Павел Делирадев – Бугаринот што ја разобличуваше софиската шовинистичка политика

Делирадев има бугарско потекло, но е еден од главните противници на бугарската експанзионистичка политика, особено во однос на Македонија. Во почетокот на 20 век гравитира околу групацијата на Јане Сандански и е еден од носителите на идеолошката борба против врховизмот преку весниците и други печатени материјални. Делирадев е еден од ретките што ги преживува т.н. чистки во македонското движење, кога по наредба на Иван Михајлов се ликвидирани многумина приврзаници на Сандански. По Втората светска војна се пројавува како приврзаник и поддржувач на македонската држава и афирматор на македонската самобитност

Врз основа на санстефанскиот идеал како радикален бугарски национализам и со покровителство на бугарскиот двор и други великобугарски групации се појавува т.н. врховизам, кој е олицетворен во активностите на бугарскиот генерал Иван Цончев, близок човек до бугарскиот кнез Фердинанд. Преку врховистите, односно приврзаниците на Иван Цончев, официјална Софија се обидува да ги диктира настаните во Македонија преку вештачки востанички движења. Поради овие активности, врховистите најпосле се оформуваат како бугарска вооружена пропаганда и доаѓаат во судир со Македонската револуционерна организација (МРО). Постепено како главен стожер на борбата против врховистите и великобугарската политика кон Македонија ќе се пројавија Јане Сандански и неговите приврзаници, познати како серчани. Судирот помеѓу двете вооружени страни бил жесток, а ова е особено видливо во т.н. Кашински настан кога шестмина врховистите се заробени, а четворица од нив биле осудени на смрт и ликвидирани.
Паралелно покрај вооружената борба, против врховизмот се води и идеолошка борба преку весниците и друг печатен материјал, како што се брошури и слично. Поради оваа потреба, Јане Сандански се опкружува со млади интелектуалци што ги споделуваат неговите погледи за суштината на македонското револуционерно движење. Во оваа групација, која гравитирала околу Сандански, како носители на идеолошката борба против врховистите се пројавил и Павел Делирадев.
Конкретно Делирадев има бугарско потекло и е роден во Панаѓуриште. Но тој се оформува како еден од главните противници на бугарската националистичка политика, особено во поглед на бугарските територијални претензии кон Македонија, но и на секој друг балкански шовинизам. Ова е особено видливо во пишувањето на српскиот весник „Политика“ од јуни 1908 година. Според споменатиот весник, Делирадев одржал говор во кој нагласил дека „непријателите на слободата на народот се: султанот, кралот Петар, кралот Георги и кнезот Фердинанд“. Неговите антиврховистички погледи се евидентни во статија „Научна критика или патриотска софистика“ објавена во весникот „Одрински глас“, во мај 1908 година. Во оваа статија, Делирадев пишува дека бугарската армија не треба да се очекува, а меѓународните односи се толку заплеткани, што не може да се допушти никакво евентуално ослободување со помош од страна.
Уште од самото влегување во македонското револуционерно движење, Делирадев се залагал македонското прашање да биде решено преку оформување на Македонија како одделна политичка единица, во оваа смисла тој е радикален противник на присоединувањето на Македонија кон бугарската држава. Во контекст на решавањето на македонското прашање се залагал за федеративната идеја, односно за создавање балканска федерација во која Македонија требало да влезе како рамноправна членка. Делирадев образложувал дека во рамките здружувањето, границите на културната диференцијација би ги достигнале своите природни граници, а секој член на семејството на федеративните народи би се чувствувал обединет со своите браќа по крв и јазик, а истовремено би учествувал во општиот културен напредок на федеративните народи. Според Делирадев, Македонија имала посебна улога и би престанала да биде јаболко на раздорот и би станала главна врска во балканската федерација и помирувањето на непријателските народи. Делирадев повикал кон создавање голема источна федеративна република што ќе го отстранела националистичкиот антагонизам и ќе обезбедела услови за иден политички, економски и културен развој на сите балкански народи.

Особено се интересни и неговите искажувања за македонското движење. Делирадев јасно нагласува дека македонските револуционери биле насочени кон: „Македонија треба да се обособи и политички во своите набележани од природата географски граници. Извојувањето на политичката независност во рамките на тие граници го пронајде својот класичен израз во лозунгот: Македонија на Македонците“.
Павел Делирадев се пројавува и како критичар на еден дел од македонската емиграција што ја прифатил бугарската или српската надворешна политика кон Македонија. Тој вели дека широките народни маси продолжиле по патот на Гоце и Јане, но збогатените слоеви во Бугарија и Србија, покрај трговијата со делото ја поткрепувале и шовинистичката политика на оние држави во кои се најдоа. Според Делирадев, тие во својата ненаситна жед за брзо збогатување, лесно ги промениле фамилијарните имиња. Според пишувањата на Делирадев: „За пари тие може да се чинат и Бугари и Срби, Грци и Албанци. Само не и Македонци, зошто немаше кој да им плаќа за тоа. А борбата бараше и налагаше жртви“. Делирадев исто така вели дека како трговци, индустријалци, министри, депутати, професори, офицери, новинари и др. придобиле огромно значење за шовинистичката, потисничката и великобугарската политика на Кобурзите во Бугарија. Според Делирадев, тие ги раководеле врховистичките напади против Македонската револуционерна организација (МРО). Д.Ст.