Фото: Влада

Работата со повратниците од странските боишта и нивните семејства подразбира психосоцијална поддршка што ја спроведуваат тимови на психолози, психотерапевти и психијатри во соработка со центрите за социјална работа. Ваквата поддршка започна во мај 2022 година. Бидејќи се работи за специфична чувствителна програма, не само со лични и социјални предизвици во процесот на реинтеграција на повратниците од странските боишта туку и со безбедносни импликации, во целиот процес се вклучени, односно е под надзор на безбедносните служби и на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам

Институционална антиципација на насилниот екстремизам и тероризам и реакција на надлежните

Покрај (гео)политичките, економските и глобалните безбедносни импликации од воените жаришта во „блискиот свет“, кои како посредни рефлексии доаѓаат и до Македонија, како непосреден предизвик за земјава од овие глобални динамики се покажа справувањето со ситуацијата на репатријација на македонските граѓани што биле директни учесници на боиштата надвор од државата. Обликот на предизвик со кој се соочува Македонија е од видот на насилен екстремизам и тероризам, кој се поврзува со учесниците на странските боишта во изминатите десетина години, претежно на Блискиот Исток, во Ирак и во Сирија.

Неопходност од широк општествен и интегриран одговор

Имајќи предвид дека насилниот екстремизам и тероризмот се комплексни безбедносни проблеми што не препознаваат граници, култури, религии или етнички групи, феномени што нѐ засегаат сите нас, потребен е широк општествен и интегриран одговор. За таа цел, Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, формиран во 2017 година со одлука на македонската влада, има подготвено стратегии и акциски планови за справување со реалните предизвици од овој вид во Македонија. Во изработката на стратегиите беа вклучени различни општествени чинители, а активна улога имаа претставници на државните институции, верските заедници, академската заедница, граѓанскиот сектор и медиумите.
Според ажурираните податоци на Комитетот за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, од Македонија како учесници во странски војски и милиции се заминати 143 лица (мажи и жени), а досега во земјава се вратени 80 лица. За уште пет лица се знае дека сѐ уште се активни на странските боишта на Блискиот Исток и не се очекува нивно враќање во Македонија.
Досега, во Македонија се спроведени две репатријации на македонски граѓани, учесници на боиштата во Сирија и Ирак. Втората организирана операција на репатријација е спроведена во 2021 година, кога беа вратени четворица мажи – странски терористички борци, пет жени и 14 деца. Оние повратници (претежно мажи) за кои беше докажано дека активно учествувале во дејствата на странските војски беа осудени од судски процеси во Македонија и некои сѐ уште ја издржуваат затворската казна. Но исто така и повратничките (сопруги на борците) беа подложени на истрага од надлежните служби за обезбедување докази за нивно можно учество во инкриминирани дејства, и тоа за секој случај поединечно. Денес, надлежните велат дека за ниту една од жените не биле добиени докази за нивна казнено–правна одговорност, односно ниту една од повратничките од боиштата во Сирија и Ирак не е осудена.

МЦМС активен со програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“

Речиси во истиот период кога беше организирана втората репатријација на повратниците од боиштата во Сирија и Ирак, во јули 2021 година, Македонскиот центар за меѓународна соработка започна да ја спроведува програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“. Програмата се спроведува во партнерство со неколку граѓански организации: НЕКСУС – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива, „Плеиадес и хоризон цивитас“. Финансиската поддршка ја обезбедува Глобалниот фонд за ангажираност и отпорност на заедницата (ГЦЕРФ). Програмата вклучува работа со повратниците и нивните семејства, работа со заедниците, работа со работниците од првата линија (психолози, социолози, педагози, наставници и сл.) и работа со институциите.
Работата со повратниците и нивните семејства подразбира психосоцијална поддршка што ја спроведуваат тимови на психолози, психотерапевти, психијатри во соработка со центрите за социјална работа. Ваквата поддршка започна во мај 2022 година.
Бидејќи се работи за специфична чувствителна програма, не само со лични и социјални предизвици во процесот на реинтеграција на повратниците од странските боишта туку и со безбедносни импликации, во целиот процес се вклучени, односно е под надзор на безбедносните служби и на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, со кој раководи националниот координатор Златко Апостолоски.
Речиси две години откако е активно започната програмата за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратниците од странските воени жаришта, националниот координатор Апостолоски е воздржан во однос на оцените за нејзината ефикасност.
– Периодот во кој се спроведува програмата за реинтеграција преку ресоцијализација и рехабилитација на овие лица е премногу краток и сѐ уште е рано за да може да се измери ефикасноста од програмата, но сепак се бележи одреден напредок за нивната реинтеграција, особено кај жените и децата – вели Златко Апостолоски.

Дали доброволното вклучување на повратниците во процесот на реинтеграција, рехабилитација и ресоцијализација (РРР) е хендикеп?

Со оглед на фактот дека учеството во РРР-програмата е на доброволна основа, а се работи за лица осудувани за насилен екстремизам и тероризам, дури и со елементи на верски радикализам, логично се наметнува прашањето – што значи „доброволноста“ за учество во програмата од безбедносен аспект, доколку некој не прифати да учествува во програмата?
– Согласноста за доброволно вклучување во процесот на реинтеграција, рехабилитација и ресоцијализација се темели на претходна информираност за процесот и се заснова на доверба и почитување јасни процедури. Секако, целиот процес и процедурите вградени во него се во согласност со обврските што произлегуваат од меѓународното право, вклучувајќи ги и меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за бегалци, меѓународните стандарди и релевантни резолуции на Советот за безбедност на ОН и меѓународните конвенции, како и во согласност со националното законодавство. За лицата што не прифатиле да учествуваат во програмата, безбедносно-разузнавачката заедница презема соодветни безбедносни мерки, во согласност со домашната легислатива – наведува националниот координатор Апостолоски.
Во контекст на транспарентноста на институциите за темата на реинтеграцијата на повратниците од странските боишта, достапна е информацијата дека оваа година, на шестмина осуденици им завршуваат затворските казни за учество во странски војски и милиции. Таквата информација, пак, ја сензибилизира јавноста за тоа какви се превентивните безбедносни мерки што ги преземаат институциите од евентуален ризик некој од повратниците од странските боишта што ја отслужиле казната да ја загрози безбедноста на македонските граѓани и на државата.
– Во согласност со стандардните оперативни процедури пред отпуст и постпенална помош за радикализирани осудени лица, во рамките на Управата за извршување на санкциите се спроведува постапка пред отпуст. Во согласност со посебна индивидуална програма за осудените лица, во периодот пред датумот на отпуст се интензивираат активностите околу подготовка на осудените лицa за реинтеграција во општеството. Преку заеднички план воспоставен во соработка со безбедносните служби, центрите за социјална работа, невладините организации, верските заедници и други претставници на граѓанското општество се активираат можностите од вклучување во процесот на реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на доброволна основа, како и за мониторинг по отпустот, односно по нивното ослободување откако ја издржале затворската казна – кажува за безбедносните мерки националниот координатор за спречување насилен екстремизам и тероризам Златко Апостолоски.