унија, односно за заштита од настојувањето на земјите што не се членки да влијаат врз одлуките на Унијата преку економски притисок

Европскиот парламент неделава гласаше за нов инструмент за трговска заштита на ЕУ

Дизајниран првенствено како средство за одвраќање, новиот инструмент за трговска заштита ѝ помага на ЕУ да се бори против економската принуда и да возврати со контрамерки за заштита на суверенитетот на Унијата и земјите-членки во геополитички контекст во кој странските земји сѐ повеќе ги користат трговијата и инвестициите како оружје.
Според регулативата, усвоена на пленарната седница во Стразбур, економската принуда е обид на земја што не е членка на ЕУ да влијае врз Унијата или земја-членка да преземе одредена одлука, користејќи трговски закани или инвестиции, објави Европскиот парламент.
Иако ја поткопува стратегиската автономија на Унијата, овој тип принуда не е покриена со Договорот на Светската трговска организација (СТО). Механизмот на СТО за решавање спорови не се применува на случаи на економска принуда, освен ако некој аспект од неа не ги прекршува правилата на организацијата.
Комисијата ќе има четири месеци да истражи дали има потенцијална принуда и, врз основа на нејзините наоди, Советот ќе има рок од осум до десет недели да одлучи со квалификувано мнозинство дали станува збор за принуда. Главната цел ќе биде да се воспостави дијалог со властите на земја што не е членка на ЕУ за да се убедат да се откажат од принудата. Меѓутоа, доколку овие обиди не ги постигнат посакуваните резултати, ЕУ ќе има на располагање широк опсег на контрамерки.
Доколку се воспостави принуда и земјите-членки ја прифатат, Комисијата ќе има шест месеци да подготви соодветен одговор, информирајќи ги парламентот и Советот за секоја фаза од постапката.

Со новиот инструмент, претставниците посветија особено внимание на функцијата на одвраќање и договорија сеопфатна листа на можни одговори на ЕУ, вклучувајќи ограничувања на трговијата со стоки и услуги, на правата на интелектуална сопственост и странски директни инвестиции. Предвидени се и мерки како што се воведување ограничувања за пристап до пазарот за јавни набавки на ЕУ и пазарот на капитал и издавање одобренија за производи во согласност со хемиските и хигиенските правила.
Според новите правила, Унијата ќе може да бара „надомест на штета“ од земјата од каде што доаѓа заканата, а Комисијата може да преземе и мерки за наплата на овие надоместоци.
Откако Советот официјално ќе ја усвои регулативата – што се очекува во октомври – таа ќе стапи во сила дваесет дена по нејзиното објавување во „Службениот весник на Европската Унија“.

Комисијата го предложи механизмот во декември 2021 година по барање на Европскиот парламент и како одговор на економскиот притисок што го извршија САД за време на администрацијата на Доналд Трамп. Германскиот социјалдемократ Бернд Ланге, известувач и претседател на Комитетот за меѓународна трговија, истакна дека новиот инструмент ѝ обезбедува на Унијата широк опсег на одговори на притисоците.
– Овој инструмент овозможува брз одговор на присилните мерки, на притисокот од другите земји. Воведовме јасни временски рокови и јасни дефиниции за да кажеме што е присилна мерка и како да се одговори на неа. Сега имаме на располагање широк спектар на контрамерки. Иако оваа алатка за борба против принудата треба да дејствува како одвраќање, ќе можеме, доколку е потребно, да преземеме мерки за одбрана на суверенитетот на Европската Унија – изјави Ланге.